Достапни линкови

Мир или под чизма - Вие коментирате


Илустрација - Архивска фотографија од украински верници кои ја чекаат мисата на папата во Украина во 2001 година
Илустрација - Архивска фотографија од украински верници кои ја чекаат мисата на папата во Украина во 2001 година

Војната во Украина, молитвата на папата за мир и интервјуто на РСЕ со филозофот Френсис Фукујама „собраа“ најмногу читателски коментари на фан-страницата на Радио Слободна Европа на Фејсбук. Што кажаа читателите...

Една мала, надежна информација во врска со војната во Украина по руската инвазија врз таа земја вели: „Сигнал за напредок во руско-украинските преговори“, што се насетува од изјавите на шефовите на двата тима, Михаило Подољак, советникот на украинскиот претседател кој во видео објавено на интернет изјави дека „Русија веќе почнува да разговара конструктивно“ и дека „го разбира ставот дека нема да отстапиме во принцип на ниту една позиција“, и на Леонид Слуцки кој беше цитиран од новинската агенција РИА дека „во разговорите постигнавме значителен напредок кој во наредните денови може да прерасне во заеднички став на двете делегации“. Преговори се водат, но воените дејствија продолжуваат и бројот на загинати расте на двете страни.

Дејан Димковски на нашата ФБ страница напишал: „Добро, ова 1000 пати го слушнавме“, а Зоран Андреевски прашува: „Кога ќе бидат тие разговори? Или тогаш кога сè ќе стане пепел, дури ни птиците не ќе можат таму да живеат, камоли народ“.

Погрдно за папата

Папата Франциск моли, во името на Бога, „престанете со овој масакр“. Коментарите негативни, непријателски и со непримерен јазик, со лични навреди на првиот човек на Ватикан, што од професионални причини нема да ги цитираме. Но се среќава и понекој здраворазумен извик. Слободанка Камчева постирала: „Стоп за оружјето, стоп за војните“, но Ристе Илијески смета: „Касно е сега за повик, требаше порано“, а Бобан Вукелиќ прашува: „Што ли им е смешно на овие што ставаат смајли. Папата само моли да престане војната во име на Бога... овие ’патриотиве‘ не ми се јасни... или е во прашање коефициентот на интелигенција“.

„Ајде прво решете ја војнава. Македонија не брза“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел допатува во Скопје во рамките на посетата на регионот, при што освен Македонија ќе ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина. Но, и оваа информација посетителите на нашата ФБ страница ја сфаќаат како шанса да истурат лични навреди и спрема Борел и спрема ЕУ. Ѓорѓе Бурда Коцев со прикриена иронија постирал: „Изгледа во ЕУ ќе нè примат комплет со Украина на брза постапка, да имаше војна на Балканот другачие делуваше ЕУ, без многу загриженост“. Слободанка Камчева реагирала и овде: „Ајде прво решете ја војнава. Македонија не брза“.


„Се надевам на Балканот си ја научија лекцијата“

Неделното интервју на РСЕ е со еминентниот американски политиколог и филозоф, Френсис Фукујама, кој покрај другото смета дека „ако Путин успее да ја стави под своја контрола Украина... а западните сојузници не можат да направат ништо за да го запрат, тоа ќе има голем прелевачки ефект, бидејќи многу актери на Балканот би сакале да ја направат истата работа“.

Потпишан со Џоле Дурмитор Џоле Дурмитор развил дебата со Хамди Хасан. Првиот коментира дека „90% е веќе под руска чизма“, а вториот како да го појаснува: „Мислиш под комунистичка“. Џоле Дурмитор додава: „Подобро да бидат под комунистичка отколку под ѓаволска“.

Но, Анна Јакимова со надеж: „Се надевам на Балканот си ја научија лекцијата: и после десет години војна - мирот е поважен од сè друго“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG