Достапни линкови

Невремињата стануваат безбедносна закана


Storm in Skopje, August 30, 2022

Итно е потребна заедничка акција во Скопје за спречување на ефектите од климатските промени, бидејќи невремињата, топлотните бранови и загадениот воздух во градот стануваат сѐ посериозна закана врз безбедноста и здравјето на граѓаните

Невремето кое го зафати Скопје е екстремен настан и такви често ќе се случуваат во иднина поради климатските промени, алармираат граѓански еко-здруженија.

Невремињата и поплавите ќе бидат се поголема закана врз безбедноста на граѓаните, во услови кога официјални документи покажуваат дека половина Скопје не е покриено со атмосферска канализација. Граѓаните ќе страдаат и здравствено поради загадениот воздух, екстремните топлотни бранови во лето и екстремните ниски температури на зима.

Затоа од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ повикуваат на итна заедничка и координирана акција меѓу државата, локалните власти, бизнис секторот и граѓанските здруженија за Скопје да стане по-отпорно на климатските промени.

Тие укажуваат дека градот се соочува со неправилен развој поради преголемата урбанизација и непланското градење, а континуираното намалување на зелените површини значи и намалено апсорбирање на големите количини вода по силните дождови.

„Скопје има план за адаптација и тоа е Стратегијата за климатски промени „Отпорно Скопје“ од 2017 година. Таа содржи многу убави мерки, кои сѐ уште не гледаме дека се имплементирани во пракса, а за тоа е потребна поддршка од централната власт. Потребно е взаемно информирање и координирање, а тука можат многу да помогнат и бизнисите“, вели Елена Никловска од „Еко-свест.“

Како опасности поврзани со климатските и метеоролошките влијанија во стратегијата „Отпорно Скопје“ е наведено дека се високо загадениот воздух, екстремните временски појави како топлотните бранови во лето и студените бранови во зима, свлекување на земјиштето, поројни врнежи проследени со луњи и грмотевици, силни ветрови и долготрајна магла која се задржува во скопската котлина.

Резултатите од моделирањето укажуваат дека моменталното ниво на заштита од поплави на урбаната зона на Скопје е сè уште разумно.
Резултатите од моделирањето укажуваат дека моменталното ниво на заштита од поплави на урбаната зона на Скопје е сè уште разумно.

Од „Еко-свест“ велат дека негативните ефекти од климатската криза во земјава, а особено во главниот град, допрва сите ќе ги чувствуваме.

„За жал, ние како општество само покажавме дека воопшто не сме подготвени за справување со последиците од климатските промени“, велат од „Еко-свест.“

Стратегијата „Отпорно Скопје“ покажува колкава е опасноста од поплавите, бидејќи скоро половина од главниот град не е покриен со атмосферска канализација.

„Атмосферската канализација покрива само 25 отсто од градот или повеќе од 50 проценти од станбената површина“, се вели во документот.

Токму поради тоа се случува поплавувањето на подвозниците на критичните точки во центарот на градот.

Колку повеќе бетон и асфалт, толку повиски температури. Зголемување на зелените површини е меѓу поважните работи, заедно со едукацијата и подигнување на свеста, промената на однесувањето и навиките на граѓаните.

Важни се и акциите за повисоки градежни активности, развој на план за управување со сообраќајот и добро урбанистичко планирање.

Потребно е да се отвораат нови зелени работни места, да се изработи инвентар на стакленички гасови, да се направи идна проекција за потрошувачка на енергија во Скопје, намалување на температурата и топлотните острови во градот со намалување на потрошувачката на енергија и со зелени површини, покриви и фасади, електрификација на транспортот...

Урбаната зона на Скопје има значително високо ниво на заштита од поплави, се вели во стратегијата, додека Водно и Скопска Црна Гора се претставени како критични зони со значителен ризик од поплави поради несоодветното планирање и пренатрупаноста од станбени објекти.

Исто така, анализите покажуваат потенцијален ризик од поплави на изворите Рашче од реката Вардар, од каде цело Скопје се снабдува со вода за пиење.

Фото „Отпорно Скопје“: Урбани топлотни острови и највисоки среднодневни температури регистрирани во Центар, Бутел, Автокоманда и Тафталиџе.
Фото „Отпорно Скопје“: Урбани топлотни острови и највисоки среднодневни температури регистрирани во Центар, Бутел, Автокоманда и Тафталиџе.

Климата значително влијае врз здравјето на граѓаните, особено врз ранливите групи, старите лица, и луѓето кои работат на отворено: комуналните работници, полицајците, пожарникарите, земјоделските и градежни работници, бездомните луѓе.

Смртноста кај населението од температурните екстреми (високи и ниски) се зголемува од кардиоваскуларни и респираторни болести, труење со храна и меланом на кожа, стои во документот.

Иако во Македонија управувањето со ризици од катастрофи е организирано на национално и на локално ниво, Државниот завод за ревизија во извештај од оваа година укажува на отсуство на функционална поврзаност и координација меѓу институциите на национално и локално ново за спроведување на мерките за ублажување на климатските промени.

Има недостаток на финансии, кадар и технички ресурси, а во законските одредби недостасува јасна дефиниција за климатските финансии и климатско означување на буџетот.

Постои Национален комитет за климатски промени формиран уште во 2003 година, кој треба да дава насоки за севкупните климатски акции, но во пракса тој не функционира и неговото постоење е од формална природа, наведуваат ревизорите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG