Достапни линкови

Заменик министерот за здравство си поднесе оставка


Асим Муса

Заменикот министер за здравство Асим Муса соопшти дека ќе си поднесе оставка од функцијата, иако, како што вели, не бил виновен за обвинувањата во медиумите за наводно мито по објавеното видео на кое се гледа како зема пари од новинар кој се претставува како пациент за да му закаже операција.

„Се е јасно во видеото“,рече кратко заменикот министер за здравство Асим Муса и си замина, откако во владиниот медиа центар пред новинарите прочита говор со кој соопшти дека си поднесува оставка од функцијатa. На дополнителни новинарски прашања не сакаше да одговори. Ова следуваше откако во медиумите беше објавено видео на кое се гледа како разговара со новинар кој се претставува како пациент и бара да му биде закажана операција на простата. Станува збор за новинар од Топ Ченел, албанската телевизија која објави и видео со претходна комуникација на вибер. Муса вели дека ова било политичка стапица која направила медиумска хистерија и дека немало да дозволи таа да влијае врз неговата професионална кариера.

„Нема да дозволам цели овие 23 години инвестиции во професионалноста и во семејниот кредибилитет да биде нарушен со ваква намерна стапица со бомбастично со лажни наслови кои не се реални, а за кое може да се види во самата видео снимка. Ве известувам дека донесов одлука да се повлечам од функцијата заменик министер за здравство и да ја расчистам оваа импонирана дамка од стапицата против мене лично. Ќе продолжам да им служам на граѓаните и на нашата земја и пошироко, изјави Муса.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ги осудива сите случи во кои се зема пари за интервенција.

„Tоа не е начин да се функционира во било кој систем, па и во нашиот здравствен систем. Секаде има санкции за таквите постапки. Се обидуваме со сите наши мерки да ги стимулираме лекарите, со зголемување на платите, на дежурствата и со таа тенденција и со тие политики ќе продолжиме и во иднина. Треба да имаме неселективен пристап без оглед на функциите кои ги имаме. Институциите треба да си преземат санкции доколку сметаат дека за тоа има простор за кого било, изјави Филипче.

ДУИ ја поздрави одлуката за повлекување на заменик министерот, затоа што нивната заложба била бескромисна борба со корупцијата. Артан Груби од ДУИ не одговори директно на прашањето дали му верува на сопартиецот Муса дека е наместен.

„Мислам дека е апсолвирано тоа прашање, затоа што со самото негово повлекување веќе и за нас и за институциите е решен тој случај, и се надевам дека самиот тој ќе успее да ја тргне оваа дамка од својата кариера во понатамошниот тек на неговите активности“ изјави Груби од пред зградата на Собранието.


Со реакција се јави и опозициската Алијанса за Албанците од пред вратата на министерството за здравство.

„Оставката е од морални причини но ние бараме и правна одговорност од заменикот министер, правна одговорност и од Владата каде беше член како и од партијата од која доаѓа заменик министерот. Ние пред неколку недели од Алијансата баравме оставка од заменик министерот поради пет причини како што се проблемите со дијализата во Струга, поради лошата состојба со болницата во Кичево како и многу други причини“, вели Беким Татеши претставник на комисијата за здравство во партијата Алијанса за Албанците.

Муса е заменик министер речиси година и пол, а претходно три години беше директор на Општата болница во Струга. Тој тврди дека при неговиот искрен обид да му помогнел на пациентот наседнал на стапица. „Пацинетот “ како рече инсистирал да дознае колку чини интервенцијата, по што го информирал дека интервенцијата за странски пациенти се плаќа приватно.

„Му кажувам колку чини услугата. Повеќе од јасно е дека ова е стапица за медиумски спектакл за да ми се наруши угледот и да ми го дискредитираат семејството. Убеден сум дека на посветеноста и скромноста со која работам нема да влијае она што синоќа како медиумска бомба и пропаганда се обидоа да ми го нарушат угледот”,изјави Муса.

Според она што се гледа на видеото заменикот министер Муса од пациентот зема 50 евра на „рака“ како аванс за операцијата која требало да биде изведена за неколку дена на Институтот за нефрологија во Струга.

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет и ќе ги утврдува фактите во врска со објавената снимка со заменик министерот за здравство Асим Муса, информираа од Служба за односи со јавноста во Јавното обвинителство. Тој ќе биде повикан да даде исказ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG