Достапни линкови

Многу надлежни, килава борба против загадувањето


Аерозагадување во Скопје

Фирми увезуваат и произведуваат горива со лош квалитет. Болници користат мазут без елаборат за животната средина. Државата казнува, но колку казните се соодветни? Бројни државни и локални институции имаат различни надлежности за загадувањето, па тоа често останува неказнето.

Има загадувачи и загадување во земјава, има и многу институции кои се жалат на ограничени надлежности. Болници во земјава користат опасни загадувачки масла за затоплување, компании увезуваат мазут со лош квалитет, како што деновиве објави ИРЛ. Има и фирми што сами произведуваат загадувачки горива преку преработка на отпадни гуми чие согорување е спротивно на законите.

Дали Државниот инспекторат за животна средина можел да постапи за овие случаи, дали инспекторите на ДИЖС требале да излезат на терен со оглед дека беа објававувани видеа од загадувањето на болниците кои испуштаа црн чад?

Според директорката на институцијата Ана Петровска, Државниот инспекторат не можел да преземе мерки зашто нема надлежност за болниците, бидејќи тие се секундарно здравство. Нив треба да ги мониторираат надлежните општински инспектори, но и покрај тоа Петровска вели дека државните инспектори излегле на терен по поплаки на граѓаните и утврдиле дека болниците користат мазут, дека несоодветно го преточуваат, не ги чистат оџаците и имаат и проблеми со согорувањето.

„Меѓутоа, квалитетот на мазутот ние тогаш не го проверивме, заради тоа што ние ги задолживме да вршат мерење на емисиите и да изработат елаборат за заштита на животна средина, што тоа не го изработиле. Речиси ниту една болница откако сум јас дојдена во Инспекторатот нема изработено еларобат за заштита на животната средина што е всушност и законска обврска. Тоа не го направиле затоа што овластените инспектори не отишле да им го побараат“, вели Петровсака.

Во неделното интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, Петровска вели дека 37 општини воопшто и немаат овластен инспектор.

„Така што имаме сериозен проблем со контрола на загадувачите коишто се во надлежност на општините“, вели Петровска.

Државниот инспекторат за животна средина нема надлежност во однос на контрола на квалитетот на гориво, институцијата ги контролира емисиите, вели Петровска. Таа вели дека периодов имало силна меѓуинституционална соработка и акција за утврдување на инсталации кои користиле и набавувале мазут од компаниите за кои е утврдено дека увезувале мазут со лош квлалитет, спротивен на Правилникот за течни горива.

Инспекторатот за животна средина утврдил и дека комапнии употребуваат и домашно произведени горива.

„Тоа е гориво произведено од инсталациите „Блу Технолоџи“ и од „Санс АГ“. Првата компанија прави рафинирање на отпадни масла и произведува таканаречен мазут, меѓутоа, тоа секако не може да биде мазут, бидејќи е рафинат од отпадни масла. Компанијата „Санс АГ“ произведувала таканаречен мазут со преработка на отпадни гуми. Ние побаравме одземање на А-Интегрираната дозвола што ја има „Блу Технолоџи“, а за „Санс АГ“ веќе и претходно минатата година побаравме одземање на Б-Интегрираната дозвола, којашто ја издала општината Штип“, вели Петровска.

Овие две компани се меѓу оние кои Владата ги казни за неправилности при увоз на мазут по направените инспекции и контроли“, како што соопштија вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Заедничката акција ја направиле Царинската упрва, Регулаторната комисија за енергетика, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Бирото за метерологија.

„Во изминатиов период работевме интензивно за да утврдиме какви пропусти се направени при увоз на мазут и ние како Влада и како Министерство за економија ќе постапуваме во наредниот период, со цел да се избегнат злоупотреби кога станува збор за увоз на нафтените деривати“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Освен „Блу Технолоџи“ и од „Санс АГ“, казнети се фирмите „Евротим“, „Супертрејд“, „Петтинакс Скопје“, Ли-Оил“, „Ка-Оил“, „РКМ Доел“. Изречени се мерки за привремена забрана за пуштање во промет на кекои производи, забрана за работа, постапка за одземање на лиценци и друго. Вкупно седум компании добиле прекршочни казни од над 55.000 евра.

Но, дали овие казни се соодветни, во услови кога компаниите направиле големи профити? Дали според ова на компаниите повеќе им се исплати да ги прекршуваат законите и потоа да плаќаат казни?

Петровска смета дека „дефинитивно“ казните треба да бидат ригорозни, а државата, како што вели, треба да го санкционира користењето на вакви неквалитетни фосилни горива.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG