Достапни линкови

Коалиција на партиите против правдата


По неколкудневната неуспешна процедура за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, која заврши вчера со кулминација на меѓусебните обвинувања, аналитичарите велат дека има разни сценарија кои стојат зад ваквиот развој на настаните.

Денот полн со меѓусебни обвинувања, најмногу меѓу владините коалициски партнери, не ја разјасни ситуацијата околу тоа што се случуваше со процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски.

Пратениците од владејачкото мнозинство остануваат на тврдењата дека се работи за соработка меѓу ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ.

Павле Богоевски и Мухамед Зеќири, двајцата директно прозвани од претседателот на Собранието Талат Џафери, го обвинуваат ДУИ за “криминална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ” и дека си прават меѓусебни услуги кои би требало да се вратат во иднина.

Можно е да се работи за спрега на партијата на Али Ахмети со поранешните коалициски партнери, вели и политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

“Играта е и со стравот, очигледно е дека има закани и од ВМРО-ДМНЕ да не се чепкаат досиејата и поради тоа се тактизира”, вели Демири.

Другата теза ја промовираат политичарите од ДУИ. Пратеникот од ДУИ Артан Груби тврди дека Богоевски како претседател на Комисијата за мандатно имунитетни прашања се договарал со ВМРО-ДПМНЕ, а ги исклучил нив.

Според универзитетскиот професор Никола Дујовски постои “коалиција на политичките партии против правдата, народот и државата”.

“Ова е чист заговор, па уште и не убедуваат дека еден или друг е виновен. Сите политичари кои учествуваа во овој чуден и нефер процес за одземање на имунитетот се здружија против народот”, вели Дујовски.

Упатените посочуваат и на други опции кои би можеле да стојат зад неуспешноста на Собранието да реши по барањето на судот за притвор за Вељаноски за случувањата на 27 април 2017 година. Ова е провидно сценарио во кое, вели Демири, можно е и вештачки се затегнуваат односите меѓу владините коалициски партнери од две причини. Едната, смета тој, е да паднат недостатоците од нивното владеење во втор план.

“Но, сметам дека основниот судир е околу недоразбирањето за предвремените избори. Мислам дека причината за лутењето меѓу владините партнери е ставот на ДУИ да не одат на предвремени избори, а од друга страна е Заев, кој посакува предвремени избори”, вели Демири.

Процените се дека се дека една од придобивките од предвремените парламентарни избори, кои би можеле да се одржат со вториот круг претседателки на петти мај, е обезбедувањето на потребниот цензус од 40 отсто за да се избере претседател. Но, официјално засега опцијата распаѓање на владината коалиција и предвремени избори не се во игра, а пратеникот од ДУИ Груби тврди дека коалицијата функционира најнормално.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG