Достапни линкови

Кој со кого по изборите?


Илустрација - Кандидати за предвремени парламентарни избори 2020
Илустрација - Кандидати за предвремени парламентарни избори 2020

По среда, кога се одржува гласањето за овие предвремени парламентарни избори, се очекува да почнат и меѓупартиските преговори за можна идна владина коалиција. Засега лидерите се воздржани и во очекување на распоредот на силите во парламентот.

Од идната недела собранието ќе добие 120 нови пратеници, а добиените мандати во парламентот ќе отворат многу преговори, можности и комбинации за идната владина коалиција. Во раните утрински часови во четврток се очекува да се знае кој ќе биде лидерот на кому претседателот Стево Пендаровски ќе му додели мандат за состав на владата.

Тој, пак, според Уставот, потоа има дваесет дена за да го предложи составот на Владата која новиот собраниски состав треба да ја изгласа со мнозинство. Пред изборите ситуацијата за новото мнозинство е доста нејасна, но дел партиски лидери ги исцртуваат контурите на идните преговори за владино коалицирање.

ДУИ даде услов, премиер Албанец, поранешниот пратеник Насер Зибери, но тоа досега го отфрлија како можност од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, двете партии од кои вообичаено доаѓа мандатарот за состав на идната влада.

Првиот човек на СДСМ Зоран Заев, во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела вели дека пред три години по изборите, немале опција да не коалицираат со ДУИ поради бројот на мандати што го освои таа партија, но по овие избори, вели дека сликата немала да биде таква.

„Веќе нема шанси резултатите да не упатат на коалиција со ДУИ затоа што опциите наспроти првиот опонент на ДУИ, а тоа е Алијансата за Албанците и Алтернатива се блиску со мандати. Дури и да има некоја разлика од два до три плус минус мандати за која било од двете политички понуди меѓу ДУИ и Алијанса и Алтернатива тогаш има опција да се избира. Затоа и докрај на кампањата сме отворени за ова прашање затоа што и на крајот се прават коалиции на основи на програми, а не на уцени“ вели Заев.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, пак, на прашањето со кого се гледа во постизборна коалиција со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ќе коалицираат врз основа на нивната платформа и програма.

„И како резултат на тоа ние ќе коалицираме со таа политичка партија која ќе ја прифати таа програма, а во таа програма стои исто така дека реверзибилни процеси нема да постојат и нема враќање назад од нашиот пат. Веќе сме членка во НАТО, на пат кон ЕУ, договорите со соседите треба да се почитуваат итн, итн“, вели Села во интервјуто за РСЕ кое во целост ќе го емитуваме в сабота.

Инаку на овие избори СДСМ настапува заедно со партијата Беса предводена од Биљаљ Касами. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве во интервју за 360 степени не ја отфрли можноста да коалицира и со Беса, ако како што рече обезбедат заедничка согласност. Тој во повеќе наврати ја отфрли идејата на ДУИ за премиер Албанец, а ги споменува исто така Алтернатива и Алијансата за Албанците како можни идни коалициони партнери.

Ахмети пак, во интервју за РСЕ објавено минатиот викенд на прашањето -дали ДУИ останува на ставот дека ќе колаицира со победникот на изборите без разлика дали тоа ќе биде СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ќе почекаат.

„Јас не тргнувам со претпоставки. Ќе чекаме до 15-ти јули да видиме како ќе се одвиваат настаните“, рече Ахмети.

Минатите предвремени парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година. На нив ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, СДСМ 49, но тогашниот лидер Никола Груевски не успеа да се договори со ДУИ, кои имаа десет пратеници за формирање на парламентарно мнозинство. И по истекот на 20 дена предвидени со Уставот за формирање влада, тогашниот претседател Ѓорге Иванов не го даде мандатот на вториот лидер по освоени гласови односно на Заев. Во меѓувреме и почнаа протестите на За заедничка Македонија, кои ескалираа во насилство на 27 април кога во собранието новото мнозинство го изгласа Талат Џафери за собраниски претседател. Иванов на 17 мај 2017 година му го даде мандатот на Заев, а владата беше изгласана речиси шест месеци по изборите, на 27 мај 2017 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG