Достапни линкови

Недостигаат матични гинеколози, најранливите жени најпогодени


Илустративна фотографија

Единствениот матичен гинеколог од Шуто Оризари си заминува во пензија. Во триесетина други општини нема гинеколог. Потребни се системски решенија за да се реши недостигот на матични гинеколози.

Дваесетгодишната Адријана Дестан со неверување ја дочека одлуката за заминување на единствениот матичен гинеколог во Шуто Оризари. Таа е во осмиот месец од бременоста со нејзиното прво дете, па сега не е сигурна дали ќе најде матичен гинеколог.

„Искрено да ви кажам тешко. Сега јас се соочувам со ризична бременост, и сега ми е најпотребен матичен гинеколог. Ќе треба да одам кај друг гинеколог, и притоа морам да плаќам. Јас каде што сакам сега да одам е 500 денари прегледот, ехо. 500 денари преглед “, разочарана е идната мајка.

Шуто Оризари е една од општините каде со години не е решен проблемот со матичен гинеколог. Во изминатава деценија неколку доктори дојдоа да работат, но брзо си заминуваа. Последниот дојде пред шест месеци, но сега си оди во пензија.

Салија Бекир Халим, од Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, објаснува дека дури и кога ќе дојде нов гинеколог кај нив, жените знаат дека брзо ќе си замине, па не сакаат да се запишат кај него. Затоа, иако невладините проценуваат дека има над 8000 жени на кои им е потребен гинеколог, само нешто над 1000 го прифатиле за матичен последниот доктор.

„Голем дел и од жените се плашат да отворат картони, баш од овие причини затоа што ние во три наврати изминатиов период имавме па немавме (гинеколог). И верувајте, тие жени потоа остануваат без матични гинеколози. Затоа што едно време од кога ќе направите реизбор, повторно кој ќе ве прими“, вели Бекир Халим која револтирано додава дека за шест месеци две жени од Шуто Оризари починале при породување.

Токму во недостапноста на гинеколозите гледа една од причините за ваквите трагедии. Затоа и бара сите да смогнат сили, и конечно да се најде решение за проблемот.

„Ова е системски проблем, не само за Шуто Оризари, меѓутоа во Шуто Оризари главно е сконцентриран голем број жени коишто спаѓаат во социјално-ранливите категории категории и треба да биде приоритет“, додава Бекир Халим.

Повеќе општини немаат матичен гинеколог

Повеќе македонски општини се соочуваат проблемот на недостиг на матични гинеколози во нивните општини. Според податоците од Фондот за здравствена заштита, на ниво на држава има 163 гинеколози во примарна здравствена заштита. Поголемиот дел од нив работат како матични гинеколози, останатите само приватно. Рaспределени се во 40 општини. Убедливо најголем број се лоцирани во Скопје, во општината Центар, дури 27. Во останатите скопски општини бројот на гинеколози варира, од еден во Бутел, до шест гинеколози во Гази Баба. Во 13 општини е впишан само по еден гинеколог, додека во триесетина ниту еден.

Според Душко Филиповски, претседател на здружението на приватни гинеколози-акушери на Македонија, поголем проблем од бројноста на гинеколозите е нивното отсуство од одредени општини. Дециден е и дека е невозможно да има гинеколог во секоја општина, со оглед на тоа што во дел од нив има многу малку жители. Меѓутоа како најкритични ги споменува Шуто Оризари, Арачиново, Крушево и Демир Хисар. За ова да се реши, вели дека се потребни системски решенија и стимулација за матичните гинеколози.

„Гинеколози слободни нема. Гинеколозите што завршуваат или одат во болниците или одат во странство. Нема друго. Матичен гинеколог, нов ,млад, да дојде кај мене да ми рече докторе пиши ме во матични мене, не се случило години наназад. Значи одма ги земаат приватните болници или одат во странство“, дециден е Филиповски.

Според него, привремено решение на проблемот гледа во распоредување на сегашните гинеколозите во критичните општини каде би оделе еден или два дена во неделата. Трајно решение пак смета дека е школување нови кадри кои ќе специјализираат да работат како гинеколози во своите општини.

„Трајно решение е да се школуваат наменски гинеколози со точно однапред место дека таму ќе работи. Тоа може и со кофинансирање или финансирање од државата, ама точно да се знае“, додава докторот.

Со мрежата на ниво на примарна здравствена заштита е предвидено да има по еден тим за гинекологија составен од еден избран гинеколог и една медицинска сестра на 3000 жени постари од 14 години. Според овие податоци, на ниво на држава недостасуваат стотина гинеколози.

Најранливите жени да бидат приоритет

Борјан Павловски, од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ со години работи на истражувања за пристапот на жените до здравствена заштита, со посебен фокус на ранливите групи. За него загрижувачки податок е тоа што голем дел од бременостите, околу 10 отсто, минуваат без ниту една здравствена контрола на национално ниво.

„Голем дел до матичните гинеколози им наплаќаат на жените за услуги, иако здравствените услуги кај матичниот гинеколог треба да се бесплатни. Меѓутоа, нашите истражувања покажуваат дека 60% од жените се соочиле со тоа да гинекологот наплати некоја здравствена услуга. Немањето финансиски средства е уште една бариера за жените да не посетуваат гинеколог, затоа што не можат да платат за овие здравствени услуги кои според подзаконските акти треба да бидат бесплатни за овие жени“, вели Павловски.

Смета дека недостигот на матични гинеколози ќе станува поизразен и поради старосната структура, па се поголем број ќе заминуваат во пензија. Решение гледа во вработување на гинеколозите во здравствените домови, со платена специјализација од државата. Во општините пак каде нема матични гинеколози, предложува државата да дава субвенции преку обезбедување опрема или плати за персоналот. Посебен фокус вели дека мора да се стави на најранливите жени, како оние од Шуто Оризари.

„Со тоа што не поседуваат гинеколог, може дополнително да им се влоши здравјето. Со влошување на здравјето тие не се во можност ниту да работат, ниту да придонесуваат за себе, за своите семејства. И со тоа се влегува во оној магичен круг каде што сиромаштијата води до нарушено здравје, нарушеното здравје до сиромаштија, неможност за работа, со што уште повеќе се продлабочува родовиот јаз“, додава Павловски.

Од Министерството за здравство пак излез од оваа ситуација гледаат во измените на Законот за здравствена заштита, кои месецов се најдоа на дневен ред во Собрание.

Со предвидените измени и дополнувања, меѓу другото, се дозволува јавна здравствена установа-болница која врши специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност од областа на гинекологија да организира здравствени услуги на примарно. Оваа можност би се дала само тогаш кога нема доволен број тимови на подрачјето на местото на живеење. Здравствените услуги во овој случај ќе може да ги укажува специјалист по гинекологија и акушерство вработен во установата, во простор и со опрема на установата.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG