Достапни линкови

Зошто толку врева околу германските „леопарди“?


Илустрација - Германскиот тенк „Леопард 2“

Тенковите „Леопард 2“ стануваат се поактуелни во барањата на Украина, но и меѓу државите од НАТО кои поддржуваат испорака на овие оклопни возила како помош за Киев во одбраната од Русија. Но, што е тоа што ги прави овие тенкови толку посебни и барани?

Во исчекување на тешка пролет, Украина помош против руската инвазија бара во германските тенкови „Леопард 2“. Германија е под притисок - треба да даде амин за нејзините тенкови да бидат испорачани во Украина. Со протести пред Бундестагот илјадници граѓани бараа од германската Владата да ги “ослободи леопардите” за помош на Украина. Полска децидна дека и со и без одобрување на Берлин, тенковите ќе ги испратат во Украина, што вчера, на 23 јануари, го изјави и полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Но, што е она што ги прави овие тенкови толку посебни и толку барани?

Архивска фотографија - Тенкови „Леопард 2“ во акција за време на вежбата „Сребрена стрела 2022“ во Латвија
Архивска фотографија - Тенкови „Леопард 2“ во акција за време на вежбата „Сребрена стрела 2022“ во Латвија

„Леопардот“ меѓу тенковите е како голфот меѓу автомобилите

Тенковите “Леопард 2” се сметаат за еден од моделите со најдобри перформанси ширум светот и се широко користени и во Европа.
Според германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, “Леопард 2“ во тенковската индустрија е „како фолксвагеновиот голф во автомобилската индустрија“ - сеопфатен автомобил со светско признание“.
Нивното производство почнало во 1979 година, а до сега се произведени околу 3.500 борбени тенкови. Моделот „Леопард 2“ постојано се усовршува низ годините со нови пософистицирани и помоќни верзии.

Кои држави имаат вакви тенкови?

„Леопард 2“ во воена база во близина на Хановер, Германија
„Леопард 2“ во воена база во близина на Хановер, Германија

Освен Германија, која е производител, уште најмалку 14 земји го користат „Леопард 2“ во различни адаптирани варијанти.

- Германија има околу 320 најнови модели на Леопард, но точната бројка се чува во тајност
- Турција, според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), Турција има вкупно 713 модели на тенкот
- Грција има 853 вакви тенкови, со што е земја која поседува најмногу од овие оклопни возила
- Полска, која сака да и испорача “Леопарди” на Украина, има 247 вакви тенкови.

Покрај овие земји, “Леопарди” поседуваат и Шпанија, Финска, Шведска, Норвешка, Унгарија, Португалија, Данска, Чешка, Словачка.

Карактеристики: Зошто овој тенк е толку добар?

Главното вооружување на „Леопард 2“ е топ со калибар од 120 милиметри и можност за муниција од 42 гранати. Овој модел на тенкови тежи 60 тони, но може да се движи со брзина до 70 километри на час.
Страничниот дел на тенкот е покриен со специјални оклопи за да се зголеми заштитата од проектили и ракетни гранати.

Според достапните технички информации за овој модел, најмногу на Википедија, ефективниот дострел на тенковското оружје е два километри. Неговите гранати можат са пробијат оклоп со дебелина до 450 милиметри.

„Леопард 2“ е опремен и со два митралези, кои се користат како секундарно оружје. Едниот од нив е споен со топот, а другиот е поставен на покривот на тенкот.

Екипажот на тенкот се состои од четири члена и тоа: командант, стрелец, натоварувач и возач. Интересно е што излезот во случај на оштетување на резервоарот се наоѓа на подот зад возачот.

Ова оклопно возило има и опрема за заштита од нуклеарно, биолошко и хемиско оружје.
Исто така, според техничките податоци кои ги има објавено производителот, обезбедена е и „сеопфатна заштита“ за војниците од екипажот од закани како што се мини, противтенковски оган и импровизирани експлозивни направи.

Има ли „Леопарди“ во Македонија?

„Леопард 2А4“ на вежба во Полска
„Леопард 2А4“ на вежба во Полска

Македонија е членка на НАТО која не поседува варијанта на овој тенк.
Во текот на 2001 година, како дел од интервенцијата на НАТО, тенкови од моделот „Леопард 2А4“ беа распоредени на повеќе локации.
Тенковите служеа за заштита на логистичките локации на Бундесвертот во Македонија.

Може ли да се испратат „Леопарди 2“ без амин од Германија?

Земјите кои поседуваат тенкови „Леопард 2“ и нивни верзии, не можат да ги испратат тенковите без одобрение од Германија, бидејќи тие се испорачуваат со германска лиценца.

Сега, во екот на неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина, војна која почна речиси пред една година, Полска изрази подготвеност да испрати 14 вакви тенкови во Украина, како дел од меѓународната коалиција. Финска се произнесе дека не се противи на испораките.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки сугерираше дека Полска ќе ги испрати тенковите во Украина и без согласност на Германија, но сепак ќе испратат и официјално барање до Берлин.

„Ќе побараме такво одобрение, но тоа е секундарно прашање“, изјави Моравјецки при посетата на градот Познањ, во западна Полска.

Дури и ако Полска на крајот не добие одобрение од Берлин, рече тој, тие сакаат да дејствуваат во рамките на мала коалиција.

„Ако Германците не се во оваа коалиција, ние сепак ќе ги преместиме нашите тенкови во Украина заедно со другите“, додаде Моравјецки.

Германија нема да застане на патот на Полска ако сака да испрати тенкови „Леопард“ од германско производство во Украина, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

На барањето за коментар - Што ќе се случи ако Полска испрати тенкови „Лепоард“ без одобрение од Германија - Бербок за француската телевизија „ЛЦИ“ изјави дека прашањето сè уште не е поставено, но дека ако се прашува Берлин - нема да застане на патот.

„Знаеме колку се важни овие тенкови и затоа разговараме за тоа со нашите партнери. Треба да овозможиме спасување човечки животи и ослободување на украинска територија“, додаде Бербок.

Фотографија од протестот во Берлин, Германија, на 20 јануари 2023, на кој беше побарано од германскиот канцелар Олаф Шолц „да ги ослободи леопардите“, односно Германија да дозволи испорака на тенковите „леопард 2“ за Украина како помош против руската инвазија
Фотографија од протестот во Берлин, Германија, на 20 јануари 2023, на кој беше побарано од германскиот канцелар Олаф Шолц „да ги ослободи леопардите“, односно Германија да дозволи испорака на тенковите „леопард 2“ за Украина како помош против руската инвазија

„Ослободете ги леопардите“

Во меѓувреме Германија е под силен дипломатски притисок да донесе одлука за испраќање на овие тенкови во Украина. На меѓународниот самит во петокот, во американската воена база Рамштајн, во југозападна Германија, официјален Берлин одби да донесе одлука дали на Украина ќе и подари тенкови „Леопард 2“, што предизвика растечка фрустрација од Киев и нејзините сојузници.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека сите одлуки за испорака на оружје ќе бидат донесени во координација со сојузниците. Тоа придонесе во петокот илјадници граѓани да се соберат пред Бундестагот во Берлин, во знак на протест поради одложувањата на германската Влада да ѝ испрати тенкови на Украина.

“Ослободете ги леопардите” – гласеше една од пораките на транспарентите на демонстрантите меѓу кои имаше и Украинци, упатена до германскиот канцелар Олаф Шолц.

Може ли „леопардите“ да бидат тригер за нуклеарна војна?

Рускиот амнасадор во САД, Анатолиј Антонов, рече дека Русија ќе возврати ако Украина употреби оружје доставено од Запад за да ја таргетира Русија или полуостровот Крим.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега висок функционер во едно од највисоките руски безбедносни тела, предупреди дека континуираната поддршка на Запад за Украина може да доведе до нуклеарна војна.

Подготвила: Тамара Дичоска

XS
SM
MD
LG