Достапни линкови

Втора жртва од коронавирусот во Македонија, заболени 136


Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче

Од Министерството за здравство денеска информираа дека има втора жртва од коронавирусот и нови 22 нови заболени со што вкупната бројка заболени се искачи на 136 луѓе. Во меѓувреме и антибиотикот Сумамед, кој се покажа како успешен за лекување на овој вирус, се повлекува од слободна продажба и ќе може да се набавува само со бел рецепт. Владата дополнително ги заостри мерките за повозрасните од 67 години и за помладите до 18 години.

Маж на 63 години од Дебар е втората жртва на коронавирусот во Македонија. Министерството за здравство соопшти дека пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без зголемена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта нагло се влошила неговата состојба, веднаш бил интубиран, ставен на респираторна машина, но по неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал.

„Не дал податок, ниту тој, ниту семејството дека имал некој коморбидитет (дополнително заболување). Пациентите кои што имаат претходна болест имаат повисок ризик, но има секакви сценарија. Ова значи дека поризична група се повозрасните или тие со коморбидитет, но тоа не е правило”, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Дебарчанецот е втора жртва на коронавирусот во земјава. Вчера почина 57-годишна кумановка, која, според министерот за здравство Венко Филипче, била тестирана два пати за коронавирусот, а тестот бил негативен. Посмртно тестот бил позитивен, рече Филипче, додавајќи дека ниту еден тест не е сто отсто сензитивен.

Во меѓувреме расте бројот и на заболени од коронавирусот. Заклучно до пладне, како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани се 22 нови случаи на заболени од коронавирус во земјата, со што вкупно бројката изнесува 136. Најмногу новозаразени има во Скопје-15, а по него е Дебар со 4, Куманово со двајца и Охрид со еден. И во вкупно заболени главниот град води со 81 заболени, а втор е Дебар со 40 заболени. Потоа следуваат Штип, Куманово, Кавадарци, Охрид и Гостивар.

Од деветти март, пак, 193 лица кои беа во контакт со поранешната директорка на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска на која и беше утврден коронавирус, се во изолација, а Филипче рече дека се истечени 14 дена и сега се прави план за нивно тестирање за да се вратат на работа.

Од Министерството за здравство денеска наведоа и дека во земјава изгледа ќе почне да се применува комбинација од антибиотикот Сумамед заедно со лекот Кинин за лекување на болните од коронавирусот откако некои земји во светот јавија дека таа комбинација се покажала како успешна.

„Огромна е побарувачката согласно информациите за ефикасноста на лекот Сумамед. Во нашите аптеки се донесе одлука да се издава само со бел рецепт, значи на трошок на фондот, апелирам граѓаните да не прават залихи на овој лек, навистина има огромна, сосем доволна количина во нашата земја и не би било добро да некој сам индицира лекување со антибиотска терапија“, рече Филипче.

Од вчера, пак, на територијата на цела држава во сила е полициски час. Владата вечерва соопшти дека има поместување на забраната за движењење на граѓаните која започнува во 21 часот навечер и наместо до 6 часот како што вчера беше најавено, сега се поместува до 5 часот наутро. Владата дополнително одлучи и да се забрани движењето на младите до 18 години од 21 часот навечер до 12 часот напладне, а на постарите од 67 години од 11 часот до 05 часот следниот ден.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска рече дека впечатокот е оти генерално се почитуваше ограничувањето на движењето.

Исклучок направиле 18 лица кои давале отпор при опоменувањето дека не го почитуваат полицискиот час . Од нив од Виница се шест лица, од Тетово пет, од Гостивар двајца, од Куманово двајца а кај нив е најдено и оружје, од Радовиш две лица, едно од Штип , шест во Кочани и еден од Виница кој избегал. Другите рече Чулев се приведени. Вкупно на територија на цена држава се опоменати 74 лица кои веднаш постапиле по наредбата на полицијата.

„Сублимирано станува збор за девет кривични пријави кои веќе се поднесени, а се однесуваат на член 206 од Кривичниот законик. МРВ презема активности за утврдување елементи за поднесување кривична пријава за кривични дела за останатите сторители, а во смисла на дефинирање на елементите на стореното кривично дело“, рече Чулев.

Ова е првпат да се спроведува полициски час на територијата на цела држава. Властите оваа одлука ја образложуваат како обид да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити здравјето на граѓаните. Полициски час имаат воведено и други земји од соседството.

Коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG