Достапни линкови

Заедничка богослужба во Цариград, МПЦ-ОА чека автокефалност


Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија, Партијархот Вартоломеј и Архиепископот Стефан одржаа заедничка богослужба. Г. Г Стефан литургијата ја водеше на македонски јазик. На службата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Тој на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш"

Овој настан е доказ за големината на дарот на Мајката црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет, рече Патријархот Вартоломеј на крајот на заедничката богослужба со Архиепископот Охридски Стефан во храмот „Св. Георгиј“ во Истанбул.

Патријархот на крајот на литургијата одржа беседа на грчки јазик во која се заблагодари за присуството на премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите и соработниците и на верниците, кои, како што рече, го наполнија Храмот и му дадоа друга димензија на празникот.

Архиепископот Стефан во говорот до Вселенскиот Патријарх рече дека на Партијархот добро му е познат копнежот на МПЦ-ОА да ја Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.

„Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. “, рече меѓу другото г.г Стефан.

Архиепископот Стефан рече дека „упорно ќе работат на свое издигнување и ќе ја чекаат радосната објава на Великата црква.

Делот од литургијата што ја водеше Архиепископот Стефан беше на македонски јазик.

Архиепископот г.г. Стефан
Архиепископот г.г. Стефан

На литургијата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, пратеници и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.

Премиерот Ковачевски за време на литургијата ги прочита на македонски јазик Симболот на верата и молитвата „Оче наш“.
По заедничката Литургија ќе се одржи и Вечерна богослужба која се служи само еднаш во годината по повод денешниот празник Педесетница – Слегување на Светиот Дух.

Во четвртокот вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај.

Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, како што минатата недела изјави митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Премиерот Ковачевски оцени дека „денес е голем историски ден“, тој верува дека канонското единство ќе биде крунисано и со издавање на томос од страна на Вселенската патријаршија.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук напиша дека „денес се извојува важен ден МПЦ-ОА“.

„Силна и интегрирана Црква е прилог кон стабилноста и долговечноста на нашата Македонија!“, напиша Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG