Достапни линкови

Иранскиот безбедносен апарат под удар по атентатот врз нуклеарниот научник


Началникот на иранското правосудство ајатолахот Ебрахим Раиси му оддава почит на убиениот научник Мохсен Фахризадех меѓу неговото семејство, во главниот град Техеран на 28 ноември 2020 година
Началникот на иранското правосудство ајатолахот Ебрахим Раиси му оддава почит на убиениот научник Мохсен Фахризадех меѓу неговото семејство, во главниот град Техеран на 28 ноември 2020 година

Атентатот врз врвниот ирански нуклеарен научник предизвика критики кон безбедносниот апарат на земјата. Овој напад резултираше со повици до властите да ги пронајдат странските агенти кои се чини дека се инфилтрирале во безбедносниот систем на земјата.

Нападот кој беше насочен кон најголемиот ирански нуклеарен научник се случи среде бел ден недалеку од главниот град Техеран.

За неколку минути Мохсен Фахризадех - кој беше срцето на тајната нуклеарна програма на земјата - беше мртов.

Првичните извештаи сугерираат дека Фахризадех возел во Абсард, околу 60 километри од Техеран, кога се нашол во заседа на пикап Нисан кој експлодирал.

Потоа, неколку вооружени лица со џип и на мотор, отвориле оган, убивајќи го научникот и повредувајќи барем еден од неговите телохранители.

Но, според последната верзија на настаните, изнесена од новинската агенција Фарс, која е поврзана со моќната Исламска револуционерна гарда атентатот бил извршен со помош на далечински управуван митралез, монтиран на пикапот и немало напаѓачи на земја.

Фарс соопшти дека Фахризадех (59) го напуштил своето возило по што бил убиен со истрели од пикапот, наводно, паркиран на околу 150 метри. Според извештајот, тој бил погоден со три куршуми.

Се вели дека по неколку секунди пикапот експлодирал. Фахризадех бил пренесен со хеликоптер во болница во Техеран, но напорите да се оживее биле неуспешни. Неговата сопруга, која била со него за време на нападот, преживеала.

Иран го обвинува Израел за „терористички напад“ во кој беше убиен важен нуклеарен научник

Без оглед на деталите - што е невозможно да се проверат поради строгата медиумска цензура во Иран и нетранспарентниот систем - дрскиот напад предизвика шок низ целата земја, истакнувајќи голем безбедносен пропуст.

„Тие постојано ни кажуваат колку се моќни и постојано даваат соопштенија за апсење на шпиони, но не успеаја да го заштитат најважниот нуклеарен научник во земјата, за кого знаеја дека е загрозен“, вели еден жител на Техеран, кој побара анонимност поради чувствителноста на проблемот.

Властите брзо го обвинија Израел, за кој исто така се верува дека стои зад низата атентати во изминатите 13 години на најмалку четири научници за нуклеарно оружје и неуспешното убиство на уште еден пред околу една деценија.

Ковчегот на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех за време на погребната церемонија во Техеран, 30 ноември 2020 година
Ковчегот на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех за време на погребната церемонија во Техеран, 30 ноември 2020 година

Сепак, атентатот на Фахризадех е шокантен, покренувајќи прашања за можно продирање на странски разузнавачки агенции во безбедносниот апарат на Иран.

Нападот следеше по низа други инциденти за кои се обвинуваше Израел, вклучително и саботажата во подземниот објект за збогатување ураниум Натанц во централната провинција Исфахан и августовскиот атентат врз вториот највисок лидер на Ал-Каеда во Техеран.

Во тајна операција во Иран убиен вториот човек на Ал Каеда

Кон крајот на април 2018 година, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека израелската разузнавачка агенција Мосад ја украла „тајната нуклеарна архива на Иран“ од еден магацин во Техеран, именувајќи го Фахризадех како клучен оперативец и им порача на новинарите „да се сеќаваат на ова име“.

Раз Зимт, аналитичар за Иран од Институтот за студии за национална безбедност во Тел Авив, вели дека атентатот и други неодамнешни инциденти укажуваат на тоа дека странските разузнавачки служби - главно ЦИА и Мосад - одржуваат „високо квалитетни оперативни и разузнавачки способности“ во Иран.

„Многу е малку веројатно дека сите тие операции можеле да бидат извршени без длабока и континуирана разузнавачка и оперативна инфилтрација во иранскиот безбедносен апарат“, изјави Зимт за РСЕ, додавајќи дека иранските опозициски групи, немаат можност за спроведување такви операции.

Аријан Табатабаи, експерт за Иран во германскиот Маршалов фонд со седиште во Вашингтон вели дека нападот ја потенцира ранливоста на Иран.

„И ова и покрај тоа што режимот вложи многу напори и ресурси да има прилично робустен безбедносен систем“, рече Табатабаи.

Мохамад Али Абтахи, кој беше потпретседател во времето на поранешниот реформски претседател Мохамад Катами пак, вели: „Иранската безбедносна стратегија мора да се врати во пронаоѓање на шпиони и инфилтрирани лица од Мосад“.

„Јас сум лут на безбедносниот систем што апси универзитетски професори, адвокати и новинари. Но, волците извршуваат атентати среде бел ден“, објави на Твитер адвокатот Шараре Дехшири.

Али Шамхани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран
Али Шамхани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран

Али Шамхани, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран ги отфрли критиките кон безбедносниот апарат, велејќи им на новинарите дека „непријателот 20 години неуспешно се обидувал да го убие Фахризадех“.

Шамкахни рече дека поради зачестеноста на извештаите во изминатите две децении за можни обиди за убиство на Фахризадех, заговорот за атентат врз него не бил сфатен доволно сериозно.

„Овој пат тие успеаја“, рече тој, додавајќи дека операцијата за убиство на Фахризадех е „многу комплицирана“ и го потврди извештајот на Фарс дека немало убијци на теренот.

Рохани: Бахреин и ОАЕ ќе одговараат за договорот со Израел

Шамхани тврди дека безбедносните служби знаеле дека нападот доаѓа. „Нашите разузнавачки служби и мрежи добија информација дека тој ќе биде цел - тие дури знаеја дека ќе биде направен обид за атентат врз него на истото место каде што на крајот беше убиен“, рече Шамхани.

„Неговата заштита беше дури и засилена. Но, овој пат непријателот искористи комплетно нов, напреден и софистициран метод“.

Шамхани ги именува и субјектите за кои смета дека се одговорни за убиството. „Лицето што ја дизајнираше операцијата ни е познато“, рече тој, додавајќи дека главниот елемент на оваа акција е ционистичкиот режим и Мосад.

Израел не го коментира убиството, кој според многумина е потег за нарушување на секој обид на Техеран да развие нуклеарно оружје. Иран инсистира на тоа дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели.

Во интервју за државната телевизија, Ферејдун Абаси, кој преживеа обид за атентат во Техеран во 2010 година, го бранеше перформансот на безбедносно-разузнавачкиот апарат, велејќи дека тие успеале да ги спречат претходните обиди за атентат врз Фахризадех и неколку други.

„Пред дванаесет години дојде еден терористички тим за него и оттогаш тој имаше телохранители кои беа со него за време на нападот на 28 ноември“, рече тој, додавајќи:

„Но, непријателот ги менува своите методи на убивање“. Убиството на Фахризадех се случи во последните недели од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој водеше кампања на „максимален притисок“ против Исламската република која ја уништи економијата на земјата.

Во јануари, САД извршија напад со беспилотно летало за да го убијат Касем Солејмани, кој беше на чело на елитните сили на Исламската револуционерна гарда.

Техеран одговори со изведување голем ракетен напад против американските објекти во Ирак.

Сè уште не е јасно како и кога Техеран ќе одговори на убиството на Фахризадех.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG