Достапни линкови

Вешт лов на гласови со заобиколување на изборни правила


План за затворен базен во Свети Николе
План за затворен базен во Свети Николе

Антикорупциска Комисија посочува на заобиколување на изборните правила со темпирани тендери и почнување на проекти од локалните власти, како и на поддршка на централната власта на градоначалниците кои ќе трчаат по уште еден мандат. Од друга страна, ДИК не гледа баш прекршување на изборните правила, затоа што до нив не стигнала листата на официјалните кандидати за градоначалници.

Актуелниот градоначалник на Свети Николе Сашо Велковски по објавата дека ќе учествува во трката за нов градоначалнички мандат соопшти дека е распишан тендер за изградба на затворен базен. Допрва ќе се избира која фирма ќе го гради базенот, што според ветувањето на минатите избори требаше пред две години да биде готов.

Според изборните правила, по донесување одлука за распишување на локални избори не е дозволено да се инвестира во капитални објекти освен ако претходно тоа не било планирано. Но, оваа активност е најавена уште лани со конкурсот за идејно решение за затворен базен, со што според изборниот законик не е забрането.

Антикорупционерите велат дека политичарите со ова ги заобиколуваат изборните правила. Претседателската на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска вели дека политичарите се влезени во вешт лов на гласови кои што сакаат да си обезбедат и следен мандат и ги темпираат активностите. На пример, планот за јавни набавки се носи кон крајот на претходната година за наредната или на почетокот на годината.

„Зошто се чекало дури сега, односно зошто се темпирало дури сега да биде обајвен тендерот за реализација на тој проект откако знаел дека го добива следниот предлог за да биде кандидат на претстојните локални избори. Се чувствува како да се манипулира и суптилно да се влијае врз гласачите“ вели Ивановска.

Ивановска: Изборните правила се заобиколуваат и злоупотребуваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:09 0:00
Директен линк

Примерот со градоначалникот за заобиколување на изборниот законик не е единствен. Денеска Вицепремиерот Артан Груби во придружба на министерот за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши беа на промоција на проекти од владината програма ТАВ за поддршка на општините, при што јавно даде поддршка за кандадатурата на актуелната градоначалничка Теута Арифи за трет мандат во Тетово.

„ Тетово ја заслужува Теута , една челична жена, една челична мајка која помина многу низ нејзиниот живот, но и во скората историја, само што излезе од изолација од ковид 19 ги засука ракавите и почна да работи во интерес на граѓаните.. Гледаме дека реализира проекти, нешто што го очекувале Тетовчани со децении, затоа сметам дека сите ние ќе продолжиме да стоиме силно зад Теута Арифи и во новиот мандат за да ја заокружи успешната приказна за Тетово кое ја заслужува Теута“ изјави Груби.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи за доделување грант од Владата од програмата ТАВ
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи за доделување грант од Владата од програмата ТАВ

Тој ја искористи приликата како висок претставник на ДУИ на медиумите да им соопшти во кои општини партијата ќе има сигурна победа на локалните избори.

Предизборен владин „ботокс“ од програмата ТАВ за општините

Ивановска вели дека со презентацијата на проектите од ТАВ програмата вредна речиси 50 милиони евра суптилно се влијае врз гласачкото тело.

„Мината година тоа беше хит, да се оди кај објекти кои се веќе започнати. Сега е хит ТАВ проектот бидејќи во договорот што треба секоја општина да го склучи со ТАВ стои дека реализацијата ќе започне по 27 јули, како да е темпирано во предизборниот период да биде. Сето тоа остава еден лош впечаток, го нарушува интегиртетот на самиот изборен процес“ вели Ивановска.

Само во текот на вчерашниот ден двете министерки Јагода Шехпаска и Мила Царовска и премиерот Зоран Заев прошетаа низ Македонија за да видат до каде се градежните работи низ општини. Ако за време на минатата власта најавите за посети гласеа поставување на камен темелник, сега терминологијата е сменета, па тие одат на увид. Па, така Премиерот Заев беше со вицепремиерите Груби и Фатмир Битиќи на увид на отпочнување на изградба на мостот “ Љубљанска“.

А таква предизборна кампања води и ВМРО-ДПМНЕ. На пример деновиве кандидатот за градоначалник на од таа партија за Гевгелија Андон Сарамандов ја презентираше својата програма од четири столба за градот, а на собирот беше присутен и партискиот лидер Христијан Мицкоски кој прочита и писмо до идните градоначалници од нивните редови.

Државната изборна комисија ќе делува кога кандидатите ќе бидат ставени на хартија

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вели дека не гледа прекршување и дека партиите имаат право да ги презентираат кандидатите и се додека не добијат на хартија потврда кој е официјално кандидат за градоначалник не можат да делуваат.

„Не можам директно од случај во случај да се впуштам, меѓутоа на 11 септември ќе биде денот кога ќе бидат објавени листите. И тогаш ние ќе знаеме кои официјални кандидати ќе бидат, по тоа што го гледаме сега ние, некои што биле предлог за градоначалник па сега не се. Така што не знаме точно, дури ни партиите не ги објавиле, а камо ли листите. Кога ќе ги објават листите тогаш тоа би значело политичка поддршка, затоа што тогаш точно ќе се знае и на хартија е ставено кој е кандидат“ вели Даштевски.

Тој во интервјуто за Радио Слободна Европа што ќе биде објавено в недела додава дека сепак ќе разгледуваат во комисијата дали има или нема прекршување на изборниот законик, но потсетува дека сега имаат многу работа и обврски кои мора да ги завршат.

„Ако добиеме некои опипливи материјали врз основа на кои би презеле мерки. Сега дали ќе бидат тоа видео или пишани материјали, или приговори од политичките партии или други субјекти би постапиле“.

Формалниот старт на изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите што би значело дека за овие локални избори распишани за 17 октомври кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG