Достапни линкови

НАТО опциите против руските ракетни закани?


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг објави дека Алијансата ги разгледала потенцијалните мерки против Русија ако не се придржува кон Договорот за нуклеарните сили со среден дострел. Што и да е решено, тоа нема да биде објавено се до почеткот на август, за кога САД најавија повлекување од договорот.

Столтенберг изјави дека на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел било решено Алијансата да остане дефанзивна во своите акции и оти нема намера да распореди нови копнени нуклеарни проектили во Европа.

„Не сакаме нова трка во вооружување, но истовремено мораме да продолжиме да одржуваме кредибилна одбрана. Ова е мисијата на НАТО“.

НАТО ќе возврати на руските закани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Пред состанокот Столтенберг оцени дека распоредувањето на новите руски проектили претставува јасно кршење на договорот за нуклеарните сили на среден дострел.

Овој договор забранува производство, тестирање и распоредување на копнени и балистички проектили со опсег од 500 до 5.500 километри.

Говорејќи за какви ракети станува збор Столтенберг рече:

„Тешко е да се детектираат, мобилни се и затоа го намалуваат времето на предупредување“.

Во февруари Соединетите држави започнаа шестмесечен процес на повлекување од договорот постигнат со тогашниот Советски Сојуз, инсистирајќи на тоа дека руските ракети од типот SSC-8 го нарушуваат овој договор.

Процесот на американското повлекување завршува на 2 август, освен ако Русија не го промени ставот.

На дводневниот состанок во Брисел учествува и вршителот на должноста американски секретар за одбрана Марк Еспер кој уште еднаш ја потврди американската приврзаност кон НАТО.

Најпрвин да ви пренесам дека моето присуство тука, моето назначување, е едноставно промена во лидерството. Тоа не е промена во мисијата. Тоа не е промена на приоритетите и тоа не е промена во посветеноста на САД кон НАТО“.

НАТО се обидува да ја охрабри Русија да учествува на состанокот на амбасадори во наредната недела, за да разговара околу ова прашање, со оглед на тоа што времето истекува за да се спаси договорот кој се смета за камен-темелник на европската одбрана.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG