Достапни линкови

Зошто и покрај големите санкции руската невработеност е на најниско ниво


Вработен проверува автомобил Аурус Сенат на склопување во фабриката за производство на Аурус во градот Јелабуга во Руската Република Татарстан

Западот воведе казнени санкции за руската економија бидејќи стотици странски фирми ја напуштаат земјата. Па, зошто руската невработеност е на минимум? Тод Принс

На прв поглед, стапката на невработеност во Русија едноставно нема смисла. Западните земји воведоа огромни финансиски и технолошки санкции кон Русија, погодувајќи низа економски сектори од производство на автомобили и информатичка технологија до патувања и туркајќи ја нацијата во рецесија.

Во исто време, голем број западни компании кои вработуваа стотици, а во некои случаи и илјадници руски граѓани се повлекоа во знак на протест против инвазијата врз Украина.

И покрај тешките економски ветрови, руската невработеност падна на постсоветскиот минимум од само 3,9 проценти во мај - далеку под просекот на Европската унија и не многу над американската бројка од 3,6 проценти - и остана на истото ниво во јуни.

Забраната на ЕУ за рускиот јаглен ќе стапи во сила на полноќ

Со оглед на големиот број докази дека владата на претседателот Владимир Путин ги фалсификувала изборните резултати, може да се претпостави дека и кога станува збор за стапката на невработеност во Русија, постои значително преклопување помеѓу лагите и статистиката.

Но, додека малкумина експерти веруваат дека официјалните бројки за невработеноста во Русија се веродостојни, многумина велат дека главното објаснување за ниската стапка не е сомнителна статистика.

Наместо тоа, тврдат тие, тоа е комбинација од надолни демографски трендови и долгогодишно искуство во справувањето со економските пресврти.

Масовниот егзодус на работоспособните луѓе од Русија по инвазијата врз Украина во февруари, големиот дел од работните места на мигрантите од Централна Азија и зголемената побарувачка за луѓе за војната во која пониските западни проценки за руските смртни случаи надминуваат 15.000 – исто така играат значајна улога во намалувањето на невработеноста.

Губењето на работните места се очекува да се зголеми почнувајќи од есента, бидејќи сезонската работа во земјоделството, градежништвото и туризмот се намалува, а рецесијата предизвикана од санкциите се продлабочува.

Но, сепак се прогнозира дека годината невработеноста ќе биде пониска отколку во многу европски земји и ќе остане стабилна следната година бидејќи овие трендови продолжуваат да се развиваат.

„Факт е дека Кремљ, работодавците и луѓето се добро навикнати на економската криза“, изјави за РСЕ Крис Вифер, основач на консултантската група „Макро-советодавност“, додавајќи: „Постои добро развиен систем на вработување и социјална поддршка и ја одржува невработеноста на ниско ниво“.

Русија богата со ресурси доживеа голем економски бум за време на првите два мандата на Путин од 2000 до 2008 година, поттикнат од високите светски цени на нафтата и гасот.

Турција двојно го зголеми увозот на нафта од Русија

Оттогаш, земјата се соочи со четири периоди на економски турбуленции како резултат на низа причини: глобалната финансиска криза од 2008-2009 година; првиот круг на санкции од Западот поради руската агресија врз Украина во 2014 година, како и остриот пад на цените на енергијата; пандемијата на ковид-19 во 2020 година и големата инвазија врз Украина на 24 февруари.

„Со секој шок, владата стекнува искуство во справувањето со проблемите со потенцијалните политички последици, вклучително и невработеноста. Државните власти се ласерски фокусирани врз проектирање работни места за одржување на социјалната стабилност, особено во далечните градови во кои доминира еден работодавач или неколку претпријатија, вели Вифер, наведувајќи:

„Кремљ отсекогаш се плашеше од невработеноста во сиромашните региони и секогаш се движеше брзо за да ги заштити работните места и да ги субвенционира работодавците“, рече тој.

Ударот на санкциите

Западните земји во голема мера ја отсекоа Русија од нивните финансиски пазари и технолошкиот сектор по инвазијата врз Украина, осакатувајќи некои компании - барем на почетокот - кои зависеа од увозот за производство.

Руската автомобилска индустрија, која вработува стотици илјади луѓе, вклучително и работници во компаниите за снабдување, речиси запре во мај поради забраната за увоз на делови од Западот, при што производството падна за повеќе од 90 насто.

Градежните работници работат на скелиња во руската престолнина со зградата на државниот универзитет во Москва во позадина. (фотографија од датотека)
Градежните работници работат на скелиња во руската престолнина со зградата на државниот универзитет во Москва во позадина. (фотографија од датотека)

Во интервју на 15 август министерот за труд Антон Котјаков рече дека владата презеде акција за да им помогне на компаниите додека бараат нови добавувачи, вклучително и понуда за реструктуирање на долгот, одложување на буџетските плаќања и програми за секторска поддршка.

„Колку ќе биде висока стапката на невработеност ќе зависи од тоа колку брзо руските компании ќе можат да најдат алтернативи за стоките испорачувани од Запад и западните пазари“, рече тој, појаснувајќи: „Владата ги субвенционира компаниите да вработуваат луѓе, помага да се преместат работниците од компании кои се борат во здрави компании и ги зголемува програмите за обука, а работните групи на федерално и регионално ниво се одржуваат неделно за да разговараат за состојбата на трудот“.

Русија ќе ги проширува односите со Северна Кореја

Тој смета дека владата ја зголемила својата способност внимателно да ги следи секторите и регионите за време на кризата со ковид-19, кога високата невработеност беше и закана.

Во меѓувреме, државата, исто така, се обидува да управува со ефектите од егзодусот на странските компании со голема локална работна сила за да обезбеди минимална загуба на работни места. Тоа создаде пречки да ги обесхрабри тие фирми да отпуштаат работници, а многумина - наведувајќи ја загриженоста за нивните руски вработени - продолжија да им плаќаат на тие работници.

Мекдоналдс со седиште во САД, кој имаше 62.000 вработени во Русија, го продаде својот бизнис на сибирски претприемач со клаузула дека новиот сопственик ќе ги задржи работниците најмалку две години под слични услови.

„Ако Мекдоналдс некогаш сака да се врати во Русија, ќе му биде помогнато затоа што ги заштити работните места“, вели Вифер.

Во извештајот од јуни, Центарот за стратешки истражувања, тинк-тенк за јавна политика со седиште во Москва, процени дека 350.000 луѓе - или околу 0,5 проценти од сите работници - биле вработени во странски фирми кои или ги прекинале или ги ограничиле своите операции во Русија.

„Странскиот бизнис директно сочинува 2 до 3 насто од работните места во руската економија и, всушност, не е критично важен работодавач на национално ниво“, се вели во извештајот. Економистите сега очекуваат руската невработеност да ја заврши годината на 5,6 насто, што е помалку од претходната прогноза од 6,5 проценти, според истражувањето спроведено од централната банка на нацијата во јули.

Министерот за економија Максим Решетников предупреди да не се „драматизира“ очекуваното зголемување на невработеноста подоцна оваа година, велејќи дека „ситуацијата е контролирана“.

Неговото министерство сега предвидува дека приходите од извоз на енергија ќе се зголемат за 100 милијарди долари оваа година, давајќи ѝ на владата поголема моќ да им помогне на компаниите да се справат со санкциите.

Демографски пад

Иако ниската стапка на невработеност е добра за владата, бројките се поткрепени со лоши вести за Русија: сите напори на државата да ги задржи луѓето на работа е негативен демографски тренд кој само се продлабочи со војната.

Русија има работоспособно население од околу 75 милиони луѓе, од кои околу 3 милиони моментално се невработени. Но, нејзината работна сила се намалува за помеѓу 500.000 до еден милион годишно, бидејќи бројот на луѓе кои се пензионираат ги надминува оние што влегуваат на пазарот на труд, проценуваат експертите.

Тој феномен во голема мера се должи на остриот пад на раѓањата во 1990-тите и раните 2000-ти, делумно предизвикан од економскиот пресврт што го следеше распадот на Советскиот Сојуз. Едноставно, помалку луѓе значи помалку луѓе без работа.

„Неповолниот демографски тренд, со помалку нови учесници во работната сила, навистина игра голема улога во општата затегнатост на рускиот пазар на труд“, изјави за РСЕ Татјана Орлова, аналитичар во „Оксфорд економикс“.

Русија, исто така, губи сè поголем број работоспособни луѓе поради емиграцијата во услови на зголемена репресија на политичките слободи и мрачните изгледи за економски раст. Емиграцијата само се забрза по инвазијата врз Украина. Кон крајот на март, Руската асоцијација за електронски комуникации процени дека дури 70.000 ИТ работници ја напуштиле земјата во месецот по инвазијата и предупреди дека уште 100.000 би можеле да ги следат.

За да го спречи одливот на квалификувани работници, Путин потпиша неколку економски мерки, вклучувајќи тригодишен даночен одмор и субвенционирани заеми за ИТ компаниите. Тој, исто така, одобри субвенционирани хипотеки за ИТ работниците и им одобри откажување од армиска служба на сите технолошки експерти.

Со Русија, ама не сосема: Кина и украинската војна

Друг аспект на рускиот пазар на труд кој го спречува скокот на официјалната невработеност е широката употреба на мигранти од Централна Азија. Тие служат како еден вид вентил за притисок за рускиот пазар на труд - кога времињата се тешки, тие се меѓу првите кои ќе ги загубат своите работни места.

„Русија има дури 10 милиони работници мигранти, што претставува речиси еден од осум работници“, рече Вифер. Многу од нив се вработени во градежништвото, транспортот и малопродажбата, сектори кои имаат тенденција да бидат тешко погодени кога економијата се намалува.

Градови компании

Руската инвазија врз Украина исто така одведува десетици илјади граѓани, повеќето мажи, надвор од пазарот на трудот, вклучително и од региони каде невработеноста традиционално е висока, како што е Северен Кавказ.

Орлова вели дека руската економија се карактеризира со нерамномерна распределба на нивоата на невработеност, со силни градски пазари на труд и региони како Северен Кавказ кои страдаат.

Руската економија се карактеризира и со голема државна - или пријателска на државата - сопственост и плејада на градови од една компанија кои влијаат врз трендовите на вработување.

Околу 40 насто од Русите се вработени во јавната администрација, државните компании или приватни компании чии сопственици имаат блиски владини врски и сите не сакаат да го намалат бројот на вработени во тешки времиња.

Истото важи и за сопствениците на претпријатија кои доминираат во таканаречените „моноградови“ каде што една компанија е главен извор на работни места.

„Во моноградовите, каде што една голема фабрика е најголемиот работодавец, сопствениците на фабриката ќе размислат двапати пред да отпуштат работници. Тие може да го намалат работното време или да ги намалат платите, но не и да отпуштаат, бидејќи тоа ќе ја налути владата“, вели Орлова.

Според Вифер, кога ќе помине кризата, работодавците треба да ги вратат претходните плати и да ја надоместат изгубената плата. „Сите го прифаќаат системот“, рече тој. Но, не е само владиниот притисок што ги тера приватните сопственици да не сакаат да го намалат бројот на вработени: недостатокот на квалификувани работници е главен фактор.

„Ако една компанија дозволи квалификувани работници да одат во тешки времиња, можеби нема да може да ги врати кога економијата ќе заживее. Русија нема проблем со невработеноста, има проблем со недостиг на работници, проблем со недостиг на вештини“, оценува Вифер.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG