Достапни линкови

„Ноќта кога ја убив месечината“ со прашање кој е вистинскиот човек денес


Сцена од претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ на Марјан Ѓорѓиевски и Битолски театар / фото Љупчо Илиевски

Работена по „Мостот“ од Лорен ван Велтер, во Битолскиот театар, во деновите од минатиот викенд на сцена беше премиерно изведена „Ноќта кога ја убив месечината“ во режија и адаптација на Марјан Ѓорѓиевски. Проектот ги отвора суштествените прашања на човечкото постоење.

На Битола во деновите од минатиот викенд, 19 и 20 февруари, по подолго време и се случи театар. Онаков каков што го милуваат и по каков што несомнено силно копнеат битолчани. На сцена, со актери кои горат од страст и влегуваат длабоко во себе од таму да ги ископаат емоциите и така да ја раскажат приказната. Да ги постават наново и наново прашањата, да побараат одговори.

Се разбира, по сите протоколи за превенција и заштита од Ковид-19, со педантно избројана бројка на присутни во салата - 36, се случи премиерата на „Ноќта кога ја убив месечината“ во режија и адаптација на Марјан Ѓорѓиевски. Станува збор за, како што велат од Театарот, втора „пандемиска“ претстава по „И коњите ги убиваат, зар не?“ чија првична онлајн изведба симболично беше одржана на 31 декември минатата 2020 година.

А, инспирирана од „Мостот“ делото на Лорен ван Велтер за кое превод од бугарски на македонски јазик подготви актерот Александар Копања кој овде го толкува АЗ (човек од висока класа), „Ноќта кога ја убив месечината“ онака како што ја адаптирал и режирал Марјан Ѓорѓиевски, кој патем за себе како актер си го оставил ликот БУ (човек од средна класа), всушност ги отвора суштествените прашања на човечкото постоење.

Од таму, не случајно тој во своето творечко обраќање до публиката како потписник на проектот ќе напише:

„Мост. Точно на полноќ. Месечина и двајца самоубијци. Случајна или намерна средба? Двата лика застанати на работ на нивното постоење, ги отвораат суштествените прашања за смислата на тоа постоење.

Овој свет патува од психолошка реалност до апсурдна баналност, тој распон е огромен простор, дупка во која пропаѓате и копате во љубовните, семејните, општествените прашања со акцент на извитоперената слика на човекот денес. Капитализмот е на тест. Слободата и демократијата ги злоупотребуваме, живееме во автоцензура и предвреме се откажуваме од витинското битисување, осамени сме и изгубени трчајќи по лажните вредности. Кој е вистинскиот човек денес? Каков треба да биде? Колку маски ставаме да за да функционираме во изместената реалност, со ничкосани норми?

Стравот за смртта и стравот од тоа вистински да се живее“, пишува Ѓорѓиевски.

Во драмата на двајцата, едниот од висока и другиот од средна класа, режисерот вклучува и еден непостоечки лик во делото. Сценографот Валентин Светозарев, добил задача да биде просјак и да се погрижи за музичката подлога на претставата. Покрај нив несомнено на висината на своите задачи биле и Благој Мицевски како автор на костимите, кореографот Валентино Апостоловски, Николче Терзиевски одговорен за дизајнот на тонот и Горан Петровски кој го аранжирал светлото во претставата.

И, да се вратиме на воведната констатација. За тоа колкав е интересот на битолчани за театар веројатно најточно говори тоа што билетите за премиерната и втората изведба беа продадени недела дена претходно, а дека нешто слично се случува и со преостанатите две што треба да се одржат ова среда и четврток, на 24 и 25 февруари.

И, уште нешто и се разбира доста значајно. „Ноќта кога ја убив месечината“ како прва премиера оваа 2021 година е проект кој целосно работен од сопствени средства на Битолскиот театар и по иницијатива на актерите кои работат во него. Ова, пак, несомнено говори дека нема сила и во вакво зло време која може да ги запре да ја живеат и практикуваат својата уметност. Овде и сега.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG