Достапни линкови

Игри за превласт во ИВЗ со политички предзнак


МВР, Владата, Комисијата за верски заедници и политичарите се оградија од настаните и обидите за смена на власта во ИВЗ. Од друга страна, пак, досегашниот Реис Улема Сулејман Реџепи прстот го впери кон политичарите обвинувајќи ги за сеење верски раздор.

Наплата на нерасчистени сметки во Исламската верска заедница или злоупотреба на ИВЗ во изборна кампања за намален цензус во вториот круг е прашањето кое се наметнува по дводневните препирки за нов поглавар.

Од една страна, група верници бараат смена на досегашниот поглавар на оваа втора по големина верска заедница во земјава, поради, како што велат, нечесно трошење на парите на верниците, додека, од друга страна пак, досегашниот поглавар има поддршка од 13-те муфтии кои според верските правила кои стапија на сила со доаѓањето на Реџепи се единствените кои ја имаат моќта да го сменат од таа функција.

Скендер Бузаку, кој тврди дека е новиот поглавар на Исламската верска заедница повикувајќи се на решение на Основниот суд Скопје 2, изјави дека не сакал да создава немири, физички судири и најави дека сите постапки ќе ги водат по институционален пат, а потоа ќе ја преземел функцијата.

Дводневните случувања во седиштето на ИВЗ во период кога се трча вториот круг од претседателската трка и во тек е изборна кампања го наметнуваат прашањето кој има интерес од ваквите настани во исламската верска заедница.

Според дел од аналитичарите, ваквите случувања во ИВЗ може да влијаат и врз бојкот на албанската заедница во вториот круг на претседателските избори, особено по заканата на Поглаварот Сулејман Реџепи дека муслиманскиот политички блок треба да се замисли и дека доколку не ги застапуваат нив нема да сака очите да им ги види. Тој посочи и дека од таа вечер не се повеќе на иста страна со оваа Влада.

„До каде ова не води, политиката е таа што засадува омраза меѓу верските заедници. Го злоупотребија и дедо Стефан да ми напише писмо. Нека му ја мисли тој што прифаќа да биде инструмент во политичките раце“, изјави Реџепи синоќа од исламскиот верски факултет во Кондово каде што се одржа и седницата на Ријасетот за негова поддршка.

Со поддршка се јави и вицепремиерот Бујар Османи кој истакна дека државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира оваа независност и оваа автономија на верските заедници вклучувајќи ја и ИВЗ

„Мојот и ставот на ДУИ за ИВЗ е дека беше скандалозен и срамен чин на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на ИВЗ, изјави Османи.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски изјави дека ова е секуларна држава и оти Владата не се меша во работата на верските заедници.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на прес конференција изјави дека не може да коментира ниту да посочи кој е сега на чело на ИВЗ.

„Ниту сум помислил ниту ќе помислам ниту било кој треба да помисли од политиката да се меша во верските заедници. Тука е прво присутен секуларниот карактер на државата, а второ е тие си имаат свои закони и устави на нивното организирање. Јас ако коментирам кој е актуелниот реис на ИВЗ тогаш јас носам пресуди, но јас не сум ниту повикан ниту можам да коментирам за тоа“, изјави Заев.

Реакции пристигнаа и од опозицијата. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев случувањата во Исламската верска заедница река ги квалификуваат како “скандалозни и недозволиви” и дека најостро ги осудуваат. Според него се работи за директно мешање на државата во верските заедници.

Претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев се огласи на социјалните мрежи.

„Зоран Заев и Мухамед Зекири не можат и не треба да го бираат поглаварот на ИВЗ. ИВЗ има свои тела, органи, свештеници и верници“ вели Ѓорчев на Фејсбук.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека ваквите настани во овој чувствителен период на изборна кампања може да и нанесе штета.

„Од ваквите случувања интерес имаат партиите, повеќе од јасно е дека тука има политички интерес, да се направи раздор меѓу мислиманите од кои условно кажано мнозинство се Албанци, да се разбие единството, во основа да се наруши изборниот процес во земјава затоа што ИВЗ има силно влијание меѓу верниците и повеќе од јасно е дека може да ги насочува верниците да гласаат во една или друга насока“, вели Трајанов.

Кој го вклучи Судот во верските препирки ?

Според решението од Основниот суд Скопје 2, во единствениот судски регистар на верски заедници е запишана промена на Реис Улема по барање на ИВЗ. Во решението е наведено дека претставници на ИВЗ до судот доставиле записник од вонредна седница на Ријасетот на која се одлучувало за разрешување на досегашниот поглавар Сулејман Реџепи, односно се одлучувало за, како што се вели, оставката на Реџепи.

Поранешниот секретар Скендер Бузаку со ова судско решение и помош од полиција пред да влезе вчера во седиштето на ИВЗ изјави дека тој е новиот Реис Улема, односно дека сега тој е шефот.

Досегашниот Реис ул Улема Сулејман Реџепи пак, изјави дека „вакви скандалозни одлуки се случуваат само во дивиот запад, само во една држава во која не функционира правниот систем“.

„Во оваа смисла, потенцираме дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот. Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема на Исламска Верска заедница - Сулејман еф Реџепи, примена на ден 25.03.2019 година Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис Ул Улема и на истата седница за Реис Ул Улема е избран Скендер Бузаку“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 2.

Во продолжение е наведено дека по однос на прашањето дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, велат дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Од таму додаваат дека решението е донесено врз основа на документи кои се со печат од верската заедница и се заведени во нивните книги.

Бузаку пред вчера да влезе во ИВЗ изјави дека веќе побарал и помош од финансиската полиција да изврши проверка на работењето во ИВЗ и обвини за криминал.

Од друга страна на проверки од финансиската полиција како форма на притисок се пожали и Реисот Реџепи.

Но, денеска пристигна демант од Управата за финансиска полиција на тврдењата на Бузаку и на Реџепи.

„Управата за финансиска полиција нема преземено никакви дејствија и активности со цел контролирање на финансиското работење на ИВЗ“, се наведува во соопштението.

Од Управата информираат дека дури денеска примиле писмена пријава со барање за финансиска контрола во ИВЗ.

Кој сака да го смени доживотниот Реис?

Одговорајќи на новинарско прашање Реџепи посочи дека Скендер Бузаку е отпадник од Исламската верска заедница и дека кога тој ќе стане реис нема повеќе да постои ИВЗ.

Дел од верниците со кои разговаравме велат дека во ИВЗ има многу кланови и струи и дека има незадоволство од досегашното раководство. Но тие ни рекоа и дека тие неколкумина кои сакаат да бидат новото раководство на ИВЗ немаат голема поддршка од верниците, затоа што и за нив се шпекулира низ чаршијата дека претходниот бунт во заедницата го кренале со помош на политичари од претходната власт и дека предизвикале финансиски проблеми во скопското муфтиство.

Приказната датира од 2015 година кога во Исламската верска заедница беше воведена вонредна состојба, раководството е отстрането, а за привремен раководител е поставен разрешениот скопски муфтија Ибрахим Шабани, соопштија тогаш неговите приврзаниците на Шабани. Два дена подоцна, Реџепи свика седница на Риасетот при што скопскиот муфтија беше разрешен од функцијата.

И тогаш Реисот обвинуваше дека ИВЗ го окупирале криминалци. Според дел од верниците муслимани, станува збор за истата група на луѓе кои повторно се обидуваат да го сменат Реисот.

Реџепи честопати беше споменуван и од пратениците во Парламентот. Пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири од собраниската говорница обвини дека тој работи нелегално, и дека со помош на калашникови и криминалци станал поглавар и при тоа се назначил за доживотен со промена на верските правилници.

За верниците во оваа ситуација проблем е што слабее верската заедница и стравуваат тој вакум да не го исполнат радикали.

Однесувањето, постапките, навредите, клетвите и говорот на омраза на досегашниот поглавар на ИВЗ Реџепи, честопати го привлекуваше вниманието на јавноста но и на институциите. Тој неодамна беше повикан во обвинителството по претставката на Хелсиншкиот комитет за изјавата во која предизвикува нетрпеливост и исмејување на македонскиот народ. При вчерашниот настап повторно излезе со навреда, овој пат кон судијката која го донела решението за упис на новиот поглавар во единствениот судски регистар за верски заедници.

Во минатото ИВЗ бараше помош од властите во справувањето со радикалните исламисти, потоа ја обвинуваше државата дека е исламофобна оти не и го враќа имотот со денационализација, а имаше и обвинувања дека власта ја фаворизира МПЦ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG