Достапни линкови

Македонците со скромни имоти во Дубаи


Дубаи
Дубаи

Македонски државјани поседуваат 55 имоти во Дубаи од 14 милиони евра, односно просечно по 254 илјади евра за имот. Иако не се објавени имиња, граѓаните на социјалните мрежи нагаѓаат дека се работи за корумпирани политичари. Други велат дека секој поуспешен бизнисмен може да си дозволи стан во Дубаи

Во Дубаи има 55 имоти на 45 македонски државјани во вредност од 14 милиони евра, покажуваат последните документи кои протекоа од архивите на Обединетите Арапски Емирати.

Податоците, кои датираат од 2020 година, ги доби американскиот Центар за напредни одбранбени студии, непрофитна организација која го истражува меѓународниот криминал и конфликти и кои го сподели норвешкиот финансиски центар „Е24“, кој ја координираше истрагата за недвижниот имот.

Сепак, не се соопштени имиња за Македонците кои поседуваат имот во оваа богата арапска земја, ниту, пак, за каков имот се работи – вили, станови, деловни објекти, хотели или хотелски соби и апартмани.

На листата има вкупно 273.871 сопственици од целиот свет на 883.268 имоти. Многу од лицата, пишува Е24, се жители или легитимни инвеститори, но истражувачките новинари меѓу сопствениците идентификувале и многу лица кои се обвинети или осудени за криминал, како и такви кои се под меѓународни санкции. Други, пак, се јавни функционери кои не го пријавиле својот имот.

Меѓу сопственици има повеќе од 100 припадници на руската политичка елита, како и десетици Европејци вмешани во перење пари и корупција и неколку европски функционери и пратеници кои беа обвинети за лошо управување со јавните фондови.

На социјалните мрежи веќе почнаа нагаѓања кои се македонските сопственици на имоти. Најголем дел од граѓаните типуваат на корумпирани политичари.

Други, пак, ја спуштаат топката и велат дека сигурно во земјава има 45 луѓе со чесно заработени пари, како и дека има бизнисмени кои соработуваат со Блискиот Исток. Коментирајќи ја сумата, велат дека не се работи за луксузни имоти. Веројатно во најголем дел се работи за обични станови.

Од регионот, најмногу, односно вкупно 517 Грција имаат над 1000 имоти вредни 327 милиони долари. Потоа, 237 Срби имаат 287 имоти вредни 74 милиони долари, а 247 Бугари имаат 384 имоти со вкупна вредност од 66 милиони долари. Вкупно 125 имоти со вредност од 43 милиони долари поседуваат 94 хрватски државјани. Исто така 68 граѓани од Босна и Херцеговина поседуваат 105 имоти со вредност од 27 милиони, а 11 Црногорци поседуваат 16 имоти во Дубаи со вредност од 7 милиони долари. Вкупно 56 имоти поседуваат 46 државјани на Словенија, а вкупната вредност им е 26 милиони долари, 17 државјани на Албанија поседуваат вкупно 19 имоти вредни 7 милиони евра, а „помалку од пет“ жители на Косово имаат помалку од 5 имоти вредни еден милион долари.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG