Достапни линкови

Избори со спартанска завршница - Со метлата или на неа


Како што се засилуваше аплаузот на луѓето по најавите за метла во администрацијата, така се скиселуваа насмевките на функционерите, кои се прашуваат дали ќе бидат метачите или изметените.

Метлата стана главно предизборно ветување пред вториот круг на претседателските избори, откако на првиот круг во неделата излегоа помалку од 42 отсто од регистрираните гласачи. Партиите анализираат зошто излезноста во супермаркетите била поголема отколку на избирачките места, а власта дојде до заклучок дека тоа е поради разочараноста на граѓаните од работењето, или попрецизно неработењето на одредени функционери, како и поради вработувањата во администрацијата - од браќа и сестри до золви и балдази.

На првиот митинг на кандидатот на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски, по првиот изборен круг, актерот и поранешен директор на МНТ Драган Спасов – Дац на премиерот Зоран Заев симболично му подари токму метла.

„Како првиот и единствениот човек којшто даде оставка од морални причини, имам и морална должност да ја предадам и оваа метла за онаа чистка што треба да се направи“, рече Дац, предавајќи му ја метлата на Заев.

„Дац, благодарам за подарокот, но дали си сигурен дека една метла ќе биде доволна“, праша Пендаровски.

Аплаузот на присутните покажува колку метлата е неопходна. Колку посилен аплауз, толку покисели насмевки од функционерите, кои се прашуваат кој ќе биде изметен.

Киселите насмевки се засилија откако Антикорупциската комисија утврди дека некои функционери си ги сместиле роднините на работни места кои им ги измислиле во администрацијата.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, и градоначалниците на скопските општини, пак, веднаш потоа се фатија за метла и почнаа акција за расчистување на градот. Или не сфатија дека метлата е метафора, или тргнуваат од логиката „или ќе метеш или ќе бидеш изметен“.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова, пак, алудирајќи дека ќе бидат изметени само функционери од третите ешалони, на Твитер праша „од каде смрди рибата“ и оти народот ќе ја испорача метлата на 5 мај.

Таа се пожали дека власта води црна кампања против неа.

„Како да толкувам инаку квалификација од типот албанофоб. За некој како мене тоа е всушност признание за хомофобија, но и за умофобија“, рече таа.

СДСМ ја обвинува Сиљановска – Давкова дека е министер од времето на транзицијата, но заборава да спомне во чија влада таа била министерка.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG