Достапни линкови

Интеграцијата во ЕУ заложник на руските дезинформации


Лагите и дезинформации го отежнуваат водењето на нормална политичка дебата за промена на Уставот, смета американскиот специјален пратеник Џејмс Рубин. Претседателот Стево Пендаровски предупредува дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас.

Ниту македонско-бугарските односи или уставните измени не се имуни на дезинформации, рече во Скопје специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, кој деновиве е во посета на Западен Балкан.

Тој вели дека има такви во регионот и во Кремљ кои не сакаат да се има прогрес во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

„Сигурен сум дека седат и размислуваат како да направат проблем. Се надевам дека тукашната Влада ќе соработува со нас да овозможи целото општество да се справи со тие информации“, вели Рубин.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски по средбата со Рубин рече дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави.

Тој вели дека државата е посветена да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите.

„Вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции“, рекол Пендаровски, пренесува неговиот Кабинет.


Рубин, на 11 април во Скопје изјави дека во Северна Македонија има портали и медиуми кои копираат вести со дезинформации, без да ги проверат и без да почитуваат новинарски стандарди. Потоа тие вести брзо се шират по социјалните мрежи. Во Бугарија, пак, има многу „загадувачи“ во медиумскиот простор кои објавуваат малициозни стории, информации и манипулации, а понекогаш дури и лаги.

Тој разговараше со македонските власти, и најави дека наскоро ќе зборува и со бугарските, а една од главните теми ќе биде проблемот со дезинформациите.

Џејмс Рубин, специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент на брифинг во Скопје
Џејмс Рубин, специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент на брифинг во Скопје


Ниту има магично стапче, ниту може да се очекуваат резултати преку ноќ во борбата со дезинформациите, вели Катерина Синадиновска, претседателка на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Таа посочува дека треба да се прави разлика меѓу ширење на дезинформации преку центри за пропаганда и таканаречени дневни дезинформации. Со оние првите, додава таа, кои задираат и во безбедноста на државата, новинарите не може сами да се борат, па затоа е потребен организиран пристап.

„Ние секогаш ќе бидеме на линијата дека фелата тоа треба да си го прави и многу внимателно ќе пристапиме кој сите процеси коишто ги овластуваат властите да решаваат што е тоа дезинформација, што е добро новинарство, а што не“, вели Синадиновска за РСЕ.

Синадиновска: Со добро новинарство против лажните вести
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:54 0:00
Директен линк

СЕММ пред неколку години направи регистар на медиуми кои имаат импресум и кои почитуваат етички стандарди, но сега и тој се „проветрува“ и критериумите се зајакнати, вели Синадиновска. Регистарот помага, но не е единствен начин, а клучниот проблем е што напорите не се заеднички, и изгледа како секој да си го средува својот двор, а нема организиран пристап, вели таа.

Рубин вели дека се потребни закони за да се утврди правилото на рекламирање во медиумите на странски субјекти, а отвори и можност за регулирање на социјалните медиуми.

„Во оваа држава има портали и медиуми кои повторуваат дезинформации без новинарски стандарди. Ги повторуваат и удвојуваат дезинформациите кои доаѓаат од Русија, Србија или од каде било. Кога станува збор за портали кои ги плаќаат одредени субјекти, особено Кина и Русија, најмалку што можеме да направиме е да ги етикетираме и нивната странска сопственост да биде транспарентна. Треба да се осигура дека странската сопственост е идентификувана и признаена“, додава Рубин.

За грст копејки или бујна фантазија - руската пропаганда во Бугарија преку Македонија

На почетокот на годинава бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев обвини дека текстови со руска пропаганда, напишани од руското воено разузнавање, за 150 до 300 евра се пласираат во бугарските медиуми преку Македонецот Дарко Тодоровски, кој е на докторски студии во Москва и се претставува како новинар и воен аналитичар. Тодоровски за РСЕ ги негираше обвинувањата. Македонските власти велат дека такви пари по официјални канали нема. Грозев од истражувачката мрежа „Белингкет“, на сослушувањето пред парламентарната комисија за контрола врз безбедносните служби во Бугарскиот парламент на 5 јануари, рече дека руски пари за бугарските новинари одат преку Македонија.
Тодоровски, во допис до Радио Слободна Европа, изјави дека ваквите обвинувања се плод на „бујната фантазија“ на Грозев.

Што се однесува до регулацијата на социјалните медиуми, клучно во таа дебата и во одлуките потоа, е да бидат вклучени и самите медиуми и новинарските организации, за да не се повреди слободата на говор, а од друга страна ќе им гарантира на граѓаните дека ќе бидат подобро заштитени од ширење на дезинформации, вели Синадиновска.

За тоа како граѓаните да бидат медиумски пописмени, таа вели, дека акцентот не треба да е само на учениците и студентите.

„Некако како да ги изоставаме постарите генерации од ова. Мислам дека медиумската писменост треба да биде сеопфатен проект која ќе ги опфати сите возрасни групи и ќе ги вклучи сите фактори – образование, институции, медиумска заедница и самите граѓани. Мислам дека треба многу да се работи и да се објаснува дека не се што ќе се прочита на интернет е точно“, вели Синадиновска.

Во земјата во моментов нема закони наменети конкретно за сузбивање дезинформации. Проблемот се решава главно со посредни, меки мерки како акциски планови на Владата, реформи во медиумите и унапредување на медиумската писменост. Собранието речиси и не е вклучено во процесот, а заложбите за справување со дезинформациите остануваат во рацете на Владата, граѓанското општество и меѓународните организации, се наведува во заклучоците на истражување на Институтот за демократија и фондацијата Конрад Аденауер „Сузбивање дезинформации во Северна Македонија: како Собранието да одговори на предизвикот?

Во него се посочува дека онлајн медиумите и социјалните мрежи го зголемуваат ризикот од ширење дезинформации. Спротивставувањето на дезинформациите, девијациите и злоупотребите, треба да се направи преку употреба на постојното законодавство, обезбедување независен финансиски медиумски пазар и посветеност кон подобрување на дигиталната медиумска писменост.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG