Достапни линкови

Македонските институции „креваат рамења“ за фалсификуваниот алкохол во ЕУ


Илустрација
Илустрација

Европската комисија објави дека 60 отсто од фалсификуваниот алкохол во ЕУ потекнува од Македонија. Домашните прозиводители велат дека прв пат слушаат дека во Македонија се произведува фалсификуван алкохол.

Македонските производители на алкохолни пијалаци велат дека прв пат слушаат дека во земјава се произведува фалсификуван алкохол, откако Европската комисија објави дека 60 отсто од запленетиот фалсификуван алкохол во ЕУ потекнува од Македонија. Се чини дека и македонските власти се затечени од информацијата.

Во Групацијата на производители на алкохолни, безалкохолни пијалаци и води и во Групацијата на производители на грозје и на вино во Стопанската комора на Македонија беа изненадени од овој податок.

„Досега во Комората не стигнала никаква информација, ниту поплака од производителите на алкохолни пијалаци“, велат тие, додавајќи дека досега не се соочиле со таков тип на нелегална конкуренција.

Во Царинската управа ни рекоа дека чекаат дополнителни податоци од авторот на извештајот за тоа од каде се црпени податоците и за колку заплени станува збор.

Во МВР исто така прашавме дали имаат информации за погони за производство на нелегален алкохол во Македонија и дали во изминатите пет години имало акции против производители и шверцери на нелегален алкохол, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека институциите сега треба да побараат информации од Европската комисија и да спроведат детална истрага. Тој потсетува дека во минатото имало полициски акции против производители, но и увозници на фалсификуван алкохол.

„Купуваат концентриран алкохол, го мешаат со дестилирана вода и прават разни брендови ракија, ова се случуваше на времето, ама за ова сега, дали воопшто има таква работа, треба да се провери. Треба истрага, да се воспостави соработка со Европската комисија, со ЕУ, да се види дали тие информации се точни и треба детална истрага. Едно време имаше цела фирма во Бугарија која произведуваше фалсификуван виски. Не знам дали сега се работи за производство или за транзит на фалсификуван алкохол низ Македонија“, вели Трајанов.

Тој вели дека случајот мора да се расчисти зашто ваквите појави го нарушуваат угледот на земјава.

Европската комисија објави дека во 2018 година во Унијата биле запленети над 46 илјади парчиња нелегален алкохол во вредност од 200 илјади евра. Ваквиот алкохол во Унијата потекнува од три земји – 60 отсто од Македонија, 26 отсто од Молдавија и 13 отсто од Албанија.

Сепак, тоа се незначителни количини, ако се има предвид дека европските царински служби во 2018 година заплениле стоки во вредност од 738 милиони евра. На пример запленета е облека или додатоци за облека од 145 милиони евра, парфеми и козметика од 20 милиони евра, патики и чевли од 63 милиони евра, очила од 80 милиони евра, чанти и паричници од 135 милиони евра, или часовници во вредност од 117 милиони евра.

ЕУ е главен пазар за извоз на македонските алкохолни пијалаци, пред сè виното. Повеќе од половина од македонскиот извоз на вино е во ЕУ. Остатокот главно завршува во регионот. Минатата година Македонија извезла вино од над 50 милиони евра. Најмногу е извезено во Србија – 14 милиони евра, во Германија 11 милиони евра и во Хрватска 8,5 милиони евра.

Македонските пива, пак, се извезуваат само во регионот, односно во Косово, Албанија и во Србија е извезено пиво во вредност од 2,6 милиони евра. Ракија и жестоки алкохолни пијалаци од Македонија, пак, најмногу се извезуваат во Косово, Србија, Бугарија и во Германија.

Проблемот со фалсификуван алкохол обично е изразен во земјите од третиот свет, каде што често има случаи на труење. Такви случаи често има во Индија, Иран, Индонезија или Либија, каде што се продава алкохол со хемикалии или лекови, па често има труења и стотици жртви.

Во 2012 година, од труење со метанол во нелегален алкохол умреа 38 луѓе во Чешка и четворица во Полска. Сепак, производителите беа од земјата. Еден Чех и еден Словак беа осудени на доживотен затвор за случајот.

Во 2016 година во Русија починаа 72 луѓе од труење со метанол во фалсификуван алкохол.

Во 2001 година во сличен случај во Естонија умреа 68 луѓе.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG