Достапни линкови

Обвинителство отвори истрага против градоначалникот на Петровец


Илустрација
Илустрација

Јавното Обвинителство отвори истрага против градоначалник Борче Митевски и неговиот брат под сомнение за злоупотреба на службена должност и перење пари. Градоначалникот за РСЕ вели дека „се е чисто“.

Перење пари и злоупотреба на службена должност – за овие кривични дела се осомничени двајца браќа. Првиот е градоначалник на општина Петровец Борче Митевски, а вториот е неговиот брат сопственик на фирма. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал минатиот месец отвори истрага против градоначалникот Митевски, вработен во општината, братот на градоначалникот и управител на една од фирмите за кои постои основано сомнение дека преку нив биле издавани фиктивни фактури.

Градоначалникот Митевски во изјава за Радио Слободна Европа вели дека сите фактури кои биле исплатени од општината не се фиктивни, туку се за извршени услуги.

Оваа истрага е отворена по кривичната пријава на Управата за финансиска полиција која беше поднесена за време на изборната кампања за локалните избори. Тогаш во јавноста оваа пријава се третираше како политички прогон против градоначалникот кој доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова е втор пат како по пријава се постапува за овој предмет. Градоначалникот вели дека и пред четири години обвинители веќе еднаш ја чешлале документацијата, и го затвориле предметот како чист.

“Истиот предмет го работеше Обвинителството за организиран криминал, пред три четири години и го затворија како чист предметот. Пред избори на пола година Финансова полиција ги побара сите предмети и документи од 2012 година, комплет“, вели Митевски.

Тогаш работите застанеле во предистражна постапка. Овој пат, по новата кривична пријава е отворена истрага.

Според пријавата, осомничениот Митевски како градоначалник во период од 2012 до 2018 година потпишал 24 фиктивни фактури во вредност од половина милион евра на фирмите чијшто вистински сопственик е неговиот брат.

„Првоосомничениот – градоначалник на општина и третоосомничениот – надзорен орган во општината, како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување при јавни набавки, а второосомничениот како вистински сопственик на две правни лица и брат на првоосомничениот, сторил две продолжени кривични дела и тоа кривично дело Поттикнување во врска со кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Дополнителен проблем е и конфликтот на интереси според кој службено лице не смее да донесе одлука која ќе биде во интерес на близок член на семејството. Нешто што според градоначалникот не било проблем.

„ Како викаше господинот Зоран Заев, дали сите мои братучеди и браќа треба да ги затворат фирмите, никаде не пишува дека не смее да учествува, а како пренесоа медиумите изјава, дека јас сум му наместил тендер на брат ми. Како можам да му наместам тендер на брат ми кога на таа јавна набавка учествувале 7 фирми и 20 намалувања на цените имало и тоа електронски“ вели Митевски.

Обвинувања за „Списоци со гласачи“ и притисоци во изборна кампања

Според законот за спречување на коруција службено лице во вршењето на својата функција, не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство.

Според пријавата на финансовата полиција тендерите ги добивала фирмата „Леома транс“ и „Аце транс Компани“ каде што управител е братот на градоначалникот Драган Митевски.

На прашањата кои се сопственици на овие две фирми, градоначалникот Митевски вели дека само Аце Транс е во сопственост на неговиот брат, а Леома Транс е како што вели „на некој инвеститор“. Според податоците од Централен Регистар соптвеници на Леома Транс се Игор и Катерина Маневски, а според локацијата каде што е регистрирана компанијата, станува збор за соседи на „Аце Транс“.

Според податоците на Бирото за јавни набавки „Леома транс“ има склучено 14 договори за јавни набавки услуги како што се чистење на градежен шут вреден 25 илјади евра, потоа зимско одржување на улици и чистење на снег со две различни цени, правата за 10 илјади евра, а втората по две години подоцна за 19 илјади евра,како и за ископ на бунар за водоснабдување.

Истражителите за радио Слободна Европа велат дека на терен утврдиле дека исплатените фактури се фиктивни, односно дека не се извршени услугите за кои општината си платила.

Според податоците од Бирото за јавни набавки компанијата „Аце транс“ само за една јавна набавка склучена со општината Петровец искеширала над 300 илјади евра за набавка, транспорт и изработка на тампонски слој. Вториот договор склучен во 2013 година изнесува 243 илјади евра и се однесува за набавка набавка, транспорт и изработка на тампонски слој.

Како што соопшти на прес конференција директорот на Управата за финансиската полиција Арафат Муареми, братот на градоначалникот е второ осомничен во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на фирмите „Аце транс компани“ и „Леома транс “ ДОО Скопје. Според Муареми проблематично е и тоа што во јавната набавка компанијата лажела дека поседува техничка опрема за да се стекне со право да учествува во тендерот.

Кривична пријава за опозицискиот градоначалник на општина Петровец

Третосомничен е во својство на инжинер за надзор, додека четвртоосомничениот е во својство на сопственик и управител на фирмата „СМ БАУ“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на фирмата „ЧОЛА ТОП“ ДООЕЛ Батинци, и петто пријавениот е во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце Транс компани “ Скопје.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG