Достапни линкови

Нов договор на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ реформи - теорија и практика


Претседателите на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски
Претседателите на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски

По изборниот ден во двете најголеми партии во земјава се наметнува прашањето што реално може да се очекува како промена во општеството. Изборни ветувања, најави за внатрепартиски реформи и промена на политичка доктрина беа само дел од најавите на новите партиски лидери.

Нови ветувања за обединување и заеднички патриотизам, нови концепти за државата, преземање на одговорност, посвета на партиското членство, но и отворање на партиите кон нови идеи и професионалци. Ова се само дел од промените кои ги ветија двете најголеми политички партии во земјава ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по вчерашните избори за нови лидери. Премиерот Зоран Заев повеќе не е лидер на владејачката СДСМ, негов наследник е Димитар Ковачевски. До ова дојде по загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ. Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема промени, актуелниот лидер Христијан Мицкоски доби втор мандат со ветување за втора епоха.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека очекува повеќе промени во СДСМ отколку во ВМРО-ДПМНЕ по изборот на нов лидер, затоа што во опозициската партија станува збор за избор на континуитет.

„Таму тоа што може да се очекува е дека Мицкоски со новиот мандат ќе може да ги направи сите промени кои што можеби не можел да ги направи претходно, да ја консолидира својата визија, и да ја постави партијата во она што е неговата стратегија. Во СДСМ се очекуваат поголеми промени затоа што таму изборот е со наратив на промени. Таму може да се очекува смена на некои од раководните позиции, може да се очекува смена во владиниот кабинет“, вели Арсовски.

Од друга страна, новиот лидер на владејачката СДСМ Ковачевски не објасни што по неговиот избор со партиското раководство но и со реконструкцијата на Владата кое се очекува откако тој ќе треба да предводи нова Влада, според досегашните најави дека лидерот ќе биде и премиер.

Според статутот на СДСМ досегашните потпретседателите на партијата Мила Царовска, Венко Филипче и Фатмир Битиќи се во оставка, и нивните заменици може да се бираат на наредниот партиски Конгрес кој може да го свика новиот претседател или пак со одлука на Централниот одбор. Засега Заев останува на премиерската позиција, додека не си поднесе официјално оставка до Собранието.

Што порачаа лидерите на најголемите политички партии ?

Пораките кои и двајцата лидери ги испратија по изборот, беа првично насочени кон членството со повици за обединување и внатрепартиски реформи, без при тоа да се нападне противникот, што е новина. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека и двајцата лидери во своите говори укажа на потребата на смирување на тензијата и навлегување во помирни политички води во следниот период. Останува да видиме дали тоа во реалност ќе се рефлектира во нивното делување, додава тој.

„Ако лидерите на политичките партии повикуваат на сплотеност, на напредок на државата може да направат исчекор и да почнат понормално да комуницираат меѓу себе и мислам дека се одговорни тоа да го обезбедат, да почнат да комуницираат и да функционираме како едно нормално општество. Не сакам премногу оптимизам да покажам за говорите, но таа одговорност ја имаат кон членството, но секако е за поздравување тоа што немаше критики и напади на опонентите“, вели Муслиу.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најави нова доктрина од 17 точки која се уште во целост не е објавена. Мицкоски во својот говор ја претстави како втора епоха именувајќи ја како „Нов Договор“.

„ Дел од поентите во неговиот говор ги сфатив како некој вид на меѓуетничка сплотеност на државата, нов договор во однос на тие меѓуетнички односи, укажа на елементи од 90-тите години. Мислам дека тој Нов договор подразбира и тенденција за зголемување на капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ за коалиција и со албанските партии и треба да видиме како тоа ќе се реализира и во кој правец ќе се движи“ вели Муслиу.

Со новата доктрина на јавноста и се понудени само неколку примери како подобрување на економски стандард на ниво на „една Австрија“ економски раст, регулирана трговија со крипто валути и намалување на давачките кон државата. Од друга страна ВМРО – ДПМНЕ најави и идеолошки промени односно движење кон центарот и лево со цел проширување на опфатот на поддржувачи на партијата.

„Тоа се нормални промени во денешно време. ВМРО-ДПМНЕ беше под критика дека е премногу десно, и заради тоа некои од клучните проекти како Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија се проблематични и оваа најава јас ја толкувам во таа насока, дека тие сакаат да ги исклучат тие критики од новата доктрина на партијата“, вели Арсовски.

СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ со најави дека ќе ги отворат вратите за „професионалци“

И двајцата лидери најавија дека ќе ги отворат своите партии за професионалците, за како што вели Мицкоски за „дијалог со мудрите глави“.

„Што се однесува кон отворањето на професионализација и промени, тоа теоретски е возможно, но треба да видиме дали новото раководство навистина ќе оди кон таа насока, бидејќи досега партиите обично се потпирале на сопствени сили, најавите за професионализација се добредојдени но да видиме дали тоа ќе се оствари во пракса“, вели Арсовски.

Пред одржувањето на 17-тиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на партијата побараа од новиот лидер на СДСМ средба со цел закажување датум за предвремени избори. Од владејачката партија пак изјавија дека сега не е време за избори.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG