Достапни линкови

Канонското единство со СПЦ чекор напред или назад кон автокефалност на МПЦ?


илустрација
илустрација

Веста дека Српската православна црква (СПЦ) ја враќа Македонската православна црква (МПЦ-ОА) во канонско единство е добар знак, вели професорот по социологија на религии Зоран Матевски. Сепак додава дека проблемот е повеќеслоен и не може да се очекува прогласување на автокефалност преку ноќ. Но, според поранешниот дипломат Драган Јањатов ова всушност е вазален статус.

Соопштението на Саборот на Српската православна црква со кое го одобрува канонското единство со МПЦ-ОА, не значи враќање назад во борбата за автокефалност на МПЦ и таквите тези се погрешни, реагира Зоран Матевски, професор по социологија на религии и директор на Центарот за интеркултурни студии и истражување при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој додава дека не се работи за одлука „земи или остави“, туку за соопштение за јавноста во кое ,меѓу другото, стои дека „разговорите со МПЦ продолжуваат се до решавање на нејзиниот конечен статус“.

Во вчерашното соопштение на СПЦ се посочува и дека одлуката се носи врз основа на акт на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, со кој се прифаќа автономен канонски статус доделен од страна на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година. Српската јавност ова го протолкува како „решавање на спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.

Професорот Матевски потсетува дека во 1967 година МПЦ не самопрогласила автокефалност бидејќи за тој статус ни е потребен томос од Вселенскиот патријарх.

„Годината 1967 е важна за нас бидејќи сме си се возобновиле, но за екуменскиот свет таа не само што не е важна, туку тогаш е шизмата. Она што е важно е што после 55 години, нас не враќаат во православната екумена, значи веќе не сме расколничка црква и нас не враќаат во тоа канонско и литургиско единство. Не треба да се третира годината 1959 како важна, таа е само појдовна точка за понатамошни разговори, бидејќи од некаде мора да се почне“, објаснува професор Матевски.

Најшироката можна самостојност која на МПЦ и е доделена во 1959 година е неодржлива смета Матовски. Тој објаснува дека не може во туѓа држава да има некаква автономна црква која е од ваша јурисдикција или свои епархии во друга држава. Токму затоа, тој очекува полека да почнат да се решаваат правните проблеми.

„Затоа сега се очекува кога ќе продолжат преговорите правно да се решат некои проблеми. Тоа значи црковно- правно СПЦ да се откаже од правото на епархии на оваа територија и како прв чекор ќе го даде тоа право на македонските епархии, а потоа ќе си продолжат разговорите во однос на понатамошниот статус, од широка самостојност, можеби статус на посебност и на крај се надевам ќе му предложат на Вселенскиот патријарх добивање на автокефалност“, вели Матевски.

Тој додава дека проблемот е повеќеслоен и не може да се очекува прогласување автокефалност преку ноќ.

Инаку, соопштението на Соборот на СПЦ следува по решението на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај со кое ја призна МПЦ-ОА за канонска црква. Вселенската патријаршија објави дека МПЦ ја признава за канонската црква под името Охридска архиепископија, имајќи ја предвид областа на нејзината јурисдикција во границите на државата Северна Македонија.

Одлуката на Вселенската патријаршија не значи дека МПЦ-ОА доби автокефалност.

Светиот Синод на Вселенската патријаршија со одлуката посочи дека МПЦ не е повеќе во шизма и раскол со севкупната православната Црква и македонските свештеници можат да сослужуваат со свештениците од другите православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

По вчерашпното соопштение на Саборот на СПЦ се огласи и Руската православна црква која за разлика од претходното соопштение во кое одлуката на Вселенската патијаршија ја оцени како „грубо, антиканонски и политички мотивирано мешање“ во јурисдикцијата на Српската православна црква, сега одлуката на СПЦ ја поздрави.

Заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов кој изјави дека руската православна црква ја поздравува одлуката на Српската црква да го обнови канонското општење со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додавајќи дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“.

Според професорот Матевски, Вселенската и Руската патријаршија имаат историски најлоши односи, особено по признавањето на автокефалноста на украинската црква и изјавите на рускиот патријарх Кирил за војната во Украина. Сепак тој додава дека вчерашната изјава од Руската црква со која ја поздравува одлуката на СПЦ е своевидна согласност и со указот на Вселенскиот патријарх или нивно приближување на ставовите.

Но, иако СПЦ нагласува дека и во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА ќе се раководи само и исклучиво од „еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“, поранешниот дипломат Драган Јањатов се сомнева дека мотивите се само црковни.

„Најверојатно тие од кого зависи овој процес и кои го одложуваат неговото решавање имаат некои планови со регионот. Контекстот е поширок, геополитички. Војната во Украина го забрза процесот и сега се влечат некои потези кои не се баш многу логични. Толку време се залага Македонија да се реши тоа прашање и сега наеднаш сите цркви изразуваат согласност и консензус со тоа прашање, а всушност тоа не го решава основниот проблем, туку на земјата и дава некаков вазален статус во однос на тоа што таа сака да биде. И мислам дека нашето државно раководство не се справува најдобро со ова или пак има некои лукративни причини кои стојат зад тоа“, вели Јањатов.

МПЦ се уште без официјален став

Синодот на МПЦ-ОА засега нема никаква официјална реакција на одлуката на Соборот на СПЦ. Засега со изјава се јави само митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар кој во изјава за некои медиуми вели дека „одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со МПЦ-Охридска архиепископија е чекор напред во односите меѓу двете цркви“.

„Канонското единство значи да почнеме заедно да богослужиме. Тоа е целата приказна и без тоа не може да се оди напред. Без тоа не може всушност ништо да се прави ако не те признаваат дека си рамен со нив. Ако со нив служиш, тогаш си рамен на нив. Завршена приказна“, изјави господин Петар.

Професорот Матевски вели дека за црковните прашања, црквата не е должна да одговара пред јавноста или политичката елита.

„Никој не смее да ја пристиска црквата кога да излезе во јавност и што ќе каже. Тие си имаат свои преговори. Ова што сега се случува е нешто што зрее од моментот на потпишување на Преспанскиот договор. Прашање на време е колку уште ќе им треба да ги избалансираат уште овие нијанси кои им останаа“, вели Матевски.

Претходно, Синодот на МПЦ изрази благодарност до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј за канонско признавање на Охридската Архиепископија. Портпаролот на Синодот, Владиката Тимотеј деновиве изјави дека не треба да се потценува тоа што Вселенската Патријаршија не признала како Охридска Архиепископија зашто со тоа таа го признала континуитетот на нашата црква олицетворена во МПЦ-ОА. Тој додаде дека МПЦ-ОА всушност никогаш не ги прекратила разговорите со српската црква, но тие не секогаш се објавуваат во јавноста.

Група македонски интелектуалци ,исто така, со отворено писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, му се заблагодаруваат на одлуката на Вселенската патријаршија да ја прифати во канонско единство Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Македонската православна црква до 2022 година беше во раскол со сите православни цркви, откако во 1967 година еднострано прогласи независност. Тоа значеше дека свештениците на МПЦ-ОА не можеа да вршат литургии и други обреди со свештениците од другите православни цркви.

Непосредно пред потпишувањето на Договорот за името со Грција во април 2018 година, МПЦ испрати писмо во кое побара од Вселенската патријаршија да ја признае автокефалноста, историските и канонските права и привилегии, да ја прифати жалбата и да ја одобри автокефалноста. Оттогаш, државниот врв на Северна Македонија испрати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја одобри жалбата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG