Достапни линкови

Тензична расправа за имунитетот на Вељаноски


Каменот на Мисовски причина за кавга за имунитетот на Вељаноски
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Каменот на Мисовски- причина за кавга за имунитетот на Вељаноски

Комисијата за мандатно-имунитетни прашања расправа дали да го одобри барањето на судот за одземање на мандатот за пратеникот Трајко Вељаноски, осомничен за насилствата од 27 април 2017. Пратеникот Горан Мисовски на седницата донесе камен од насилствата во Собранието, кој го зачувал како сувенир.

Со Деловникот и записникот од седницата за крвавиот четврток пред себе, пратеникот Трајко Вељаноски го почна образложението пред пратениците во кое тврдеше дека не ги прекршил собраниските правила со одолговлекување на конститутивната седница на 27 април 2017 година. Комисиската расправата за тоа дали Собранието треба да му го одземе имунитетот на пратеникот и поранешен претседател на Парламентот Вељаноски на моменти стануваше тензична.

Вељаноски, читајќи од записникот од седницата, им посочи на пратениците дека не ја одолговлекувал намерно конститутивната седница и дека пораките кои му биле покажани во Судот на распитот не докажуваат дека има некаква вина за случувањата 27 април.

„Ова ви го кажувам најискрено, јас сум бил 10 години претседател на Собранието, ни на крај памет не ми паднало да направам некои дејствија кои се спротивни на Деловникот, на законот и спротивно на собраниските процедури, поготово за колеги пратеници. Јас три мандати бев претседател на Собрание, искрено да ви кажам јас сакав да си заминам без ваква случка, сакав да заминам на многу подобар и пофин начин, а не да се случи ова“, изјави Вељаноски.

Инаку, Вељаноски, заедно со поранешниот премиер Никола Груевски и неколку министри од претходната влада се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок во истрагата на Јавното обвинителство за насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Судот побара од Парламентот да му го одземе пратеничкиот имунитет на Вељаноски за да може да го разгледа барањето на обвинителството за мерката притвор.

Претседателот на комисијата Павле Богоевски, пак, посочи дека завршило времето на политички нарачки во обвинителството.

„Убаво ја опишавте хронологијата на настаните за конститутивната седница, но не може да ме убедите дека од декември до април има само еден месец. Со траењето на седницата четири месеци ризикуваме да се блокира цела држава. Според мене, треба да постапиме како во сите други случаи кога суд барал одземање имунитет. Да се заврши постапката во суд, а не други институции да се користат во политички цели“, рече Богоевски.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски на расправата покажа камен со големина на тупаница кој го сочувал како сувенир од нападот на Собранието. Тој тврдеше дека демонстрантите со тој камен фрлале кон него.

„Господине Вељаноски, овој камен тежи 330 грама, има поголема убиствена моќ од куршум, ова падна до моите нозе, дали вредеше? Дали вредеше евентуална повреда на каква било процедура? Ние немаме право да се мешаме на судот, но можам јавно да повикам на секого да му се обезбеди фер судење за секој пратеник и да има шанса да ја докаже својата невиност“, вели Мисовски.

Два часа откако го стори тоа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се расправаат за тоа како можел да внесе камен во Собранието покрај обезбедувањето и дека каменот е оружје со кое тој би можел да ги повреди пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие обвинија дека владејачкото мнозинство го претвора Собранието во Нотаријат и дека притворот служи како казна за опозициската партија. Тие истакнаа дека ова е осми пат како новата власт дебатира за одземање на пратенички имунитет и дека со тоа им се влева страв на опозиционерите.

„Кажете ми како да не се сомневаме дека ова не е класичен притисок на опозициските пратеници. Кажете ми како ние како опозициски пратеници утре ден кога ќе излеземе на говорница кога треба да браниме или да напаѓаме некој говор или некој предлог закон, ќе треба да пазиме што зборуваме за да не добиеш кривична пријава. Пази што зборуваш, да не ти го одземеме имунитетот“, изјави Зоран Илиоски.

Тема на расправата беше и вчерашниот инцидент во затворот во Шуто Оризари каде што на повреда се пожалија притворените Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Опозицијата обвини дека инцидентот е намерно предизвикан за да бидат понижени и тепани политичките неистомисленици на власта.

Седницата продолжува утре напладне. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски ја презакажа за утре седницата поради повеќемината говорници кои се пријавиле за збор.

Комисијата има рок од три дена да одлучи и предлогот да го достави на гласање до сите пратеници.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG