Достапни линкови

(Не)соодветна стратегија во спорот со Бугарија


Архива - Членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на јуни блокираа раскрсници во Скопје барајќи одговори за разговорите на македонската Влада со Бугарија. Партија прашува дали власта преговара за македонскиот идентитет?

Бугарските мотиви за блокадата на Македонија во ЕУ се нејасни, но за постигнување на подобри резултати потребно е државата да ја промени стратегијата, вели поранешниот амбасадор Мухамед Халили. Поранешениот дипломат, Благој Зашов пак, смета дека Македонија во моментов не може поинаку да постапи, главно поради бугарската привремена влада.

Стратегијата на Македонија во однос на спорот со Бугарија е несоодветна, а тоа го покажува неразбирливото инсистирање на Софија на „некакви“ преземени обврски од страна на Скопје, смета поранешниот дипломат Мухамед Халили.

„Тоа зборува дека стратегијата е неумесна и не е на прав пат. Инаку, ако беше се в ред денеска ќе имавме датум за почнување и одржување на првата меѓувладина конференција Македонија – ЕУ. Мене не ми се јасни и мотивите на Бугарија досега, но кога една методологија не дава резултати, тоа треба да се промени и веројатно тогаш ќе бидат на видик резултатите“, вели Халили.

Комантарите доаѓаат во услови кога деновиве бугарската службена влада одлучи да не ја промени позицијата за блокирање на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија, откако тоа првично беше воспоставено од политичката влада на Бојко Борисов.

Поранешниот амбасадор Благој Зашов смета дека македонските власти во конкретниов случај не можат поинаку да постапат, бидејќи постои ситуација кога од една страна, Македонија очекува Бугарија да ја тргне блокадата, а од друга страна Бугарија е во ситуација каде привремената влада не може да даде позитивно мислење за почнувањето на преговорите.

„Оттаму ова размислување дека треба да се прошири нашиот интерес за решавање на ова прашање и од други чинители, мислам на САД, е добра работа. Во следниве месеци, како што е најавено и од Соединетите држави, ќе има интерес за решавање на ова горливо прашање, не само за Македонија, туку и за Западниот Балкан. Мислам дека во тој случај би можело нешто да се стори со помош на словенечкото претседателство“, вели Зашов.

Македонија и Бугарија потпишаа Договор за добрососедство во 2017 година, но со бугарската блокада односите беа нарушени, а дипломатската реторика се заостри со изјави на официјална Софија дека бара Македонија да признае бугарски корени. Македонската Влада, пак, постојано тврди дека нејзините црвени линии се идентитетот, јазикот и националноста. Но, македонската опозиција се сомнева во ваквите тврдења велејќи дека премиерот Зоран Заев „преговара за посебноста на македонскиот јазик“ како македонско идентитетско обележје.

Во однос на тоа дали постои друг начин да се надмине овој спор и Македонија да почне преговори со ЕУ, Халили вели дека постојат повеќе начини, но наведува дека некои се понижувачки и државата не треба да ги прифати.

„Тоа е зачувувањето на националната гордост, но има и начини со кои двете страни можат да излезат неповредени и придобивката да биде на двете страни“, вели Халили додавајќи дека ова не може да се случи пред Бугарија да состави нов Парламент.

Зашов смета дека постои еден начин кој, според него, во моментов е невозможен – тоа е ЕУ да одлучи дека во иднина прашањата какво што е меѓу Македонија и Бугарија да не се решаваат со консензус, туку со минус една или две држави.

„Како што има некои идеи што ги слушаме во рамките на ЕУ“, вели Зашов.

Бугарски политичари во изминатиов период постојано изјавуваат дека блокадата за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е поради говор на омраза против Бугарија, дека македонската страна го прекршува договорот низ формулациите за историјата и јазикот, но има и забелешки за работата на заедничката историска комисија и поддршката за признавање на македонското малцинство во Бугарија.

За изјавите на Заев дека бугарската блокада отвора простор за трети сили на Балканот и во Македонија, Халили смета дека не се реални, а според него треба да се истражи и јавноста во Македонија да знае кои се причините за бугарското „жестоко спротивставување“ и потоа да се види дали е можно решавање на проблемот. Зашов вели дека тие трети сили одамна се интересираат и дека таа ситуација е реална и не е нова.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG