Достапни линкови

Климатските промени водат кон конфликти во светот


Растат ризиците по снабдувањето со вода и храна поради климатските промени
Растат ризиците по снабдувањето со вода и храна поради климатските промени

Маѓепсаниот круг што ги поврзува исцрпувањето на природните ресурси и насилните конфликти, можеби ја помина критичната точка во светот и најверојатно ќе се влоши со климатските промени, предупредуваат експертите пред клучниот климатски самит во Глазгов.

Несигурноста во снабдувањето со храна, недостатокот на вода и влијанието на природните катастрофи, во комбинација со високиот раст на населението, ги поттикнуваат конфликтите и ги раселуваат луѓето во ранливите области, објави Институтот за економија и мир (ИЕП).

Во својот извештај „Регистер на еколошка закана“ ИЕП користи податоци од Обединетите нации и други извори за да ги предвиди земјите и регионите кои се најзагрозени.

Извештај на ОН предупредува на пораст на температурите за 2,7 степени

Серж Стробантс, директор на ИЕП за Европа, Блискиот Исток и Северна Африка вели дека во извештајот се идентификувани 30 земји „жаришта“ во кои живеат 1,26 милијарди луѓе - кои се соочуваат со најголем ризик.

Ова се базира врз три критериуми кои се однесуваат на недостаток на ресурси, и пет се фокусираат врз катастрофи, вклучувајќи поплави, суши и зголемени температури.

„Не ни требаат климатски промени за да забележиме потенцијален колапс на системот, само влијанието на тие осум еколошки закани може да доведе до ова - секако дека климатските промени ги зајакнуваат“, наведува Стробантс.

Авганистан ја има најлошата оцена во извештајот, во кој се вели дека тамошниот конфликт ја нарушил способноста на земјата да се справи со ризиците по снабдувањето со вода и храна, климатските промени и наизменичните поплави и суши. Конфликтот, пак, според наодите, доведува до понатамошна деградација на ресурсите.

Шест истражувања, вклучително на влади, воени институции и развојни групи во минатата година ја забележаа дека „малку е веројатно меѓународната заедница да ги поништи маѓепсаните циклуси во некои делови на светот“, рече ИЕП.

Зелените субвенции на ЕУ може да завршат во џебовите на олигарсите

Ова е особено случај во Сахел и Рогот на Африка, каде што се забележани повеќе и влошени конфликти во последната деценија. „Со тензиите што веќе се ескалираат, може само да се очекува климатските промени да имаат засилувачки ефект врз многу од овие прашања“, се вели во извештајот.

„Сериозно предупредување“ за правецот по кој се движи светот

Меѓународната агенција за енергија пак предупредува дека енергетската транзиција е премногу бавна и оти светот ќе има глобално затоплување, но и „прекини во снабдувањето“ доколку не започне брзо и огромно инвестирање во чиста енергија.

Невремињата стануваат почести, тешко е да се прогнозира нивниот интензитет

Агенцијата, посочувајќи дека се појавува „нова економија“ со батерии, водород и електрични возила, сепак, на целиот овој напредок му се спротивставува статус квото со фосилни горива. Имено, како што се наведува, нафтата, гасот и јагленот сѐ уште претставуваат 80 проценти од изворите на енергија и генерираат три четвртини од климатските нарушувања.


Досега, обврските преземени од државите во врска со климата, доколку се исполнат, ќе овозможат намалување на емисиите на стакленички гасови за 20 насто до 2030 година, со цел загревањето да се држи под контрола.

Инвестициите во енергетски проекти за замена на јаглеродот треба тројно да се зголемат во следните десет години за да се постигне неутралност до 2050 година, изјави директорот на Меѓународната агенција за енергија Фатих Бирол.

Агенцијата, исто така, соопшти дека бараните дополнителни инвестиции не се толку големи како што често изгледаат. „Токму новата енергетска економија со батерии и водород има потенцијал да создаде милиони работни места“, рече Фатих Бирол.

Ненаселив свет

Во истовреме, Папата Франциск предупреди дека Земјата ќе стане ненаселива ако нема промена на курсот во климатските активности. „Не е доволно да се повторуваат принципиелни изјави кои прават да се чувствуваме добро, бидејќи, меѓу другото, сме заинтересирани и за околината“, рече Папата, додавајќи:

„Штетата што ѝ ја правиме на планетата веќе не е ограничена само на штети на климата, водата и почвата, туку сега таа се заканува со самиот живот на Земјата“. Според папата кој деновиве опширно зборува за климатските промени, загадувањето и одржливиот развој, „комплексноста на еколошката криза, всушност, бара одговорност, конкретност и компетентност“.

„Ме погоди толку многу кога еден од научниците, на состанокот што го имавме со нив и со верските водачи рече дека „мојата внука, која се роди минатиот месец, ќе мора да живее во ненаселив свет ако не ги промениме работите“, изјави папата Франциск кој ќе учествува на претстојниот самит за климатските промени во Глазгов.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG