Достапни линкови

Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира воени авиони


Македонски Су-25 се враќа од извидувачка мисија за време на воениот конфликт на 22 јуни 2001 година
Македонски Су-25 се враќа од извидувачка мисија за време на воениот конфликт на 22 јуни 2001 година

Министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека земјава ѝ донирала авиони и тенкови на Украина за да се одбрани од руската инвазија. Количините не се соопштуваат. Македонија имаше 4 авиони и 31 тенкови. Повеќе земји изразуваат подготвеност да испратат авиони во Украина, но досега официјално никој не испратил таква помош.

Македонија е една од ретките земји која на Украина досега ѝ донираше воени авиони. Ниту една членка на НАТО, барем јавно, не ѝ отстапи на Украина дел од своите борбени летала за да се брани од руската агресија. Македонските власти потврдија дека ги испратиле своите борбени авиони Сухој-25 и непознат број тенкови Т-72 од советско производство.

Македонија имаше четири авиони Су-25 и 31 тенкови Т-72. Борбените авиони Сухои беа купени од Украина во 2001 година.

Киев сега бара модерни авиони и тенкови од западно производство за да може да се одбрани од рускиот напад.

Инфографика - Воена донација од Македонија за Украина
Инфографика - Воена донација од Македонија за Украина

Пензионираниот полковник во АРМ и претседател на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски вели дека Македонија со донациите доби многу на својот авторитет.

„Македонија доби во смисла на потврдување на својата стратешка определба за мир во светот и од друга страна доби како авторитетна земја која навистина се залага за сета структурална политика која ја водат и НАТО и ЕУ“, изјави Марковски за нашето радио.

По руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари 2022 година, Западот ѝ помага на Украина да се одбрани и испраќа разни видови оружје, како и други видови на помош. Источните членки на НАТО, во најголема мера Полска и Чешка, испратија голем број тенкови од советско производство, со кои украинските војници се запознаени. Исто така се испратени и десетици хеликоптери, но европските држави во голема мера се скептични во однос на испраќањето воени авиони во Украина. Дел од нив бараат тоа да биде координирана акција со НАТО, а други велат дека авионите им требаат за одржувањето на сопствената безбедност.

На крајот на јули минатата година, на социјалните мрежи се појави видеоснимка од товарни возила сотенкови како се движат кон границата со Бугарија. На кратката снимка можеше да се избројат најмалку 8 тенкови.

Сателитските снимки од бaзaтa на воздухопловната единица на АРМ кај скопскиот аеродром од август исто така покажуваат дека веќе ги нема борбените авиони Су-25 кои повеќе од една деценија беа паркирани таму, објави БИРН.
Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на 6 август минатата година, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта.

„Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од G20. Како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на Украина. Ние никогаш нема да го заборавиме ова“ , напиша Подољак.

Министерството за одбрана тогаш потврди дека земјава „во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците“. Тие соопштија дека во Украина е испратена „одредена количина на материјални средства“, но никогаш експлицитно не кажа за каков тип оружје и опрема се работи.

Руското Министерство за надворешни работи тогаш реагираше дека тој потег е „голема грешка“ на македонските власти. Северна Македонија одговори дека е „суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право“.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска информира дека деновиве се делумно декласифицирани одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина. Веќе не е тајна видот на испратено оружје, туку само количините.

„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, коишто веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства“, рече Петровска во интервју за ТВ21.

Македонските власти велат дека со донациите не се нарушуваат борбените капацитети на Армијата, со оглед на тоа што тие средства и досега не се користеле. Министерството за одбрана наведе дека во наредниот период ќе се расформира тенковскиот баталјон и ќе се воспостават „современи противоклопни способности и капацитети на армијата“. Во тек е набавка на лесни оклопни возила на тркала, согласно договорот со американската влада.

Неколку земји од НАТО најавија дека во Украина ќе испратат десетици тенкови од западно производство, најмногу германски Леопард, а украински војници веќе се на обука за користење на овие тенкови. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бара од сојузниците да му бидат испратени и воени авиони, пред сè американски Ф-16.

Полска и Словачка изразија подготвеност да ги испратат во Украина своите советски суперсонични борбени авиони МиГ-29, но како дел од меѓународната коалиција.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG