Достапни линкови

Матеа Киселичка лауреат на наградата „МЕНАДА за млад уметник 2021“


Матеа Киселичка, кореографка и танчерка и добитничка на наградата „МЕНАДА за млад уметник 2021“

Кореографката и танчерка Матеа Киселичка е добитничка на престижната награда „МЕНАДА за млад уметник 2021“, што за годишни остварувања во областа на танцот и во насока на поттик и унапредување на развојот на младите уметници и нивен пласман на интернационалната сцена ја доделува Скопје танц фест.

По Марко Мицов на јубилејното, петнаесетто издание на фестивалот Танц фест во април 2019 година, Стефанија Гаштарска лани некаде ова време, младата македонска кореографка и танчерка Матеа Киселичка е трета добитничка на престижната награда „МЕНАДА за млад уметник“. Признанието за годишни остварувања во областа на танцот, за промоција на современиот танц, како и танцовата уметност во целост, во насока на поттик и унапредување на развојот на младите уметници, но и нивен пласман на интернационалната сцена го доделува Скопје танц фест.

Преку неа, ова наше и значајно глобално случување, го трасира патот и ги приближува европските и светските културни вредности до нас, со цел да ја презентира најдобрата уметничка експресија и да им ги понуди на публиката и на љубителите на убавата уметност.

Голема чест ми претставува добивањето на оваа посебно значајна награда за мене, МЕНАДА за млад уметник на Танц Фест Скопје 2021 година. Покрај тоа што ја доживувам како признание за она што го достигнав на уметничко ниво во изминатиот период, посебно ми е драга поради тоа што ја добивам на 10 годишниот јубилеј на Скопје танц театар, онаму од каде се бележат моите почетоци и развој како професионален танчар и кореограф, од самото основање на театарот. Награда од овој ранг претставува огромно задоволство и поттик за понатамошен траен развој на еден млад уметник, посебно за младите уметници кои развиваат интернационална кариера. Лично ја доживувам како голема подршка и поттик за нови врвни достигнувања во областа на уметноста на интернационално ниво. Оваа награда би сакала да ја споделам со сите мои колеги од Македонија и оние кои развиваат интернационална кариера, како поттик за нивен понатамошен развој и нови достигнувања во областа во која делуваат. Сакам да упатам голема благодарност до комисијата за избор и мојата професорка и ментор Рисима Рисимкин, вели Матеа Киселичка, по добивањето на оваа престижна награда.

Родена 1989 година во Скопје, Матеа Киселичка својата балетска едукација ја започнува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Училиштето го завршува со диплома за Талентирани ученици, за да потем две години биде член на Балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет и оствари четири самостојни улоги.

Во 2010 година, запишува до дипломски студии на Скопје танцовата академија при Универзитетот ЕСРА, каде изучува современ танц во класата на проф. Рисима Рисимкин. Така таа станува дел од првата генерација на современи танчери во Македонија која имала можност својата наобразба да ја заокружи низ програмата работена во соработка со прочуената Академија за танц од Ротердам, Холандија, која и овозможила да работи со славни кореографи и професори како Марио Камачо, Џоан ван дер Маст, Нил Вердоорн и други. За време на студиите добива можност и да стажира еден месец во славниот Scapino Ballet Rotterdam, да учествува на Танцовата конференција во Лабан и на Работилница каде посетувала интензивна обука за професори и да се претстави со својата кореографска изведба на „Отпор“, на отворањето на Новиот танцов центар во Хаг, Холандија.

Паралелно со додипломските студии, активно учествувала во сите тековни продукции на Скопје танц театар (од неговото создавање во 2011 година) и каде дипломирала во 2013 година со своето кореографско дело „Загреј го студот“.

Како кореограф во периодот до 2018 година создава неколку кратки и подолги кореографии меѓу кои и „Дел од мене“, „Создадени суштества“, „Најди некој“, „Истиот извор“, „БЕЗ Стоп“, „Чудаците“... кои биле изведени на фестивали и манифестации како Танц Фест Скопје, IT`s Festival - Амстердам, Холандија, ТАНЦЛАБ - Интернационален натпревар за млади кореографи Скопје, Македонија; „Meet in Beijing“ во Пекинг, Кина, „Open Stage“, во Хаг и Ротердам, Холандија, „Maritime silk Road Festival“, Чуанџо, Кина, „Holland Dance Festival“ и на прочуениот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД.

Како активен современ танчар танцувала во многубројни танцови продукции, каде соработувала со кореографи од калибар на една Рисима Рисимкин, Чао Ке (Кина), Џоан ван дер Маст (Холандија), Антонело Тудиско (Италија), Џенис Бренер (САД), Тим Персент (Холандија), Нада Кокотовиќ (Хрватска), Кацура Кан (Јапонија), Марио Камачо и Нил Вердоорн (Холандија) и други.

Матеа во 2017 година ги завршува постдипломските студии и се здобива со звање Магистер по сценски уметности - Современ танц, под менторство на Проф. Д-р Рисима Рисимкин, при Скопје танцовата академија на Универзитет ЕСРА, за да потем во следните две години биде ангажирана како стручен соработник на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во областа на техниките за современ танц, импровизација и композиција и класичен балет, по што ќе се стекне со звањето доцент на истоимениот Универзитет.

Киселичка во последниве две години работи како професор по современ танц на Универзитетот за музика „Зеџијанг“ во Ханџо, во Кина. Таму како автор се потпиша на две кореографски дела „Убаво што ме запозна“, претставено на 12-та престижна Изложба за танцова едукација, “TAOLI Cup” и “JAE – Just About Everyone”, чија премиера се одржа на Фестивалот за музика и танц на Кина и Централните и Источни европски земји, одржан на Конзерваториум за музика „Зеџијанг“ во Ханџо. Оваа претстава беше изведена и на Танцовиот фестивал за креативни изведбени достигнувања на споменатиот Конзерваториум.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG