Достапни линкови

Кој ќе им ја плати отштетата на жртвите, што од Приштина ја бара Хаг?


Хаг: Специјалниот суд на Косово, 1 април 2023 година
Хаг: Специјалниот суд на Косово, 1 април 2023 година

Отштетите за жртвите од воените злосторства, од страна на припадници на ОВК, одредени во пресудите на Специјалниот суд за воени злосторства, наидоа на правна пречка. Пресуда има, закон има, ама со ограничени можности за исплата.

Владата на Косово се чини дека нема конкретен план за евентуално обештетување на жртвите во случајот со Салих Мустафа, поранешен командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кој Специјалниот суд го осуди за воени злосторства во Хаг. Според пресудата од 6 април, судот му наложи на Мустафа да плати 207.000 евра како отштета за осум жртви.

Но, при објавувањето на одлуката беше соопштено дека Мустафа изјавил дека нема пари за да го плати тоа обештетување. Судската порота во Специјалниот суд по оваа изјава ја посочи потребата „да се ангажираат други актери за спроведување на наредбата за компензација, особено Косово“.

Специјалниот суд на прашањето од Радио Слободна Европа (РСЕ) дали косовската влада најавила дека ќе плати, одговори дека засега нема одговор од Косово по ова прашање.

Како ќе се плати оштетата за жртвите ?

Специјалниот суд е дел од косовскиот судски систем, но работи со меѓународен персонал и е со седиште во Хаг. На Мустафа му се судеше за наводни злосторства извршени од припадници на ОВК против етничките малцинства и политички противници од јануари 1998 до декември 2000 година.

Законот, со кој е формиран овој суд, предвидува дека лицата за кои ќе се утврди дека се жртви на кривични дела од надлежност на овој суд, имаат право на надомест. Во него се предвидува дека судот може да издаде директна наредба за компензација или, во некои случаи, да ги насочи жртвите да поднесат граѓански барања во други косовски судови. Во случајот со Салих Мустафа, судот директно нареди да им се плати компензација на жртвите.

Може ли косовскиот буџет да им плати отштета на жртвите на Мустафа?

Според сегашниот закон, мала е можноста за целосно обештетување на жртвите од буџетот на Косово. При изготвувањето на законот, со кој беше формиран Специјалниот суд, не беше предвиден посебен фонд за обештетување на потенцијалните жртви.

Од Министерството за правда на Косово велат дека обесштетувањето на жртвите од криминал е опфатено со постоечкиот закон од претходно.

Законот предвидува дека жртвите на злосторствата извршени на територијата на Косово можат да добијат отштета од државната програма, но само во случаи кога поради некоја причина не може да им плати лицето кое го извршило кривичното дело против нив.

Меѓутоа, во рамките на овој закон постојат ограничувања на максималните износи што можат да ги добијат индивидуалните жртви на криминал.
Во зависност од видот на штетата што ја претрпела жртвата, законот предвидува надомест до четири илјади евра, а во посебни случаи и до десет илјади евра.
Одлуката на Специјалниот суд за обештетување на жртвите во случајот на Мустафа предвидува од 2.000 до 80.000 евра за секоја од осумте жртви.

И покрај инсистирањето на РСЕ, Министерството за правда не го коментираше фактот дека актуелниот закон не ги опфаќа износите за обештетување што веќе ги наложи Специјалниот суд. Од Канцеларијата за комуникации на Владата на Косово не одговорија ниту на барањето на РСЕ да се произнесе по ова прашање.

Невладиниот сектор бара нови механизми за оштета на жртвите

Фондот за хуманитарно право на Косово, организација која се занимава со транзициска правда, ја поздрави одлуката на Специјалниот суд за компензација.
„Фондот оваа наредба ја смета како чекор напред во остварувањето на правата на оштетените“, се наведува во соопштението од 7 април.

Оваа организација, исто така, ја повика Владата на Косово да создаде соодветни закони и механизми кои ќе обезбедат компензација за жртвите на воените злосторства во Косово.

Директор на Фондот за хуманитарно право Беким Блакај за РСЕ вели дека обештетувањето за жртвите на воените злосторства е многу важно, но додава дека треба да се направи компензација за сите жртви - дури и надвор од надлежноста на Специјалниот суд.

„Ако се создаде фонд за обештетување на жртвите на воените злосторства потврдени од овој суд (Специјалниот суд), не би било коректно да се вклучат само жртвите потврдени од овој суд“, вели Блакај.

Но, како што е наведено во Советот за човекови права и слободи на Косово, Специјалниот суд „не може да ја принуди Владата на Косово да им плати отштета на овие жртви“.

Според мислењето на оваа невладина организација, фондот за исплата на жртвите треба да се креира од буџетот на самиот Специјален суд, а не да биде дополнително оптоварување за буџетот на Косово.

Специјалниот суд го финансираат земјите од Европската Унија, а придонесуваат и некои други земји. Според извештајот на овој суд објавен во 2021 година, во периодот 2016-2020 година имаа буџет од над 150 милиони евра.

Кога Собранието на Косово во 2015 година го усвои Законот за Специјален суд, пратениците донесоа и друг закон, со кој се гарантираше финансиска поддршка на потенцијалните обвинети.

Министерството за правда не ги објави последните податоци за трошоците за кривично гонење, но според некои претходни пресметки, сумата надминува 13 милиони евра.

Колкав беше надоместокот за жртвите од војната во регионот?

Западен Балкан беше зафатен со крвави војни во 1990-тите, кои доведоа до распад на поранешна Југославија. Хашкиот трибунал, кој се занимаваше со воените злосторства извршени во овој регион, беше формиран во 1993 година.
Обвиненијата на овој суд го опфаќаа периодот од 1991 до 2001 година и беа насочени кон припадници на различни етнички групи во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Северна Македонија.

За разлика од сегашниот Специјален суд на Косово, Судот во Хаг не донел директна наредба за исплата на отштета, туку на жртвите им било наложено да се обратат до надлежните локални судови за обештетување.

Според извештајот на Фондот за хуманитарно право на Србија за 2021 година, стотици барања за компензација се поднесени до српските судови со кои се бара компензација од државата за злосторствата извршени за време на војните во 1990-тите.

Извештајот не кажува колку случаи вкупно добиле отштета, но ги критикува судовите за нудење мали суми на отштета и за одолговлекување на правните постапки за жртвите.

Од друга страна, според податоците од Црна Гора, милиони евра се исплатени како отштета на жртвите на воените злосторства во оваа земја.

Што се однесува до Босна и Херцеговина, оваа земја нема посебен државен закон за поддршка на жртвите на војната, вклучувајќи ги и жртвите на сексуално насилство.

Во првиот случај од овој тип, жртва на сексуално силување за време на војната во Босна и Херцеговина успеа да ја натера Босна и Херцеговина да и плати отштета во износ од 15 илјади евра преку Комитетот на Обединетите нации против тортура.

XS
SM
MD
LG