Достапни линкови

Македонците во Албанија против антимакедонската кампања на Бугарија


Фолк фестивал на Македонците во Албанија- Мала Преспа, 2014 година

Бугарија преку својата амбасада во Тирана подолг период презема повеќе антимакедонски активности, се со цел македонското малцинство да го прикаже како бугарско, велат претставници на македонското малцинство во Албанија.

Според партијата на Македонците во Албанија и македонските здруженија, антимакедонските активности посебно се нагласени во последно време преку давање бугарски пасоши, стипендии, па и парични средства на етнички Македонци. Македонците во Албанија нагласуваат дека во таа земја има само македонско малцинство, а бугарско малцинство никогаш немало.

Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, за Радио Слободна Европа изјави дека од самото формирање на албанската држава започнуваат напорите на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија, кои традиционално живеат во компактни области долж македонско- албанската граница.

„Оваа бугарска пропаганда е засилена по 2017 година, кога Албанија беше приморана под притисок и закана за нејзиното членство во ЕУ од Бугарија, да признае бугарско малцинство, иако такво малцинство не постои во Албанија. Во законот не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област“, вели Стерјовски.

Васил Стерјовски
Васил Стерјовски

Тој додава дека по наводното „признавање“ на бугарско малцинство, започната е интезивна кампања на Бугарија за негација и асимилација на македонската заедница во Албанија. Бугарската пропаганда посебно е засилена во пресрет на претстојниот попис на население, што треба да се спроведе во октомври 2022 година, за Бугарија да ја оправда својата агресивна политика, но и парите што ги троши за по секоја цена да прикаже бугарско малцинство во Албанија. МАЕИ остро протестира, реагира на сите обиди на Бугарија, која го злоупотребува своето членство во Европската Унија за асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање непостоечка бугарска заедница.

Лидерот на МАЕИ Стерјовски за Радио Слободна Европа говори и за неговите активности како екс- пратеник во албанското Собрание за пропагандата на бугарската амбасада во Тирана.

„Во албанското Собрание, во името на Македонска алијанса за европска интеграција, редовно реагирав на сите активности на бугарскиот амбасадор и на официјална Софија за асимилација на македонската заедница и барав од албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и од меѓународната заедница во Албанија да реагираат на овие активности на бугарскиот амбасадор и на официјална Софија, поради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија. Македонска алијанса за европска интеграција бара од Албанија да вложи во развојот на регионите каде што живеат Македонците, бидејќи тоа се најсиромашни региони во Албанија, запоставени во изминатите 30 години, за подобрување на условите за живот и работа и да не дозволиме, поради сиромаштијата, Македонците да станат жртви во обидите за негација и асимилација од страна на Бугарија“, истакнува лидерот на македонската партија во Албанија Васил Стерјовски .

Македонско друштво Илинден Тирана, лого
Македонско друштво Илинден Тирана, лого

Никола Ѓурѓај е главен уредник на весникот „Илинден“, кој излегува во Тирана. Ѓурѓај, кој е и лидер на здружението „Илинден“, за Радио Слободна Европа нагласува дека Македонците во Република Албанија се горди и лојални граѓани на Репубика Албанија и во континуитет ги демаскират обидите на Бугарија за нивна асимилација.

Директен линк

„Притисоците на Бугарија во последно време се засилени, како делење помош, делење на пасоши и уцени ако не се пишат на попис како Бугари. Тоа им е целта и затоа се зголемени притисоците. Бугарите по донесувањето на законот за малцинства во 2017 година, вршат притисок врз Албанската држава со закана дека нема да ја поддржат на патот кон ЕУ. Врз основа на тој притисок Албанија попушти, иако историските факти велат дека на сите пописи во Република Албанија никој не е изјаснет за Бугарин, зашто никој не аплицирал за бугарски пасош пред да влезе Бугарија во ЕУ и баш сега луѓето аплицират бидеќи регионите каде што живеат Македонците се региони со економски проблеми и тие гледаат излез за да одат во западните европски земји. Тие пасошите ги купуват со пари, тоа е јасно. Малцинство со продавање пасоши не се создава, Македонците во Република Албанија се истриски факт“, истакнува Ѓурѓај.

Во врска со притисоците на бугарската амбасада во Тирана врз Македонците, разговаравме и со претседателот на огранокот на македонското здружение, Фатри Фетаху. Тој за Радио Слободна Европа изјави:

„Во Албанија не постојат Бугари. Има луѓе кои за подобар живот аплицираат за да добијат Бугарски пасоши. Плаќаат по неколку илјади евра за да добијат пасош. Македонците во областа Голо Брдо во Албанија остро го осудија делењето на новогодишни пакетчиња од страна на претставници на бугарската амбасада во Тирана“, вели Фетаху.

Тој додава дека поради тоа што оваа година во октомври ќе има попис, Бугарија презема разни активности со цел да ги прикажат Македонците како Бугари. Тоа го прават со делење на пасоши, стипендии за студирање на Македонците од Албанија во Бугарија, а и со делење на парични средства.

Очекувам албанската држава да не дозволи манипулации и злоупотреби на Бугарија да ги прикажува Македонците како Бугари. Исто така бараме од нашата матична држава Република Македонија да побара од властите во Албанија да не дозволат злоупотреба и манипулации на пописот. Верувам дека пописот ќе биде коректен и ќе ја прикаже реалната бројка на Македонци во Албанија. Во Албанија има Македонци а не Бугари, нагласува Фетаху.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG