Достапни линкови

МКЦ-Скопје влезе во Европска унија


Картата на платформата Live Europe
Картата на платформата Live Europe

Младински културен центар од Скопје, како еден од петте новопримени и единствен што делува во земја која не е членка на ЕУ, стана полноправен член на реномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope чија цел е да се подржат и промовираат надоаѓачките артисти од Стариот континент.

Децениските напори да биде автентичен промотор на младинска урбана култура, посебно на музичката, и особено сега во услови на светска пандемија, Младински културен центар-Скопје ги круниса со едно високо признание. Деновиве стана полноправен член на реномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope чија цел е да се подржат и промовираат надоаѓачките артисти од Стариот континент. Liveurope е мрежа на прочуени концертни сали меѓу кои и Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел) и други дваесетина препознатливи и популарни вакви простори кои се од огромна важност за функционирањето на европската урбана музичка култура. Од регионалните концертни сали кои ја имаат таа привилегија да се дел од оваа позната асоцијација е единствено културниот центар Кино Шишка од Љубљана во Словенија. Ова, ако притоа се користи политичкиот жаргон, подразбира дека МКЦ-Скопје влезе во Европска унија. И, тоа низ големата порта.

Liveurope е иницијатива за поддршка на концертни сали во нивните напори за промоција на надоаѓачки европски артисти. Платформата дејствува како сертификат за квалитет кој се доделува на концертни сали кои работат посветено на претставување на европската музичка разноликост. Главната цел на Liveurope е да ја засили програмската понуда на млади европски артисти низ континентот, а истовремено да им помогне да достигнат до што поширока публика. Воспоставена во 2014, платформата Livеurope e прва иницијатива од ваков вид во Европа и во 2021 година влегува со 21 членка од која само ние сме единствените кои сеуште чекаме пред европските порти. Јас верувам дека преку оваа иницијатива покрај промовирањето на младите евроипски артисти ние ќе имаме убава можност ним да им го понудиме она највредното и најавангардното од македонската музичка сцена , истакнува Владица Младеновски Грга, продуцент во МКЦ.

ШАМБА ТРИО

Според него, Платформата е координирана од Ancienne Belgique, меѓународно познатата и популарна концертна сала лоцирана во срцето на Европа, во Брисел. Потенцијалните кандидати – членки на оваа организација се селектираат врз основа на нивната програма и посветеност за нудење на европски таленти и артисти, како и нивната професионална инфраструктура и меѓународна репутација.

Во однос на функционирањето на платформата, Liveurope нуди поддршка во форма на финансиски бонус на концертните сали кои се дел од платформата пропорционално на нивната понуда од надоаѓачки, не национални (домашни) европски артисти. Идејата зад овој механизам е да им овозможи финансиска поддршка на концертните сали да работат во овој правец во постојан континуитет, т.е. да промовираат европски артисти секоја година.

Згора на тоа, концертните сали имаат целосна автономија во нивното програмско одлучување, се додека музичките артисти кои ги букираат се надоаѓачки млади европски таленти.

СВЕМИРКО

И кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека Платформата е под супервизија на надворешно раководно тело составено од три нејзини членки, чија улога е надзор на работата и делувањето над останатите учеснички во мрежата. И, она најбитното е што во иднина, Liveurope цели кон проширување на платформата со прием на повеќе концертни сали од Европа, со што ќе прерасне во единствен знак за квалитет со кој се гарантираат условите и програмата на европските концертни сали.

Самиот чекор да Младински културен центар како институција која со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност успеа да биде препознаена како клучна институција, силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен играч во европската па и светската музичка индустрија. МКЦ со нескриена гордост ќе го носи овој знак за квалитет кој ќе даде уште поголем придонес кон збогатувањето на нашата програмска понуда и идни активности, вели Русе Арсов, в.д. директор на Младински културен ценатр-Скопје.

Тој и со најава дека веќе се во план неколку активности во текот на престојното лето кои ќе се дел од оваа иницијатива, а за кои дополнително ќе информираат.

Инаку, градоначалникот Петре Шилегов честитајќи им го успехот на ентузијастите од МКЦ ќе забележи дека ова е уште еден значаен исчекор во заложбата Скопје да стане Европска престолнина на културата во 2028 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG