Достапни линкови

Крушево абер пристигна: Младите лидери да се мобилизираат веднаш


Илустрација од меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“

Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ отвори простор да се чуе гласот на младите луѓе за да се мобилизираат младите лидери.

Крушево беше дебатен центар за повеќе од 60 млади активисти од повеќе земји, расположени да разменуваат ставови, идеи и вредности за европската иднина и трансформација на регионот, со младите во главна улога.

Едни физички, други онлајн, од 30. септември до 4. октомври, дискутираа во рамки на меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточната Европа“.

Идејата е да се слушне младинскиот глас и да се мобилизираат младите лидери од Југоисточна Европа- да внесат нова енергија и ентузијазам за квалитетна регионална соработка.

Во центарот беше темата „Регионална трансформација“, а низ дискусиите се побара одговор за, како што велат организаторите од „Младински сојуз“, дел од најгорливите прашања за регионот, со фокус на европска интеграција во време на брзи промени.

Колку чини одржлива, зелена и дигитална иднина?

Во Крушево се дебатираше и за тоа- колку чини иднината?

„Ние ја создаваме оваа иднина. Поддржуваме иновација и претприемништво. Потребна ни е Европска интеграција за промоција на регионалната трансформација. Ни треба простор за имплементација на акциониот план“, сподели Татјана Штерјова Душковска, Генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан

Дел од атмосферата за време на дискусиите
Дел од атмосферата за време на дискусиите

Се дискутираше за тоа колку миграцијата на млади и одливот на мозоци ќе го чини регионот.

„Младите не би требало да ја плаќаат цената за тоа што останале во нивните земји. Тоа го платиле постарите генерации. Ние плативме доволно, не само во материјални работи. Изгубивме време. Можам да кажам дека една генерација е целосно изгубена. Но, сега можеме да учиме од минатото и вие како млада генерација мора да ги научите овие лекции “, истакна Методија Стојчески, претседател на Младински сојуз

Транзицијата не е нешто преку кое може да се „премине“ без да се спомене кога се разговара на вакви теми.

„Транзицијата генерално е голема обврска. Примарно ги погодува регионите кои со години правеа огромни жртви. Исто така, тоа е тежок процес кој вклучува одложувања, грешки и успеси. И, се разбира, е во интерес за цела Југоисточна Европа “, рече Отон Каминиарис, истражувач во „The Green Tank“ oд Грција

Конференцијата која се одржа по 19. пат, оваа година беше домаќин на претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Партнерски организации од Германија, Франција и Полска имаа улога на ментори.

Во скоро две децении, конференцијата собрала над 1500 млади од 25 земји, а организаторите проценуваат дека одлуките и активностите кои произлегле од ваквите средби, досега имале директно и индиректно влијание врз повеќе од 2 милиони млади луѓе.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG