Достапни линкови

Како да се препознае новиот хепатит кај децата


Илустрација
Илустрација

Македонските здравствени власти внимателно ја следат состојбата со новиот тип на хепатит кој се појави кај деца во повеќе земји низ светот, а кој предизвикува и потешки компликации на црниот дроб. Кај нас досега нема потврдено ваков случај. Светските научници и натаму ги истражуваат причините.

Македонските здравствени власти внимателно ја следат состојбата со новиот тип на хепатит, кој е потврден во неколку земји во светот кај детската популација.

Станува збор за заболување на црниот дроб од непознато потекло, кое првпат беше пријавено во Обединетото Кралство, а потоа и во неколку други земји низ светот.

Најчесто се јавува кај децата до 16 години, а она што загрижува е што предизвикува тешки компликации на црниот дроб.

Од министерството за здравство велат дека засега во Македонија нема откриено вакви случаи.

„Внимателно се следи состојбата и соодветно ќе бидат преземени превентивни мерки и активности доколку тоа го налага состојбата“, одговорија кратко од ресорното министерство.

Специјалистите со кои разговараше РСЕ велат дека не треба да се крева паника, но состојбата мора да се следи.

Како да се препознае хепатитот

Д-р Ангелчо Андоновски, долгогодишен специјалист педијатар вели дека вообичаената слика кај хепатитот е жолтило по целото тело и слабост, што се нормални симптоми за хепатитот кој е познат во сегашната јавност.

Но, она што ги загрижува лекарите кај новиот вид на хепатит се компликациите кои што се појавиле кај црниот дроб кај децата како и потребата од негова трансплантација.

Д-р Андоновски: Не треба да се паничи, но на штрек за новиот хепатит кај децата
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:01 0:00
Директен линк


„Проблемите со хепарот се она што загрижува. Кога станува збор за овој тип на вирус, токму поради фактот дека процентот на компликациите со хепарот и потребата од дури за негова трансплантација е на високи алармантни проценти кои што досега не биле познати и сретнати кај детската популација, освен кај оние деца кои имале болести на црниот дроб. Сето ова баш буквално нас не тера да следиме и да бидеме будни. Се надевам дека и нашите здравствени власти ќе знаат да реагираат, ние сме сепак мала популација и треба да сме на штрек и да ги следиме сите состојби“, вели д-р Ангелчо Андоновски.

Светската научна јавност засега нема објаснување што е причината за појавата на вакви тешки компликации кај децата.

Дали пандемијата го ослабна имунитетот кај децата и дали намалената изложеност на аденовируси воопшто, можеби ги прави малите деца поранливи сега или пак станува збор за некаква последица по прележување на ковид 19, ова се дел од теориите кои се истражуваат, но засега не може да се каже со сигурност кои се точните причини за ваквите појави.

Од Светската здравствена организација (СЗО) велат дека аденовирусот е една од можните причини, но истражувањата сè уште се во тек.

„Сè уште не е јасно дали има зголемување на случаите на хепатитис или зголемување на свеста за случаите на хепатитис кои се јавуваат. Иако аденовирусот е една од можните причини, истрагите за предизвикувачот се во тек“, стои во извештајот на СЗО.

Д-р Андоновски вели дека за лекарите вирусот е се уште непознаница и дека во моментов се прибираат податоци кои би требало да дадат појасна слика.

„За нас е повторно еден вид на непознаница. Лабораториите сè уште не дадоа официјален став за каков тип на хепатит станува збор и сметам дека научната јавност како и СЗО сè уште немаат некаков конкретен став ниту пак релевантни бројки и и цифри со кои што би се покажала некаква научна статистика и научна тенденција“, вели д-р Андоновски.

Кои се симпотмите?

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), симптомите се болки во стомакот, дијареа и повраќање, но и зголемени нивоа на ензими на црниот дроб како и жолтица.

Д-р Андоновски вели доколку родителите ги забележат овие симптоми, децата да ги однесат веднаш на лекар.

„Во овој случај од она што го јавуваат земјите каде што е појавен овој тип на вирус или компликација, која што ги напаѓа децата, покажува на состојба на појава на жолтило по целото тело, појава на општа слабост, кој што е познат за хепатитот и она што би го препорачале на родителите, доколку забележат еден вид на симптоматологија која што е изразено жолтило, општа слабост, промени во параметрите веднаш да се јават кај својот матичен лекар“, вели д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар, кој потенцира дека и покрај внимателноста, не треба да се крева паника.

Иако новиот вид на хепатитис е непознат за здравствената фела, лекарите сметаат дека пренесувањето на вирусот е најверојатно како и кај другите инфекции од овој вид, односно се пренесува лесно и преку контакт со предмет или од човек на човек.

Каква е состојбата во светот?

Според Европскиот центар за контрола и превенција на болести, во Европа веќе се потврдени над сто случаи со новиот вид на хепатит.

Во Шведска се пријавени девет, во Португалија осум, Холандија шест, Белгија три, Австрија и Франција по два, Германија и Полска по еден. Во Италија има 35 евидентирани случаи, а најмногу односно 163 се регистрирани во Велика Британија

Единаесет деца под 16 години во Велика Британија имаат потреба од трансплантација на црн дроб.

Пред неколку дена и Грција регистрираше три случаи на деца кај кој бил потврден овој хепатит.

Грчките здравствени власти соопштија дека трите случаи ги исполнуваат критериумите на СЗО „за веројатни случаи“, а две од децата, од кои едното е 14 месеци, а другото десет години имале симтоми како што се болки во стомакот, повраќање и треска, но и зголемени трансаминази, кои што укажуваат на намалена функција на црниот дроб и оштетување на клетките на црниот дроб.

Третото дете пак, 18-месечно било асимптоматско, но исто така со покачени трансаминази.

Сите деца биле тестирани за вирусен хепатитис А-Е и резултатите биле негативни.

Две од децата биле хоспитализирани само неколку дена, не постоеле никакви компликации, не примале посебна терапија и се во добра здравствена состојба, а за третото не била потребна хоспитализација.

Кои се препораките за превенција?

Првите случаи на овој необичен хепатитис беа забележани во Обединетото Кралство каде првпат беше регистрирано значително зголемување на случаите на тежок акутен хепатитис од непознато потекло кај мали, претходно здрави деца.

Од СЗО велат дека приоритет е да се утврди причината за овие случаи за да може дополнително да се усовршат контролните и превентивните активности.

Засега велат остануваат вообичаените превентивни мерки за аденовирус и другите вообичаени инфекции како што се редовно миење на рацете и хигиена.

Д-р Андоновски вели дека особоено сега во летниот период и по ослободувањето од мерките што може да се превенира е зголемената хигиена и зајакнување на имунитетот кај децата.

„Особено сега во летниот период, кога децата се на распуст и дополнително ковид-мерките се тргнати, потребно е големо внимание и хигиена, а со тоа и подобрување на имунолошкиот систем кај секое дете затоа не треба сега да има паника, но треба будно да следиме се што ќе се случува кај нас“, вели д-р Андоновски.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG