Достапни линкови

Малку е веројатно дека западните санкции ќе го загрозат владеењето на Путин


Владимир Путин, Москва, мај 2022 година. Економистот Андреј Мовчан вели дека високите глобални цени на нафтата ќе ги поткрепат финансиите на руската влада.
Владимир Путин, Москва, мај 2022 година. Економистот Андреј Мовчан вели дека високите глобални цени на нафтата ќе ги поткрепат финансиите на руската влада.

Западните санкции ќе ја нарушат руската економија оваа година. Дали тоа значи дека владеењето на претседателот Владимир Путин е загрозено? Истакнат руски економист и банкар вели не. Пишува Сергеј Медведев.

Руската економија ќе биде силно погодена од западните санкции, но претседателот Владимир Путин не се соочува со непосреден политички ризик и неговата влада најверојатно ќе ги преброди економските последици, вели истакнатиот руски економист и банкар Андреј Мовчан во интервју за РСЕ.

Тој смета дека војната во Украина - која сега е во четвртиот месец - е моќно цедење на касата на руската влада.

САД во разговори со ЕУ за ограничување на приходите од руската нафта

Но, тој додава дека високите глобални цени на нафтата ќе ги поткрепат финансиите на владата и дека иако пошироката руска економија ќе страда - особено просечните Руси - веројатно нема да претставуваат закана за владеењето на Путин.

„Прогнозите за непосредната смрт на режимот беа направени главно од истите луѓе кои ги правеа во изминатите 20 години, и овие предвидувања не се променија на ниту еден начин“, вели Мовчан, додавајќи:

„Петрократските режими се генерално стабилни. Притисокот од санкции ретко ги менува режимите. Притисокот од санкции ги консолидира режимите, ги прави постабилни, посамостојни и реакционерни“.

Сепак, според него, рускиот буџет ќе страда, а руската економија ќе има уште поголеми проблеми во наредните години, споредливи со оние од 1990-тите.

Економистот Мовчан беше врвен извршен директор во две од водечките независни инвестициски банки во Русија во текот на 1990-тите и 2000-тите пред да отвори своја фирма за управување со средства.

Русија објави одмазднички санкции против бизнисмени и претставници на американската влада

Светската банка предвидува дека руската економија драстично ќе се намали оваа година, бидејќи западните санкции го осакатуваат БДП на земјата.

Исто така предвидува дека производството ќе се намали за 11,2 насто оваа година, додека Централна банка на Русија предвидува пад од 7,5 проценти.

Банката на Финска прогнозира пад на БДП од 10 насто, додека Институтот за меѓународни финансии со седиште во Вашингтон има драматично помрачна прогноза, предвидувајќи пад од 15 проценти.

Таквото намалување би било најголемо од раните 1990-ти, кога Русија се бореше да спроведе тешка транзиција од економија контролирана од државата кон слободен пазар.

Русија останува силно зависна од извозот на нафта и гас чии приходи ги зајакнаа нејзините финансии и ги попречија напорите на Западот економски да ја ограничи Москва.

Шефот за надворешни работи на Европската унија Жозеп Борел процени дека само од извозот на нафта Русија добива милијарда долари дневно.

Мовчан вели дека економската болка најжестоко ќе ја почувствуваат просечните граѓани.

„Се разбира, губитници од оваа војна, покрај овие високи цени на нафтата, се обичните луѓе на Русија кои претходно имаа мал пристап до добивката од извозот на енергенси - а сега тоа ќе биде многу помалку“, вели Мовчан, оценувајќи:

„За елитите, билансот на тековната сметка на девизните трансакции е навистина важен и ќе се одржува доста стабилно што е важен показател за економското здравје“.

Руските рудари велат дека е намалена побарувачката за извоз на јаглен и дијаманти

Тоа, според Мовчан, ќе им дозволи на елитите да владеат, да ги задоволуваат нивните потреби и да ја имаат контролата преку органите за спроведување на законот и воените агенции кои имаат големо влијание врз владината политика.

„Стабилност од типот како во Иран, Венецуела, Северна Кореја: тоа е она во што Русија сега влегува“, вели Мовчан, кој запрашан за веројатноста за суштински политички промени како резултат на санкциите, Мовчан предвидува:

„Санкциите секако имаат економски ефект, но тие навистина не водат до сериозна промена во надворешната и внатрешната политика и до промена на власта“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG