Достапни линкови

Леон, братот на Џими Хендрикс на „Блуз и соул фестивал 2019“


Во деновите кога на Скопје ќе му се случува Младиот отворен театар и уште едно издание на пивските фестивали со интересен избор на музичка програма ( Горан Трајковски со својот бенд, на пример), љубителите на блузот, блуз рокот, соулот... своето прибежиште во четврток и петок, на 12 и 13 септември, ќе го побараат во клубот „Станица 26“. А, таму традиционално ќе се тркала познатата приказна која само навидум мнозина ја сместија во минатото, но која од друга страна безмалку од година во година демонстрира жилавост што е својствена не само за минатите туку и за времињата кои доаѓаат и наметнуваат потреба за обновување на вербата во вистинските вредности. Во оние неколку рифови, во гитарските искричења и енергијата која се реобновува наново и наново. И така со ред.

Но, да се вратиме на манифестацијата, на „Блуз и соул фестивал“, која чиниш како да се прпелка тука некаде во просторот на почетокот на секоја наредна еден, но која през годиниве да ја немаше ќе бевме многу посиромашни за една силна емоција и за случување кое барем и за миг не отргнува од суровоста на дневната политика и не потсетува дека ете и ние, такви какви што сме, можеме да бидеме дел од современиот свет и глобалната културна мапа.

И, на неа во случајов уште едно потсетување на творештвото и духот на ненадминатиот Џими Хендрикс, човекот кој гитарата одамна ја одведе во иднината, а згора на тоа и артисти кои и тоа како знаат во какви чевли го трчаат својот почесен круг во рамките на дадените звуковни постулати и ограничувања.

Така со Хендрикс во случајов ќе се бават неговиот роден брат Леон и нам добро познатиот италијански гитарист Фулвио Феличијано, а тука се и комшиите ЗИПИ НАПЕРС од Грција, ТОРОК ФЕРЕХ ДУО од Унгарија и нашите млади волци Д МОЛ ПЕК.

Леон Хендрикс, освен што е брат на покојниот гениј од Сиетл, е уметник, текстописец и гитарист кој почнал да се занимава со музика малку подоцна во животот. Тој има објавено неколку албуми, но најмногу е познат по неговите оригинални илустрации.

Во 2012 година Леон ја потпиша својата книга насловена „A Brother’s Story“ и не многу потоа тргна на турнеја насловена „Fulvio Feliçiano Band In Name Of Jimi“ со следбеникот на делото на Хендрикс – Италијанецот Фулвио Феличијано, за да ја свири музиката и да го пренесе искуството од животот покрај неговиот брат.

Феличијано, пак, е еден од најпочитуваните блуз и рок гитаристи во Италија и од сите негови проекти,оној посветен токму на музиката на легендарниот Хендрикс е особено популарен кај љубителите на блузот не само во неговата родна земја, туку и воопшто на Стариот континент. Тој во Скопје доаѓа по вторпат ( првиот беше минатиот септември кога заедно со амриканскиот гитарист и пејач Стен Скиби го претставија проектот „Jimi Hendrix Tribute Night“) и заедно со своите пријатели Марко Д’Анџело на бас и Лука Мартини на тапани ќе се обидат да понудат „психоделично шоу длабоко вкоренато во блузот и фанкот, кои ја карактеризираат музиката на Џими, оставајќи простор за инстинкт и импровизација“.

ЗИПИ НАПЕРС од Грција е бенд кој постои неколку години наназад под водството на Спирос Мисокефалос. Во својот репертоар негуваат претежно американски блуз – рок. На нивните настапи најчесто изведуваат композиции од различни блуз уметници, како големиот Би Би Кинг, Ета Џејмс, Стив Реј Вон... Инспирирани од овие легендарни блуз музичари свират и сопствени, авторски композиции. Нивните концерти и настапи се особено прифатени од публиката заради реките енергија, импровизаторска моќ и артистичка акција.

ТЕРЕК ФЕХЕР ДУО

Приказната на ТЕРЕК ФЕХЕР ДУО од Унгарија почнува во ноември 2015 година кога унгарската рок икона и флејтист на популарниот унгарски бенд Д МИНИ Адам Торок го поканил тогаш десетгодишниот гитарист Адам Фехер да свири со нив на концертот на легендарниот фестивал Бем Рокпарт. Од тогаш тие имаат отсвирено над 50-на настапи и по годините кога овој посегаше по творештвото на составот својата соработка ја озваничија како дуо чија музика е заснована на рок и блуз, при што ги интерпретираат на нивен оригинален начин класичните рок и блуз мелодии, како и одредени балади на Д МИНИ.

Инаку, Адам Терек е светски познат флејтист, пејач, композитор, продуцент, како и основач на легендарниот рок и блуз бенд Д МИНИ. На сцената е присутен од крајот на 1960-тите, при што се смета за татко на прогресивниот рок во Унгарија.

Тој е познат по својот уникатен рок, блуз и џез стил, извонредниот глас и мајсторството на флејтата, како и неговата позитивна личност и чувство за хумор.

Во текот на неговата кариера која трае 50 години има настапувано на околу 10 илјади концерти во Унгарија и ширум светот. Има снимено над 30 албуми кои се продадени во милионски тираж, при што неколку од нив се дел од музичката историја и се вистинско богатство за музичките колекционери.

Во 1990 година тој бил претставник на Централна Европа во Филаделфија, САД, со неговиот бенд од Швајцарија, при што свирел пред речиси половина милион гледачи. Магазинот „All about flute“ го прогласи за еден од најдобрите рок флејтисти во светот.

Д МОЛ ПЕК

Конечно нашите Д МОЛ ПЕК, бендот кој го чинат Димитар Даневски – ритам и главна гитара, Глигор „Гишо“ Динев – тапани и перкусии, Теодор Бошков – бас гитара, Александар Ѓорѓиески – вокал и усна хармоника ,Златко Андријевски – гитара и Влатко Сапламаев – клавијатури, датира од 2008 година и свири музика во која има силни влијанија од прогресивната блуз-рок сцена од 1960-тите. Дополнително влијание има од раната Мисисипи делта сцена и блуз сцената во Чикаго. Името на бендот има доста симболично значење. Кртот е животно кое е скоро слепо. За неговиот недостаток на вид компензира потпирајќи се на своите чувства, инстинкти, и интуиција. Преку аналогија, членовите на бендот мислат дека луѓето треба да се обидат повеќе да се потпираат на своите чувства, т.е. да го слушаат своето „внатрешно јас” со цел да го збогатат својот дух, како и да ги задоволат своите интереси и желби без страв од неуспех. Членовите на бендот веруваат дека ова може да им помогне на луѓето да излезат од секојдневната рутина на модерниот живот.

Без разлика дали се работи за интерес за музика, филм, било кој вид на уметност, наука, или филозофија – бендот ве тера да „копате” по работите кои ги сакате. „Дружете се, сакајте се, и слушајте добра музика.” – велат „кртовите.”

Д МОЛ ПЕК лани го објавија своето првенче „Gambling Man“, а во последно време работат на материјалот за вториот студиски албум.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG