Достапни линкови

ЛГБТИ активисти очекуваат ДУИ јавно да ги поддржи нивните права


Првата прајд парада во Скопје, 29.06.2019
Првата прајд парада во Скопје, 29.06.2019

Што е партиска идеологија е прашањето што се отвори откако ДУИ соопшти дека ја прифаќа зелената агенда која во себе содржи и други позиционирање, како на пример поддршка на ЛГБТИ правата.

Зелени политики, заштита на животната средина, ненасилство, социјална правда, родова рамноправност, права за припадниците на ЛГБТИ заедниците, антивојни, антирасизам, а за екосоцијализам. Накратко ова се точките од политичкиот спектар што ги споделуваат зелените партии во Европа, чија зелена агенда викендов соопшти дека ја прифаќа ДУИ.

Беким Асани, претседател на здружението „ЛГБТ Јунајтед- Тетово за Радио Слободна Европа вели дека со новата агенда партијата можеби и сфаќа дека е време да се зборува и за ЛГБТИ правата. Тоа е основата на зелената идеологија, вели Асани, кој нагласува дека досега не слушнал од претставниците на ДУИ да зборуваат за правата на таа заедница или за сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

„Но, да не заборавиме дека дел од пратениците на ДУИ гласаа за новиот закон за заштита и спречување на дискриминацијата во кој сексуалната ориентација и родовиот идентитет се вклучени како основи за дискриминација. Ние како ЛГБТИ активисти очекуваме ДУИ наскоро или веќе треба да почне да зборува јавно и да ја поддржи јавно ЛГБТИ заедницата“, вели Асани.

Инаку, накратко историјата на партијата која ја води Али Ахмети од нејзиното основање досега е следнава- се формираа на 5 мај 2002 година, а произлегува од борците од воениот конфликт од 2001 година. Беа во владина коалиција со социјалдемократската СДСМ и со десничарска ВМРО-ДПМНЕ, а досега главно во јавноста зборуваа за проблемите на Албанците, нивните права, застапеноста во државните институции...

Трансформацијата на ДУИ

Пред неполна година, на предвремените парламентарни избори настапија со паролата „Pse jo“ зад која стоеше кампања за премиер Албанец. Сега пред локалните есенски избори Ахмети соопшти дека е време да се занимаваат со животот на граѓаните, наведувајќи дека ДУИ ја прифаќа зелената агенда. Во скопскиот градски парк тој ја цитираше и шведската активистка Грета Тунберг наведувајќи дека дошло време да ја отворат вратата и да ги прифатат политиките за зелена, безбедна, развиена и здрава иднина. Тунберг, пак, покрај тоа што е гласен активист за животната средина и борбата против климатските промени, е и поддржувач на правата на ЛГБТИ заедниците.

Но, дел од јавноста реагира и на профилирањето на ДУИ како зелената партија забележувајќи дека од 2006 година досега министер за животна средина е од кадар од ДУИ, или пак дека двајца нивни градоначалници, во Тетово и во Струга важат за луѓе кои не преземале многу за подобрување на состојбата. На ова упатува и Аријанит Џафери од невладината организација Еко Герила.

„ДУИ се партија која тешко се дефинира. Пред Албанците често пати кажуваат дека се партија од војната, од УЧК, дека се бореле, пред Македонците кажуваат друга приказна...тешко е да се очекува од ДУИ дека ќе биде зелена партија со сите тие компоненти кои ги имаат зелените партии“, вели Џафери.

Радио Слободна Европа се обиде да добие дополнителни коментари од ДУИ за нивната зелена агенда, но не успеа.

И другите партии без јасна идеологија

Инаку, и други партии на македонската политичка сцена не се докрај верни на идеологиите што тврдат дека ги застапуваат. На пример СДСМ себе си се дефинира како социјалдемократска политичка партија со левичарска идеологија. И актуелниот партиски претседател и премиер Зоран Заев често повторува дека тие се партија со левичарска идеологија. Ако се погледат нивните предизборни ветувања во последниве десетина години на пример тие ветуваа левичарски политики, како на пример прогресивен данок за богатите, или пак промени во законот за работни односи кои ќе им донесат повеќе права на работниците. Но, малку од ова е реализирано по четири години на власт. Од идејата за прогресивен данок се повлекоа краток период откако го воведоа, а законот за работни односи е во фаза на менување сега, но не во наосока во која што ветуваа.

ВМРО-ДПМНЕ во партискиот статут наведува дека тие се народна, демократска партија со конзервативна идеологија која негува европски демохристијански вредности. Партијата додека беше власт водеше некои конзервативни и десничарски политики како на пример отежнување на можноста за абортус, инсистираше дека не смеат да се напуштат традиционалните вредности дека бракот претставува исклучиво заедница на еден маж и на една жена, водеше политика за зголемување на наталитетот итн..Но и тие додека беа на власт имаа доста левичарски потези како на пример зголемување на плати и пензии, евтино образование и здравство, потези кои се сметаат за карактеристични за левицата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG