Достапни линкови

Гневот поради корупцијата и Навални можат да ја редефинираат руската политика


Протестите во Русија голем предизвик за моќта на Путин

„Путин крадец!“ Ова беше една од главните пораки кои одекнаа низ градовите низ Русија на 23 јануари, кога народот излезе на улиците од Владивосток на Далечниот исток до Калининград на Балтичко Море. Пресметката на опозицискиот лидер Алексеј Навални со Кремљ влезе во нова фаза .

Последен пат кога Русија забележа ден на митинзи со толкав географски обем беше во март 2017 година, откако Навални објави видео во кое тврди дека има корупција од тогашниот премиер Дмитриј Медведев.

Овој пат, непосреден катализатор беше видео извештајот насочен кон богатството на самиот претседател Владимир Путин.

Демонстрациите на национално ниво беа иницирани од најгласниот критичар на Кремљ, кој е во притвор и се одржа под слоганот „Слобода за Навални!“

Приведувања на протестите за ослободување на Навални
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Но, аналитичарите велат дека видеото „Палатата на Путин“, комбинирано со гневот поради затворот на Навални може да го преориентира политичкиот баланс во Русија.

„Постојат два различни мотива за демонстрантите, но тие се множат“, изјави за РСЕ политичкиот аналитичар Абас Галијамов, додавајќи: „Навални станува синоним за борба против корупцијата“.

Навални се врати во Русија на 17 јануари по пет месеци поминати во Германија, каде што закрепнуваше од последиците од труење со нервен отров, за што го обвинува Путин.

Патрушев: Западот го користи Навални за дестабилизација на Русија

Народната поддршка може да му помогне да избега од долгата затворска казна и да постави робустен предизвик за моќта на Путин.

Следниот ден, тој беше притворен на еден месец во очекување на судско рочиште за обвиненија за повреда на условното ослободување што може да го стави зад решетки 3 и пол години.

Пред да биде одведен, тој ги повика Русите да излезат на улиците. Во видео-извештајот објавен следниот ден - кој сега е виден повеќе од 70 милиони пати на Јутјуб - тој наведува дека Путин и неговите соработници „ќе крадат сè повеќе и повеќе додека не ја банкротираат целата земја“.

Истражувачкиот извештај е насочен кон палатата на Црното Море од 1,36 милијарди долари, која, според Навални, му припаѓа на Путин. Навални вели: „Русија продава огромни количини нафта, гас, метали, ѓубриво и дрва - но приходите на луѓето продолжуваат да паѓаат, затоа што Путин има своја палата“.

Русите реагираа масовно на 23 јануари, протестирајќи во најмалку 60 градови и во зимски температури кои паднаа на минус 52 Целзиусови степени во Јакутск, Сибир. Многумина држеа плакати и знаци кои се повикуваа на истрагата „Палатата на Путин“ и со осудува на корупцијата.

САД и ЕУ со осуда за приведувањата на протестите во Русија

Полицијата реагираше со сила, користејќи палки и штитови за да ги растера толпите и полнеше комбиња со активисти - вклучувајќи ја и сопругата на Навални, Јулија Навалнаја, која се врати со него од Германија во Москва. До доцна вечерта, повеќе од 3.400 лица беа приведени низ целата земја.

Руската државна телевизија во голема мера ги игнорираше протестите, но провладините мрежи неосновано го обвинија Навални за миење мозок на младите во Русија, линија што честопати ја користат властите во обиди да го дискредитираат опозициското движење.

„Тие не ги изнесуваат своите деца“, рече гостинот во шоуто за интернет разговор што го водеше државниот канал РТ за Навални и неговите сојузници. „Децата на Навални не се ни во Русија!“

Но, доказите за масовно учество на тинејџерите се покажаа за тенки. Во Москва, околу 40.000 луѓе излегоа на протест на централниот плоштад Пушкин, со малку малолетници во толпата.

14-годишно момче кое на новинар му рече дека дошло „само да погледне“ подоцна беше грубо приведено од полицијата во услови на извици: „Тоа е само дете!“

Повикот на Навални за протест среде зима и пандемијата на ковид-19 се сметаше за коцка и тест за неговата способност да добие значителна поддршка за нов притисок против Путин, кој е на власт две децении, а во минатата година, на референдум, го обезбеди правото да се кандидира за повторен избор во 2024 година и повторно во 2030 година.

Не е јасно дали значителните, широко распространети протести ќе резултираат со тоа што Навални ќе избегне долга затворска казна. Во 2013 година, големите митинзи за негова поддршка пред Кремљ и другите знаменитости во Москва беа заслужни за условната затворска казна во траење од пет години.

ЕУ ќе ја почека одлуката на Судот за Навални пред да воведе санкции кон Русија

„Ако протестите на 23 јануари не донесат непосреден резултат - ослободување на Алексеј Навални - тогаш ваквите настани ќе се случуваат повторно и повторно“, изјави помошникот на Навални, Леонид Волков, за РСЕ.

Иднината на опозициското движење во Русија, исто така, останува неизвесна, но големината на протестите - дури и наспроти заедничката неделна акција за нивно спречување - сугерира дека значителен број Руси може да бидат решени да продолжат со притисокот.

Татјана Становаја, политички аналитичар, вели дека руските власти „направиле две критични грешки - труењето на Навални и неговото апсење“, сугерирајќи дека наместо да го остави настрана, Кремљ само ја зајакна неговата база.

„Резултатите од многу, многу макотрпна работа на Кремљ за да се протурка вистинското спротивставување „на политичките маргини“ беа свечено погребани за еден ден“, напиша Становаја на „Телеграм“.

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Остриот полициски одговор и големиот број на апсења, исто така, укажуваат на тоа што може да биде горчлив и долготраен судир доколку митинзите продолжат во следните недели, особено со потенцијалните клучни парламентарни избори што треба да се одржат во септември.

Во меѓувреме, популарноста на Путин се лизна меѓу пандемијата и гневот поради, според многумина, несоодветната државна поддршка во време на економска криза во Русија.

Путин во последните месеци мина голем дел од времето во неговата резиденција надвор од Москва, правејќи малку јавни настапи. Тој во понеделникот ги отфрли тврдењата на Навални како „лаги“.

„Како и да е, Навални ја презеде иницијативата. Сега државата се брани“, вели аналитичарот Галијамов.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG