Достапни линкови

Ликовните потраги на Милко Нестороски – провокација за прилепската публика


Дело на уметникот Милко Нестороски
Дело на уметникот Милко Нестороски

„Садхана“ е насловена самостојната изложба на младиот струшки уметник Милко Нестороски, која од 2 април се одржува во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Авторот се обидува да побара одговори на прашањата за природата на уметноста и творечкиот нагон.

По безмалку четири месеци од претставувањето во Кичево, младиот струшки уметник Милко Нестороски со „Садхана“ еве го и пред прилепската културна јавност. Тој во Ликовната галерија на тамошниот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе ја претстави визуелизацијата на прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон. Од таму, во своето обраќање до ликовната публика тој не случајно текстото ќе го започне со прашањата: Која е улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност? И, потем следува појаснувањето.

На почетокот од моето творештво како потенцијален уметник, сакам да се позанимавам со некои вакви прашања чии одговори ги сметам за клучни и како непишани правилa кои треба да се земат во предвид при создавање на секое едно уметничко дело. Овие одговори сметам дека секој потенцијален автор пред сè треба да ги побара во себе, размислувајќи за своите потреби, желби, чувства, размислувања и сл. и нивната поврзаност со неговиот творечки нагон. Да се запраша кои се најискрените лични причини поради кои тој сака да создава уметност и каква би била таа. Јас лично во потрагата по овие одговори одлучив да тргнам назад во моето детство, за во тогашниот мој светоглед ги пронајдам корените на сегашните мои творечки тенденции. Така стигнав до делa со кои истовремено како тема се опфатени прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон, но и карактеристиките на тоа што јас, таков каков што сум, имам да го понудам при моето изразување преку ликовната уметност, пишува младиот уметник.

Но кој е Милко Нестороски?

Роден 1994 година во Струга, тој најнапред ги завршил основното и средното образование во својот град, а потем дипломирал сликарство со модул сценографија на Факултетот за лиуковни уметности во Скопје, во класата на проф. М-р Благој Маневски.

За време на и после студиите бил учесник на повеќе групни изложби, конкурси, работилници, проекти и перформанси во родната Струга и во Скопје, а забележано е и тоа дека бил и организатор на првата Треш-арт колонија во Македонија одржана во рамките на Фестивалот за процесирање култура ДРИМ-ОН која кулминирала со јавен перформанс.

Инаку, Нестороски своето самостојно деби го стори со изложбата „Бркајќи меурчиња“ во галеријата „Вангел Коџоман“ во родната Струга во јули 2019. Во декември истата година изложуваше во Absinth Gallery во Скопје, а потем на почетокот на декември минатата 2020 со „Садхана“ се претстави во Кичево.

Нешто пред тоа, во октомври лани во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Милко Нестор преку заедничката изложба „Состојби на флуоросценција“ ја претстави соработката со уметницата Лида Шерафатманд, со која во текот на пандемијата го основаа уметничкото движење „флуоросценсизам“. Патем, со оваа светска уметница која скоро две години живее и црпи инспирација во Струга, тие како ко-автори на манифестот на движењето, имаа закажано заедничка поставка во САМ Музеј на современа уметност во Неапол, Италија.

И, кога сме веќе кај меѓународните активности да кажеме и тоа дека Милко Нестороски е номиниран за Глобалната награда за уметност која ќе биде доделена на 5 јуни годинава во Токио, Јапонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG