Достапни линкови

Мартовски Иди


Кирил Дончов Активист на Ние Младите, професор и сценарист

Се заборава дека пандемијата е идеална средина која има потенцијал да се претвори во мочуриште на сите дотогаш бизарни појави кои во недостиг на одговори и решенија на оваа морална криза ќе си го најдат местото како легитимни пополнувачи на вакумот од немање став, пишува активистот Кирил Дончов

,,Пазете се од мартовските иди” - овој познат цитат од шекспировата драма ,,Јулиј Цезар” е фиктивно искажан кон Гај Јулиј Цезар, римскиот диктатор кој на 15 март 44 година п.н.е. е заговорнички убиен од страна на Римскиот Сенат, со што римската, но и светската историја доживуваат пресврт во својот тек. Тој ден понатаму останал запаметен како симболичен ден на означување пресвртници, иако за Римјаните бил ден до кога тие можеле да ги подмират своите долгови пропратен со некои религиски церемонии. Старата добра поговорка учи дека историјата се повторува, но ја повторуваат тие што не учат од неа. Минатата година, 2020, ги имаше своите мартовски иди токму во овој период низ кој сега повторно календарски поминуваме.

Светската пандемија од КОВИД-19 е пресврт во нашето поимање на времето и секојдневието, така што на политички, општествен и историски план, таа ги претставува нашите ,,Мартовски Иди”. Март месец дури и од природата може да се заклучи дека е период на промена, тоа е месецот кога од зима преминуваме во пролет. Прашањето пред нас овојпат е каква пролет нè очекува?

Минатата пролет беше украдена. Доколку прашаме било кој, што е причината поради која што пролетта, периодот на воскресение, кога целото создание повторно се раѓа беше одземена од нас, одговорот сигурно би бил одлучно - ПАНДЕМИЈАТА! Да, точно, пандемијата е клучна за нашето поимање на светот во оваа трета деценија од милениумот, но веројатно не на здравствениот начин на кои сите ја доживеавме, каде нашето психично и физичко здравје беа ставени на тест пред непријателот кој не го гледавме, а сметавме дека постојано демне околу нас.

Пандемијата во својата најава требаше да трае до јуни, или можеби до септември, најверојатно до Нова Година, ама еве уште е тука. Ваквиот однос на властите кон пандемијата изроди сериозни заговорнички и панични реакции, кои веројатно се родија во колективното несвесно и имаа за цел да дадат одговор каде одговорните не можеа. Проблемот со пандемијата никогаш не била самата пандемија, туку секогаш било справувањето со неа. Сите наши општествени тегоби само се акцентираа со неа, и појасно ни ги осветлија проблемите со кои ние секојдневно се соочувавме и пред тоа. Неправдата, непотизмот, декаденцијата, отсуството на морал, криминалот, насилството беа присутни во нашето општество од поодамна, но вакви кризи ги вадат на површина овие работи и прават да признаеме дека не можеме да ги игнорираме засекогаш.

На локален план, нашата држава периодов се соочува со клучни надворешно-политички прашања, но исто така и со морални. Моралните прашања навидум лесно ни промакнуваат, но ако пак се навратиме на историјата, таа има да каже нешто и за нашата моментална ситуација. Мудриот Соломон рекол дека нема ништо ново под сонцето, а поетот Данте дека најмрачните места во пеколот се резервирани за оние кои во време на морална криза остануваат рамнодушни. Сите во оваа наша мала балканска заедница знаеме да критикуваме, но при клучните моменти одлучуваме да преќутиме, да останеме рамнодушни, па дури и до ниво на Стокхолмски синдром, каде ние дури и своеволно го прегрнавме карантинот и го засакавме, иако неговото воведување е проследено со низа на контрадикции и нелогичности.

Најголемиот мит на пандемијата е дека од неа пак ќе се вратиме во нормала. Тоа значи исто онака како што беше и денот пред таа да биде прогласена. Се заборава дека пандемијата е идеална средина која има потенцијал да се претвори во мочуриште на сите дотогаш бизарни појави кои во недостиг на одговори и решенија на оваа морална криза ќе си го најдат местото како легитимни пополнувачи на тој вакум оставен од немање став.

Јавна соба, дискусијата за Евровизија, цензурата на социјалните мрежи, се само нус појави на општата криза која владее. .Тие самите се обидуваат да искажат нешто што внатрешно тлее во нас. Тоа е борбата за правда од која неминовно не може да се исклучи моралот. Многу од работите кои фејсбуковско-твитерашки ги доживуваме како јавно мислење и дебата се само маалски караници во дигиталниот свет.

Всушност се работи за симулација на вистинска дебата со сериозни соговорници и јасно изградени и цврсто бранети ставови. Ова навидум демократизирање на јавниот простор, веќе докажано во изминатите неколку години кога социјалните мрежи се доминатни .има тенденција да ги потиснува битните теми како случајот со родилката во Струга и деталите околу новата образовна реформа. Трачот, шундот, невкусот, пцовиките не се одлика на јавна дебата, тие имаат за цел да нè направат да се чувствуваме како да сме битен дел од општествените промени, а се само израз на потсвесните празнини кои постмодерното ги оставило во нас.

Карл Јасперс има кажано дека - ,,Тоталитарната држава сака да има ексклузивитет на вистината со тоа што го топи целото човештво во материјал за градење на својата моќ, каде нема простор за индивидуалност, до степен каде што дури и слободните активности се контролирани во склоп со идеолошката линија.”

Која е идеолошката линија која ние ја имаме како одговор на пандемијата? Јас тоа би го опишал ако радикален скиентизам(научничарење) или нашето поимање што значи колективна борба за зачувување на јавното здравје. Науката е земена како догма и нејзините методи се искористени од државата како непогрешливи, иако самата наука постојано нè негира и ја покажува својата немоќ при справување со пандемијата. Каде ниту тестовите, ниту лековите, ниту епидемилошките прогнози, ниту мерките, ниту истражувањата се покажуваат како релевантни за нејзиното сузбивање.

Тоталитарното колективно несвесно избива од нас во сите политички инкарнации без оглед на разните маски на толерантност, плурализам и политичка коректност кои невешто ги носиме до карикатурално доведена глума. Во фашистичка Италија во секој ресторан имало плакат на кои имало богата трпеза на која седел човек кој уживал во оброкот, а позади него стоел униформиран моралист со натпис - ако јадеш многу, ја крадеш државата.

Во нашиот случај, слободното време после 22 часот е одземено со тоа што ни е кажано - ако шеташ, го загрозуваш здравјето на другите. Моралната криза произлегува од тоа дека ние не правиме разлика помеѓу морал и морализирање. Морализирањето има за цел да наметне став на основа на чувство на вина, додека моралот е еден од постулатите без кој сите историски успешни цивилизации не би постоеле. Морализирањето е производ на барање добрина, правда и чесност од работи кои во себе не содржат морал.

Пролетва мора сериозно да размислиме за моралната криза без која ниту една посериозна промена во нашето општествено живеење не би била возможна. Науката може да не научи на техникалии, дефиниции, теории, закони, но не може да не научи како да се справуваме со големите предизвици кои нашето време веќе година дена ги потегнува. Во вакво време е нужно да излеземе од мисловниот ќорсокак и наместо да ги репресираме различните мислења и ставови со тоа мислејќи дека го браниме моралот, да дозволиме тие да провејат низ оваа криза, за да се стигне до она што верувам и едната и другата страна го сакаат, поправеден свет. 2021 нека е година на пробудување на задреманата автентична мисла. Прв пат после 1990 година, кога падна Берлинскиот ѕид, имаме шанса за менување на парадигмата, која веќе се насетува дека е истрошена. Новите ветришта само што не задувале, да го фатиме моментот што историјата ни го нуди!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG