Достапни линкови

Одржлива ли е позицијата- идентитетските теми се на маса, но не се преговара?


Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија

Од официјално Скопје дел од јавноста и опозицијата бара одговор што содржи бугарскиот анекс кој владата во Софија го испратила во ноември. Во Софија, пак, се очекува исходот од посетата на македонскиот специјален претставник Владо Бучковски.

Трет месец по ред македонската и бугарската страна разговараат за отворените прашања поради кои официјална Софија ја блокираше македонската европска интеграција. Анекс на договорот за пријателство Софија испратила во ноември, се дозна деновиве од бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов. Македонската страна, пак, како што информираа од Министерството за надворешни работи, периодов испратила акциски план во Софија.

За низата документи кои двете страни ги разменуваат нема многу детали за тоа што содржат, но црвените линии на двете страни се кажани- за македонската тоа се дека не се преговара за идентитетските прашања. Но македонските власти не кријат дека тие се на маса и дека на нив инсистира Софија, а поинаку ја објаснуваат позицијата дека за нив не се преговара.

„Не се разговара значи дека не се прифаќаат компромиси за тие прашања, а не дека темите не се на маса. Точно, темата е на маса, ФРОНТЕКС не се потпишува со години, со сите безбедносни импликации, преговарачката рамка не се усвои заради јазикот. Така што има друг контекст тоа не се разговара, а тоа е дека тие теми не се предмет на компромиси“, вели Османи во интервју за Радио Слободна Европа.

Одржливоста на позицијата зависи од целта

Колку е одржлива ваквата македонска позиција ако се знае дека Софија инсистира на тоа дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, а дека македонската нација е вештачки создадена по 1944 година?

Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека одржливоста на позицијата, „темата е на маса, но за неа не разговараме“ зависи од која е целта на македонската влада. За мене единствена можна цел е, вели Клековски, да се влезе во унијата но само со сите национални обележја. Тој додава дека врз ова влијае одговорот на прашањето, дали е можно земјава да опстане надвор од ЕУ во случај на долготраен спор.

„За мене одговорот е да, оти во основа, тогаш би тргнале со малку поинаков пристап кон стратегијата и кон тоа што треба да направиме. Прашањето е и дали нашиот политички естаблишмент, и власта и опозицијата може да ги испорача неколкуте основни очекувања на граѓаните без или со ЕУ“, вели Клековски.

Според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ ставот на македонската страна е одржлив оти како што вели никој не би преговарал за такви прашања на какви што инсистира источниот сосед.

„Сепак, мислам дека главното прашање е дали има излез и секако одговорот е дека нема излез, оти за некои прашања не може да се разговара, а и не верувам дека Европската унија нема да дозволи за такви прашања да се разговара долго и да се условува оти ако тоа се случи не верувам дека Србија би ги прифатила сите услови кои на пример Хрватска би ги поставила, така што такви услови може Бугарија да поставува, но не верувам дека реално може да се разговара за нив“, вели Муслиу.

Сличности меѓу спорот со Грција и со Бугарија

Инаку, кога почна проблемот со името во 1992 година, македонската страна имаше позиција за двојна формула и изрично ја одбиваше можноста името да биде сменето и за внатрешна употреба, нешто што се случи во 2017 година, со Преспанскиот договор. До ова дојде по долги години надвор од НАТО, каде што во 2008 година официјална Атина одлучи да ја блокира земјава поради нерешениот проблем, слично како и Бугарија во 2020 година во Европската унија.

Клековски вели дека сличноста во двата спора е што почетно го наметнуваат внатрешни десноориентирани партии- во Грција на Андонис Самарас, во Бугарија на Красимир Каракачанов, но дека има и клучни разлики, како блискоста на двата народа.

„Меѓутоа, фундаменталната разлика е дека Грција не не призна во самиот почеток, а Бугарија не призна како суверена нација, а карактеристика на секоја суверена нација е дека може самостојно да ги уредува внатрешните работи а јазикот и идентитетските прашања се дел од таа сувереност, така што мислам дека почетните позиции на Грција и на Бугарија се малку различни“, вели Клековски.

Инаку, позициите на речиси сите актуелни парламентарни партии во Бугарија е иста за македонското прашање. Тоа го покажа и декларација за напредокот на земјава кон унијата која во 2019 година ја изгласа бугарското собрание со 129 гласа „за“, четири „против“ и еден „воздржан“. Во неа, меѓу другото, се наведува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“ што некои бугарски политичари го толкуваат како прифаќање од Скопје дека историјата е иста, а дека Македонците како нација не постоеле до 1944 година, туку со репресивни методи од тогашната социјалистичка власт биле приморани да се откажат од бугарското потекло.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG