Достапни линкови

Иван Наумовски: Оперската сцена – тоа сум јас!


Иван Наумовски, македонскиот бас баритон по концертот во Лихтенштајн
Иван Наумовски, македонскиот бас баритон по концертот во Лихтенштајн

Творби од класиците Шуман, Хајдн, Брамс и нашите Зоографски, Начевски и Андовска ја чинат програмата на концертот „Песни од патување“ на македонскиот басбаритон со интернационална кариера Иван Наумовски што ќе се одржи утревечер, на 16 јуни во 20 часот, во Музеј на македонската борба во Скопје.

Иван Наумовски е бас баритон. Македонски оперски уметник со интернационална кариера. Еден од оние кои од австриската музичка метропола Виена цели и се искачува на европските и светските подиуми. Со две магистерски титули (за уметничка песна и ораториум) и верба дека најнапред треба да се биде човек, а дури потоа признаен и успешен уметник, тој ги следи стапките на македонските културни херои како Ана Дурловски, Благој Нацовски... за чија уметност од поодамна интернационалната критика пишува со одбрани зборови публиката, а ги слави публиката.

Од друга страна, вртењето на страниците од неговата биографија на виделина ќе ги извади фактите дека е роден 1990 година во Скопје. Дипломирал со највисока оценка „cum laude” на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Марија Муратовска Наумовска, а за своите изведби добитник е на голем број значајни награди и признанија на натпреварите во земјава и во странство. Настапувал со Оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија и учествувал на фестивалите и манифестациите како Охридско лето, Скопско лето и Денови на македонската музика. Посетувал мастер-класи кај еминентни уметници како Хелена Лазарска, Еленор Фалкенбург, Лидија Хорват Дуњко и Бригит Фасбендер.

Згора на тоа членувал и во наградуваниот хор „Драган Шуплевски“ каде раководител е маестро Сашо Татарчевски, а од нашите диригенти соработувал и со Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев и Бисера Чадловска, додека концертниот подиум во рамките на Концертната турнеја низ Македонија го делел и со македонскиот пијанист од светски глас и негов некогашен професор Симон Трпчески.

Разговорот со него, како и оној пред осум години кога беше на Мастер студии на престижната Музичка академија во Грац и стана најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, беше како песна. Како тек на немирна река покрај која уметникот си ја отвори душата и од таму ги сподели своите желби и размисли. Своите чувства и емоции. И, тоа онака како што тоа го прават вистинските. Големите.

Барајќи празен простор во набиениот концертен распоред, Иван Наумовски од Виена, си доаѓа дома за да го одржи концертот „Песни од патувања“ во Музеј на македонската борба во родното Скопје. Како човек кој исправено чекори на европската музичка сцена и стреми кон висините, какво е вашето чувство да се биде овде во Скопје и да се споделува радоста со домашната публика?

Секогаш кога се враќам во Македонија независно дали е тоа за настап, нова средба со публиката, краток одмор, свадба или друга веселба...рационалното се трга на страна и емционалното излегува на површина. Искрено, овде морам да се согласам со маестро Трпчески, инаку мој драг пријател, соработник и поранешен професор, кој знае да каже дека е посебно чувството да се настапува пред македонската публика. Зошто? Затоа што, а овде можам лично да говорам, за мене е едноставно голема привилегија да го правам тоа затоа што реално немам толку често можности да доаѓам тука и да настапувам. И секогаш настапувам на некои концерти којшто имаат поголема тежина. Бев лани на „Охридско лето“, со маестро Трпчески настапивме на Денови на македонска музика со две композиции на Дарија Андовска... и сето тоа додава само уште поголема тежина за јас понапорно да работам и уште повеќе да се дадам. Од друга страна кога си доаѓам овде во Македонија од мене се очекува да бидам на висината на задачата и да бидам уште подобар отколку што сум. Тоа ми е предизвик. Предизвикот мене ми е привилегија и секој предизвик го сфаќам како чекор напред во животот и во професијата и со задоволство го прифаќам.

Ако ова кратко доаѓање е помеѓу две значајни серии концерти во Австрија, колку човек, колку Иван Наумовски треба да биде подготвен за да одговори на задачата онака како што треба. Колку през годиниве успеавте да ја постигнете пожелуваната работна дисциплина за да можете да одговорите на сите предизвици, на сите повици за настап по светот и особено на оној што ќе пристигне од татковината?

Има една народна мисла која вели: Она што нема да те убие, ќе те направи само појак! Сите оние работи кои сам ги правиш кога си надвор од дома, сам се грижиш за себе и немаш апсолутна помош од никого, те прават само појак. Ментално те прават посилен. Физички те прават посилен. И едноставно емотивно созреваш. Сметам дека уште пред неколку години најдов начин за да балансирам помеѓу приватниот живот и професијата и да можам физички и ментално се* да издржам. Во ова шетање натака и навака, јас еве сега едвај најдов десеттина дена за да дојдам тука и да го направам овој концерт, но сметав дека морав да го сторам тоа и дека дури есенцијално е тој да се случи сега. И, тоа искрено ме радува. Благословен и среќен сум што го работам тоа што го сакам, но верувајте за тоа требаат многу и ментално и физички сили затоа што од 18 јуни до 1 јули јас имам секојдневно концерти во Виена. Можеби звучи нескромно, но воопшто не е едноставно сето тоа да се издржи и паралелно едновремено да се работат повеќе програми. И, кога сето тоа ќе се собере ако човек не е ментално и физички здрав за да може да балансира помеѓу професијата и приватниот живот, секогаш да биде одморен, секогаш да има простор за нешто повеќе да направи иако тоа нешто е тешко, тогаш човекот стигнал до една емоционална и ирационална зрелост за да може да се носи со сите предизвици во професијата и во животот што доаѓаат понатака.

Програмата на скопскиот концерт „Песни од патувања“ ја чинат творби на класици и на македонски автори. Колку притоа Наумовски свесно се определи за нив и за тоа до израз да дојде неговиот глас, стилот на интерпретација, сето негово сценско искуство што го собрал низ годиниве наназад?

Пејачите секогаш стратешки мора добро да размислуваат. За нив можам во случајов слободно да говорам. Тие мора посебно добро стратешки да размислуваат кога пред себе имаат рецитал исполнет со песни. Зошто? Затоа што предизвик е да се направи еден рецитал од почеток до крај исполнет со песни од различни автори, песни кои се пеат на различни јазици... и притоа да има една тематска линија која што ќе поврзе во целина. Тоа е едно непишано правило кое го има во земјите на германското говорно подрачје, а кое за жал ние овде и не го имаме во практика толку многу. Јас, пак, како магистер во Виена на најдобриот Универзитет за уметничка песна и ораторим, си го имам тоа правило постојано пред себе и се надевам дека еден ден таа традиција ќе дојде и кај нас. Од почетокот до крајот на композициите во програмата треба да има едно виножито од емоции, но сепак да остане тематиката. Мојата тематика овде е „Песни од патувања“ и искрено многу сакав во неа да се најдат и македонски композиции што би стоеле рамо до рамо со оние на Роберт Шуман, Јозеф Хајдн, Жак Ибер, Ралф Фон Вилијам... Некако го сфатив тоа не како личен предизвик, туку како лична сатисфакција македонските композиции да бидат дел од тој широк спектар на дела. Затоа и убеден сум дека ги најдов вистинските дела од вистинските композитори за да го изведеме овој рецитал со пијанистката Елена Атанасовска Ивановска на највисоко можно ниво. А, тука се делата во кои како тематика се провлекува патувањето, дали физичко, психолошко, ментално... сеедно, како „Параходот“, напишана специјално за мене од професор д-р Горан Начевски, потоа „Марика мома убава“, општо позната песна и една од најпознатите уметнички песни во класичната музика од нашиот композиторски маг Томислав Зоографски која по прв пат ќе ја изведам и концертот ќе го завршам со композицијата „Со маки сум се родил јас“ од професор м-р Дарија Андовска, всушност третата од нејзиниот циклус напишан лани за Деновите на македонска музика, на кои заедно настапивме со маестро Симон Трпчески.

Иван Наумовски со маестро Симон Трпчески и м-р Дарија Андовска на „Денови на македонска музика“

По скопскиот концерт за вас доаѓа еден период на вонредни напори, виенските концерти. Освен овој проект, што е она на што Иван Наумовски ќе се фокусира и на тој начин ќе се обиде да опстои на нагорната линија во својата интернационална кариера?

Мојата ментална поставка на умот е секогаш тука и „статус кво“ состојбата не е опција за мене. Сметам дека стоењето во место е секогаш чекор назад. Лично секогаш сакам да одам чекор напред. Моите слаби страни да ги зајакнам, а моите силни страни да станат уште посилни. Тоа е мојата цел во животот. Мене ми е многу поважно како човек да достигнам едно високо, завидно ниво. Ако го достигнам и како професионалец, затоа што напорно работам и се надевам дека ќе го достигнам, тогаш тоа е само еден плус за мене и би можел еден ден, да кажеме во иднината, самиот да си се удрам по рамо и да кажам: Ете Иван, покрај тоа што си праведен, чесен и добар човек, имаше и доста убава интернационална кариера. Ете тоа ми е битно за мене. Прво да се истакнам, да се потврдам како човек а дури потоа како професионалец. Гете, германскиот маг во поезијата, вели: Ние се раѓаме, но имаме многу тешка задача – да станеме човек. И, јас целам кон тоа.

Иван Наумовски во сцена од операта „Евгениј Онегин“ во продукција на Македонската опера и балет

И овде би сакал да ве прашам што останува за вас како неостварена висина? Каде тоа стреми уметникот Наумовски? Згора, кога да ве очекуваме повторно во Македонија? Какви ви се плановите во догледно време?

Ќе почнам од второто прашање. Планови врзани за македонската уметничка сцена има и полека се развиваат, но лично сега не би сакал ништо да откривам. Тоа ќе го сторам јавно некаде таму во септември, почетокот на октомври... само ќе кажам верувајте многу големи работи ќе се случуваат. И на концертната и на оперската сцена.

И, сега да се вратам на самиот почеток: Оперската сцена – тоа сум јас! Кога ќе застанам на тие даски што значат живот – тоа сум јас. Колку и да сакам рецитално да настапувам, оперската сцена е нешто што ми лежи на срцето. Таму има глума. Таму можеш да бидеш некој сосема друг. Не е толку интимна оперската сцена како концертната, но би сакал во Германија да се искачам на неа. Немам конкретно идеја во кои опери би сакал да пеам, оти јас се* сметам за успех. Не е битно дали че се искачам на помала или поголема оперска сцена, тоа за мене ќе биде успех. Се надевам дека тоа ќе се случи во Виена, градот кој го сметам за својот втор дом. Како и да е, верувајте оперската сцена набргу ќе дојде во мојата кариера и не само таму во белиот свет туку и овде посебно во Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG