Достапни линкови

Како рускиот државен нуклеарен гигант Росатом ги избегна санкциите


Логото на руската агенција за атомска енергија Росатом за време на Светската нуклеарна изложба во Ле Бурже, во близина на Париз, 28 јуни 2016 година

Западот го санкционираше рускиот природен гас, како и нафта и јаглен откако Владимир Путин ја започна неиспровоцираната инвазија врз Украина. Но, на црната листа не е руското нуклеарно гориво обезбедено од Росатом, руски државен колос со длабоки енергетски врски во светот. Тони Весоловски

Европа се справува со тоа како да ѝ стави крај на зависноста од руската енергија повеќе од кога било откако Владимир Путин ја започна неиспровоцираната инвазија на неговата земја врз Украина.

Европската комисија во мај го договори планот за намалување на зависноста од рускиот природен гас за две третини до крајот на годината, со целосно исфрлање на сите руски фосилни горива планирано до крајот на 2027 година. Јагленот ќе биде забранет од август.

Иран гради нуклеарна централа со помош на Русија

Но, нема санкции за Росатом, рускиот државен нуклеарен гигант, и покрај апелот во првите денови на инвазијата од украински активисти и невладини организации да ја стават компанијата на црната листа и да го забранат нуклеарното гориво увезено од Русија.

Брисел не е сам. Кога американскиот претседател Џо Бајден во март објави забрана на САД за увоз на руска нафта, природен гас и јаглен, не се споменуваше Росатом.

Администрацијата на Бајден, наводно, размислувала да го санкционира Росатом, но се повлекла по лобирањето на нуклеарната индустрија и плановите на Бајден да ја вклучи нуклеарната енергија како дел од транзицијата кон чиста енергија, објави Ројтерс.

„Трагата на Росатом е длабока во глобалниот бизнис со реактори и нуклеарно гориво. Тој тип на економско влијание може да објасни зошто руската нуклеарна индустрија успеа да остане подалеку од центарот на вниманието за време на разговорите за санкции“, објаснува Оксана Ананиева, аналитичар за енергетска политика во украинската невладина организација „Екодија“, една од потписничките на мартовскиот апел упатен до Бајден и лидерите на ЕУ.


„Една од причините за тоа секако е големата зависност од ураниум и нуклеарно гориво, бидејќи повеќето од 32 земји кои користат нуклеарна енергија се потпираат врз Русија за некој дел од нивниот синџир за снабдување со нуклеарно гориво“, вели Ананиева за РСЕ.

Бројките

Руската нуклеарна енергија зрачи многу подалеку од нејзините граници. Од 439 нуклеарни реактори во работа низ целиот свет во 2021 година, 38 од нив биле во Русија, дополнителни 42 биле направени со технологија на руски нуклеарни реактори, а уште 15 во изградба се градат со руска технологија, се наведува во студијата објавена на 23 мај од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија.

Русија и Индија со договори за нуклеарни централи и нафта

Русија е исто така извор на ураниум, клучната состојка во нуклеарното гориво. Европа добива околу 20 насто од ураниумот од Русија. Соединетите држави се потпираат врз Русија за 16 насто од својот ураниум, со уште 30 насто од два блиски партнери на Москва, Казахстан и Узбекистан.

Русија во 2020 година поседуваше 40 насто од вкупната инфраструктура за конверзија на ураниум во светот и 46 насто од вкупниот капацитет за збогатување ураниум во светот во 2018 година, се вели во извештајот на Универзитетот Колумбија.

ЕУ ја преиспитува нуклеарната енергија?

Росатом во последниве години, како што се наведува, бил дел од напорите на лобито во нуклеарната индустрија за да ја убеди ЕУ да ја прифати нуклеарната енергија, откако Унијата почна да размислува како побрзо да се движи кон почисти форми на енергија.

Според Гринпис, новиот нуклеарен капацитет на ЕУ би можел да вреди околу 500 милијарди евра потенцијални инвестиции.

ЕУ се обидува да ја исполни целта за нула емисии на стакленички гасови во атмосферата до 2050 година за да спречи катастрофално глобално затоплување. Дел од тој процес е да се дефинира што е, а што е климатска инвестиција.

Лидерите во Брисел бараат одобрение од земјите на ЕУ и Европскиот парламент да ја вклучат нуклеарната енергија како одржлива инвестиција во при етикетирањето на зелените инвестиции.

Росатом беше обвинет од Гринпис дека користи врски за лобирање, за да изврши притисок за вклучување на нуклеарната енергија во одржливи инвестиции, слично како што направија руските енергетски фирми Гаспром и ЛУКоил во вклучувањето фосилен гас.

Во извештајот објавен на 17 мај, Гринпис вели дека нивното истражување открило дека руските енергетски компании, вклучително и Гаспром, се сретнале со еврокомесари и високи функционери или директно или преку подружници и лоби групи најмалку 18 пати откако Европската комисија го објави својот акционен план за одржливи финансии во март 2018.

Освен горивото, Росатом се надева дека ќе изгради нови нуклеарни реактори, кои се сржта на бизнисот на оваа фирма.

Унгарија, која е силно зависна од рускиот гас и нафта, изрази противење на предложените забрани од ЕУ за руската енергија. Таа, исто така, има планови со Росатом за изградба на нови реактори во својата нуклеарна централа Пакс.

По средбата со главниот извршен директор на Росатом во Истанбул на 5 мај, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека планираната изградба на двата нови блока во Пакс им служи на стратешките интереси на Унгарија.

Сијарто рече дека Унгарската управа за атомска енергија ги разгледува барањата за дозволи поднесени од Росатом и штом тие ќе бидат одобрени, проектот би можел да влезе во следната фаза. Проектот, доделен во 2014 година често се наведува како знак на топли врски меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и Путин.

Додека Унгарија се чини дека продолжува, Финска објави дека се повлекува од планираниот проект со Росатом. На 2 мај, конзорциумот Феновоима, предводен од Финска, соопшти дека го раскинал договорот со Росатом поради доцнење и зголемени ризици поради војната во Украина.

Росатом, која поседува 34 проценти од акциите во конзорциумот преку финска филијала, на 6 мај соопшти дека ќе бара компензација за „незаконско раскинување“ на договорот.

Зависноста на Европа

Руската инвазија врз Украина, исто така, уништи некои од договорите за соработка што Росатом ги има со други нуклеарни гиганти. Германскиот мултинационален Сименс неодамна изјави дека ја осудува руската инвазија на Украина и дека ги запрела „сите нови бизниси“ во Русија, но ќе ги почитува веќе нарачаните нуклеарни проекти со Росатом.

Францускиот нуклеарен конгломерат Framatome досега одбиваше да ја прекине соработката со Росатом. Во декември 2021 година, Росатом и Фраматоме објавија потпишување на договор за „стратешка соработка“ за проширување на напорите за развој на нуклеарно гориво и технологии.

И додека повеќе од 1.000 западни фирми ги прекинаа своите активности во Русија поради инвазијата на Путин на Украина, Фраматоме се чини дека не е подготвен да им се придружи.

„Договорот објавен во декември минатата година сè уште е во сила, но Фраматоме внимателно ја следи ситуацијата во Русија и еволуцијата на санкциите“, вели Шерон Синклер, портпарол на Фраматоме, за РСЕ.

Позицијата на Росатом на европскиот нуклеарен пазар, барем, е рутински преценета, тврди водечката европска групација за лобирање на нуклеарната индустрија.

„Според Агенцијата за снабдување Евроатом, 18 електрани од 103-те во ЕУ, што претставуваат околу 10 насто од бруто капацитетот за нуклеарна електрична енергија на ЕУ, зависат од снабдувањето со руско гориво“, се вели во изјавата за РСЕ на Nucleareurope.

Киев: Не го поканивме шефот на МААЕ да ја посети нуклеарната централа во Запорожје

„Овие се однесуваат на некои оператори во Бугарија, Чешка, Унгарија и Словачка и еден оператор (од два) во Финска. Поконкретно, ова гориво е за руската реакторска технологија VVER-440s и VVER-1000s, кои постојат во многу од овие земји како дел од заедничката историја со поранешниот Советски Сојуз“, забележува Nucleareurope.

Вашингтон вети дека ќе ѝ помогне на Чешката Република да го диверзифицира горивото за нејзините шест реактори дизајнирани од Русија. Со седиште во САД, Вестингхаус и Фраматоме треба да започнат со снабдување со нуклеарно гориво за нуклеарната централа Темелин во 2024 година, објави чешка државна компанија ЧЕЗ.

Вестингхаус потпиша договор со Украина за снабдување со гориво на сите четири нејзини нуклеарни централи, се вели во извештаите претходно овој месец. Договорот, исто така, го зголемува планираниот број на нови нуклеарни реактори што Вестингхаус би можел да ги изгради во Украина на девет од претходните пет, а компанијата вети дека ќе формира инженерски центар во земјата.

Во 2021 година, Вестингхаус потпиша договор за лиценцирање гориво со бугарската нуклеарна централа Козлодуј, што беше опишано како голем чекор напред во диверзификацијата на снабдувањето со енергија на Бугарија. Полека, но сигурно, уделот на нуклеарното гориво во Европа опаѓа, истакна Ананиева, додавајќи:

„Од 13 земји на ЕУ кои управуваат со нуклеарни централи, само три - Бугарија, Словачка и Унгарија - користат исклучиво руско гориво за целото свое производство на нуклеарна енергија“. Две други земји -- Финска и Чешка -- успешно ги диверзифицираа резервите на гориво со користење на гориво произведено од Вестингхаус.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG