Достапни линкови

„Кавадарци/Михајлово“ за јубилејот „избришана“ од Министерството за култура


Академик Људмил Блажев и неговиот колега Петар Бељашки од соседна Бугарија, Вахид Тахан и Ајсиџу Калкан од Турција, Сајбир Амети од Албанија, творци од Србија, Иран, Грција, Италија, Русија, Украина, САД, Германија, Косово, Словенија...и нашите реномирани автори како Павле Кузмановски, Данчо Ордев, Новица Трајковски, Драги Хаџи Николов, Ставре Димитров – Стадим и Драги Најденовски се само некои од 60-те ликовни уметници кои се учесници на 25-то издание на колонијата „Кавадарци/Михајлово“.

Но, наспроти јубилејот и сознанието дека станува збор за „една од најголемите во регионот и во Европа“, организаторите Дом на култура “Иван Мазов - Климе“ и Општина Кавадарци, во случајов останаа „заборавени“ од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Едноставно, како што велат, Комисијата која ги распределувала средствата на Конкурсот за национални проекти „не нашла за сходно позитивно да се изјасни по ниту еден од нивните приговори“. Од таму, не е зачудно што Владимир Темков, еден од втемелувачите и прв човек на оваа творечка средба, ќе рече дека досега најголемата бројка на присутни уметници и бројните планирани содржини се едноставно израз на пркос кој ги водел при осмислувањето и реализацијата на актуелното издание на Колонијата.

- И покрај тоа што неколку пати интервениравме и правевме приговори да ни дадат бар малку средства за да се одржи Колонијата „Кавадарци/Михајлово“во Министерството за култура останаа неми на таквите наши реакции. Мислам дека 25 години не е мал временски период и притоа со секое ново издание да бидеш подобар и подобар, па и тогаш кога си израснал најмногу некој да дојде и едноставно те прецрта на листата и ти каже „е за вас од сега нема место во Годишната програма и бие нема да бидете финансирани од Министерството за култура“. Ете од тие причини Кавадарци и кавадаречките ликовни уметници го прават ова за сите да видат и да слушнат дека во градот живее уметноста покрај духот и делото на еден Глигор Чемерски, на Петар Мазев, на Симон Шемов, Ана Темкова...и мислам дека тоа ќе остане за век и векови, вели Темков.

Тој и со појаснување дека ликовната колонија не е едно обично собирање на уметници коишто творат во одреден период и на едно одредено место. Од таму, како што ќе рече, тие од поодамна нудат содржини со едукативни пораки и настани кои имаат за цел да ја анимираат и пошироката публика.

Така, годинава во предвечерието на отворањето во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ беше отворена изложба на дела од Сандра Блажева од Софија, Бугарија, која е и учесник на колонијата. Потем се одржа и голем рок-хепенинг на кој учествуваа кавадаречките групи, а беше посветен на 50 годишнината од одржувањето и општествено-социјалното и културното значење, на историскиот момент и започнатите револуции, на еден од најголемите рок фестивали во глобалната историја – Фестивалот во Вудсток.

- Сандра Блажева, која патем е доктор на ликовни науки на универзитетите во Софија и во Билбао, Шпанија, се претстави со еден многу интересен проект, проект кој самата го нарече „Модни икони“ односно „Поп-арт иконите на 20 век“. Тука се портретите на Енди Ворхол, на Пикасо, Салвадор Дали, на Модиљани...на сите оние кои нешто значат и кои имаат оставено траен белег во ликовната уметност. Таа се потруди тие портрети да ги претстави на само нејзе својствен начин и така да ја предизвика овдешната публика, појаснува Владимир Темков.

Сандра Блажева, уметница од Бугарија

Во рамките на случувањата на годинашното издание на Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци/Михајлово 2019“, во четврток, на 22 август, од 20 часот во салонот на Музеј Галерија Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Тони Чатлески од Прилеп, а во недела пак, на 25 август, од 20 часот, во Хотел “Уни Палас 2“ ќе се одржи и џез фестивал. На него е предвидено да настапат составот на македонскиот гитарист и аранжер, професорот Тони Китановски, триото на неговиот колега по инструмент и професија Сашо Поповски и уште неколку локални постави кои во фокусот ја имаат слободната творечка мисла и импровизираната музика.

Во паузите помеѓу нивните настапи свој авторски перформанс ќе има познатиот американски уметник Ренди Феир, кој инспириран од музиката ќе работи на неколку свои ликовни дела.

Во рамките на Колонијата, со идеја за поширока едукација на најмладите, и овојпат ќе биде организирано детското ликовно катче, а дваесет и петтото јубилејно издание на „Кавадарци/Михајлово“ ќе кулминира во понеделник, на 26 август, со изложба на делата реализирани на самата Колонија и промоција на книгата “Боите на небото и земјата“ од М-р Владимир Темков.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG