Достапни линкови

Јавно здравство - јавно (не)задоволство


Клинички центар „Мајка Тереза“

Во ек на четврт бран од пандемијата со ковид-19, дел од пацентите се незадоволни од македонскиот здравствен систем и велат дека чекаат со денови за да стигнат до преглед. Други пак, се задоволни што брзо завршиле работа. Матичните лекари бараат од Министерството за здравство да се поедноставни пристапот за пациентите до здравстените услуги.

Самохрана 36-годишна мајка бара помош од сограѓаните за пари за операција на очите на нејзината 5-годишна ќерка. На ваква слика наидовме во скопската државна клиника. Сања Ибраимова пред камерата на Радио Слободна Европа се пожали дека по пожарот кој ја зафатил нејзината куќа, се разболела нејзината ќерка и дека од детска клиника ја пратиле на операција во Бугарија. Таа бара парична помош од сограѓаните, но и од сите македонски институции да ѝ се помогне да ја плати сметката во бугарската клиника.

„Ние имаме собрано досега 3,5 илјади евра, а до 25 илјади евра немам моќ, еве вака питаме по улиците, спијам по улиците за да соберам пари да платам за крв и млеко да му однесам“, вели таа.

Пациентите кои ги сретнавме пред скопската клиника се жалат дека чекаат со саати да бидат примени за преглед или контрола. Жител од тетовскиот крај се жали дека пациент болен од рак со денови чека за преглед.

„Здравството е нула, проблемот е што од четвртокот со документација чекавме 4 саати да не примат и почнаа докторите, кој во еден, кој во еден и пол да си одат дома и нас не вратија назад. Еве дојдовме пак да чекаме ред, и дојдовме пак и еве пак чекаме“, вели тој.

Од друга страна пак, на пример Соња Петровска од Кочани која го чекаше својот сопруг да прими хемотерапија вели дека е задоволна од услугите во скопската онкологија, но додава дека во болниците во внатрешноста состојбата е ужас и хаос.

„За мојот сопруг докторите не водеа сметка, прво матичниот лекар не ни даваше упат за снимање, не е проблем, имаше висок притисок, тој страда од белите дробови, тука беше на снимање и се утврди дека имал канцер. Пак баравме да се снима, па во Кочани ако немаш врски нема да се снимаш, па благодарение на Фејсбук, преку пријатели што не ги познавам ми објаснија што ни треба“, вели таа.

Чекање до исцрпување за преглед во Државна
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:26 0:00

Дел од пациентите се задоволни од здравствените услуги во скопските клиники.

„Немаме за упат проблем, за редовни контроли за упати немаме проблем, како што ние еднаш месечно одиме , во ред е, ни даваат за тоа. Е сега тука резултати се чекаат малку, ама во ред е донекаде“, вели Снежана Милошевска.

„Делумно сме задоволни, сега не презадоволни ама сепак се тера, не е како што очекувавме дека нема да можеме да влеземе, ќе чекаме редици долги, сега за сега завршивме работа на неколку клиники“ вели Блерим Фида.

Матичните лекари бараат поголеми овластувања

Матичните лекари пред два месеци побараа од Министерството за здравство да направат измени во системот со цел да им се олесни пристапот до лекови и здравствени услуги на пациентите и да се намали препраќањето на еден пациент до неколку специјалисти за да го добие потребниот лек. Претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека во изминативе неколку недели имале средби со претставници на Министерството за здравство, но додава дека останало само на тоа.

„Во 92-ра година матичен доктор можеше да препише голем број на лекови, а сега кога имаме електронско здравство и се следи дали некој препишува многу или малку, или прави некои пропусти може сè да се детектира во тој систем. Така што, наместо да направиме едно смарт здравство без хартија, да не се дуплираат електронските записи со оние во картони, можеме многу промени да направиме, но едноставно ништо не се поместува во овој дел од здравството.“

Се чека законот за лекарска дејност

Од министерството за здравство велат дека законот за лекарска дејност е изготвен и ставен во националниот регистар на прописи на увид на јавноста.

„До крајот на септември е предвидено да се преземат потребните чекори,“ се вели во одговорот на министерството за здравство.

Матичните лекари бараат од Министерството да можат поедноставно да закажуваат ехо и потребни снимања, а со тоа пациентите помалку да шетаат по клиниките во потрага по потврда дека им треба снимање. Бараат да се подобри системот „Мој термин“, но и да се адаптира листата на лекови кои ќе имаат право да ги препишуваат матичните лекари.

Ибраимовска повторно ќе дојде пред државниот клинички центар, но не за да го види своето дете, туку да собере уште некој денар во најлонското ќесе од луѓето како неа што ја разбираат нејзината мака.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG