Достапни линкови

Зелена оаза во Дубаи – Населба со нула емисија на гасови


Одржлив град во Дубаи

На 20 километри од центарот на Дубаи е изграден мал град, кој има за цел да стане зелена оаза во пустината. Населбата има за цел да ја произведува целата енергија што им е потребна од обновливи извори.

Ограден со ѕид од дрвја, на околу 20 километри од висококатниците во центарот на Дубаи, лежи мала населба со соларно напојување која има за цел да стане зелена оаза во пустината, пишува Ројтерс.

Познат по своите сјајни облакодери, трговските центри со климатизација и објекти за скијање во затворен простор, Дубаи одамна е спротивност на еколошката одржливост.

Но, Обединетите Арапски Емирати планираат да ја променат таа репутација, со низа проекти насочени кон тоа повеќе од 40 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори и да се намали потрошувачката за исто толку проценти до 2050 година.

Приватната населба „Одржлив град“ во 2016 беше отворена за првите жители и е дизајнирана да троши помалку енергија и вода.

Составена е од 500 вили во кои живеат речиси 3.000 луѓе, но има и комерцијален простор и џамија. Населбата има за цел да ја произведува целата енергија што им е потребна од обновливи извори.

„Одржливиот град е жива лабораторија за тестирање на идните технологии и решенија“, вели Карим Ел-Џиср, раководител на Институтот СЕЕ, истражувачки центар на компанијата Дајмонд девелоперс, која го изгради градот.

Тој вели дека кога започнале со проектот пред шест години им се чинело како сон.

„Денес веќе не е тешко, утре сите ќе треба да го сторат тоа“, додаде тој.

Ова населба е само една од неколкуте во регионот кои имаат за цел да послужат како модел за еколошко живеење на Блискиот Исток.

Зелена пустина

Според истражувањата на Светскиот институт за ресурси, куќите, канцелариите и другите згради се одговорни за емисијата на околу 40 отсто од стакленичките гасовите кои ја загреваат Земјата. Овој проблем е особено изразен за Обединетите Арапски Емирати, вели Ема Стјуарт, која ја води програмата за урбана ефикасност и клима на Светскиот институт.

Околу 75 отсто од целата електрична енергија произведена во Обединетите Арапски Емирати се користи главно за климатизација на зградите во жешките летни месеци, вели Стјуарт.

„Тие имаат огромна потреба за ладење за да му биде удобно на населението“, вели таа во телефонска изјава.

Во Одржливиот град, жителите по улиците се движат со велосипеди или со мали електрични автомобили под сенката на палмите меѓу белите куќи. Во најголем дел од областа автомобилите се забранети.

На кровот на сите згради и паркинзи има соларните панели, а енергијата што ја произведуваат се пушта во електричната мрежа, со што им се овозможува на жителите да ја плаќаат само разлика помеѓу она што го произведуваат и трошат, вели инвеститорот.

Станбените единици се така направени да избегнуваат директна изложеност на сонце. Обоени се во боја што ги рефлектира сончевите зраци, а отпадните води се рециклираат и се користат за наводнување на зелените површини, рече Ел-Џиср за време на посетата на локацијата.

Дете си игра пред една од куќите во Одржливиот град
Дете си игра пред една од куќите во Одржливиот град

Една од жителките на населбата, Белинда Боисон, изјави дека за изнајмување на куќата плаќа повеќе отколку што е просекот во Дубаи, но дека покрај одржливоста, просторот ѝ нуди и удобна околина за семејството и чувство за заедница, што ретко се среќава меѓу високите згради во Дубаи.

„[Децата] можат да си играат надвор без да се грижам дека мојата ќерка ќе ја удри автомобил“, рече 46-годишната Боисон, која е од Јужна Африка.

Ова е прва ваква населба во регионот, кој се соочува со екстремни горештини, суши и покачување на нивото на морето, која е целосно оперативна.

Во соседниот Абу Даби, државно спонзорираниот Масдар Сити, беше прогласен за прв град без емисии на гасови во кој треба да живеат 50 илјади луѓе, но по почетокот на градбата во 2008 година, сè уште не е довршен и ретко населен. Слични градови се градат и во Катар и во Оман.

Ова се добри проекти за тестирање, но нема магичен куршум против глобалното затоплување, вели Алесандро Мелис, професор по архитектура на универзитетот Портсмут.

„Ова се добри експерименти кои може да ни кажат многу работи, но во овој момент е поважно да се фокусираме на тоа како да го трансформираме урбаната композиција што ја имаме“, вели тој.

Во септември, Обединетите Арапски Емирати најавија дека до 2030 година сите нови згради нема да произведуваат повеќе емисии од оние што може да ги апсорбираат, а оти сите постојни згради ќе ја постигнат таа цел до 2050 години, ветувањето, кое според Мелис, е амбициозно, но технички изводливо.

Ако група пустински Емирати може да најдат начин да бидат зелени, тоа може да биде моќен пример за другите градови.

XS
SM
MD
LG