Достапни линкови

Навивачки тенк за Црвена звезда, Хрватска се жали


Навивачите на фудбалскиот тим Црвена звезда од Белград го бранеа поставувањето на стар борбен тенк пред нивниот стадион пред синоќешниот натпревар во рамките на квалификациите во Лигата на шампионите против швајцарскиот шампион Јанг Бојс. Тенкот предизвика силна реакција од соседна Хрватска, која водеше војна за независност од Југославија.

Станува збор за вистински советски тенк од типот Т-55 кој беше користен за време на крвавиот распад на Југославија во 90-тите.

Тенк пред стадионот на Црвена звезда во Белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Тенкот е паркиран во близина на трибината резервирана за најжестоките приврзаници на Црвена звезда, познати како Делије, или слободно преведено, „најсилни момчиња“.

Хрватските медиуми објавија дека тенкот е „јасна провокација“ и „скандал“ и посочија дека на тоа мора да реагира и Европската фудбалска федерација, УЕФА.

Но, навивачите на Црвена звезда сметаат дека тоа е само симбол за нивната парола, „Звездината машина проработе“.

Борислав Даниловиќ, навивач на Црвена звезда вели дека ова не е провокација:

„Видов на Фејсбук дека Хрватите се бунат. Тие не не сакаат, но за мене тоа е одлична работа“.

Станиша Босиоковиќ пак додава:

„Читам секакви работи во медиумите, но ова е повеќе спорт отколку што било друго. Не гледам никаква провокација, не знам. Црвена звезда треба да победи“.

Српските власти го опишаа тенкот како „реплика“.

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави:

„Потсетува на тенк, има „гасеници“ и има макета на купола која е изработена. Значи не станува збор за тенк, не станува збор за нешто што може да загрози нечиј живот“.

Претставници на српската армија прецизираа дека тенкот внатре немал никаква опрема и оти сега бил само „музејско парче“.

Милан Гујаница, портпарол на српското Министерство за одбрана вели:

„Нема мотор, нема трансмисија, цевката на тенкот е заварена, отстранети се сите нишански и оптички уреди и во неговата сегашна состојба овој тенк е само макета и музејски експонат“.

До поставувањето на тенкот дојде на неколку дена откако маскирани лица нападнаа два бара во Хрватска, додека етнички Срби на телевизија го следеа првиот меч на Црвена звезда против Јанг Бојс.

Притоа беа повредени најмалку пет лица. Инцидентот ја загреа борбената реторика меѓу хрватските и српските политичари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG