Достапни линкови

Посетите на Лајен и Вархеји вовед во постизборни преговори за отворање на патот кон ЕУ


Скопје- македонскиот премиер Зоран Заев и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на средба во Клубот на пратениците,29.09.2021

Македонија и Бугарија се во предизборен период па во овој момент не се очекува решение на спорот меѓу двете страни. Веројатно се подготвува терен за веднаш по изборите во Бугарија да се направи исчекор за проблемот, смета Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ.

Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Европската унија и постигнување на европските стандарди, рече премиерот Зоран Заев во говорот на осмиот Форум на граѓанско општество на Западен Балкан кој се одржува во Скопје.

„А ние, во духот европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања“, рече Заев.

Ова е прва негова изјава поврзана со спорот со Бугарија, ден по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Скопје, која заврши со три твита од Заев и два од еврокомесарот за содржината на разговорите. Во нив не се спомена решавањето на проблемот меѓу Софија и Скопје, туку и двајцата информираа релативно слично, дека разговарале за подготовките за Самитот ЕУ-Западен Балкан и за проектите од економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.

„Разговаравме како да се придвижи напред процесот на проширување преку отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија“, напиша Вархеји.

Очекувањата дека ќе има поконкретни работи поврзани со бугарско-македонското прашање поради кое Софија лани во декември го блокираше македонскиот евроинтеграциски пат беа подигнати поради минатонеделната посета на Вархеји на Софија во чии рамки со бугарскиот претседател Румен Радев разговараа за можноста за деблокада на европскиот пат на земјава.

Дополнително сигнали испратија и премиерот Зоран Заев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кои по средбата во Скопје во вторникот изјавија дека целта е прашањето да се забрза до декември кога е следниот самит на Европската унија.

„Наша цел е да ги почнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија пред крајот на годината“, рече Фон дер Лајен.

Според Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ работата на комисијата е да се труди, но останува нејасно во кој формат би се случил тој напредок.

„Ние се наоѓаме во изборна кампања за локалните избори, во Бугарија е доста нејасно и мислам дека во принцип посетата на Вархеји доаѓа по посетата на претседателката на Европската комисија и мислам дека голем дел од насоките веќе ги кажа таа“ , вели Кацарска.

Истовремено, додека стигнуваат најави за придвижување на процесот двете соседни земји се во предизборен период. Во земјава локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а во Бугарија паралементарните и претседателските се закажани за 14 ноември. Тие ќе бидат трети парламентарни избори во Бугарија оваа година, откако претходните два изборни циклуси не донесоа резултат со кој можеше да се формира политичка влада. Токму предизборниот период и тоа што источниот сосед нема политичка влада беше причина и според изјавите на македонските политичари да нема услови да се постигне компромис.

„Веројатно се подготвува терен за некој период, за веднаш по изборите во Бугарија, доколку има некој мал простор веднаш да се веднаш да се направи некаков исчекор до декември. Европските претставници мислам дека се обидуваат да подготват некаков терен за дејствување по бугарските избори“, вели Кацарска.

Годинава во Бугарија се одржаа избори на пролет, летово, а следниве се есенва. Во двата изборни циклуси прва беше партијата на шоуменот Слави Трифонов која не успеа да формира влада. Според последните испитувања на јавното мислење партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија влада ја блокираше Македонија во ЕУ, повторно се вратила на прво место според довербата. Овој пат заедно со парламентарните избори ќе се одржат и редовните претседателски на кои фаворит се смета актуелниот претседател Румен Радев кој ќе бара нов мандат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG