Достапни линкови

Жесток руски воздушен напад врз Киев


Киев, 16.05.2023 - Последици од рускиот воздушен напад врз Киев
Киев, 16.05.2023 - Последици од рускиот воздушен напад врз Киев

Русија извршила „исклучително жестока“ серија напади со беспилотни летала во текот на ноќта врз Киев, кои во голема мера биле одбиени од украинската противвоздушна одбрана, соопштија украинските власти рано на 16-ти мај.

Москва се чини дека ги засилува своите воздушни напади на повеќе локации во источниот регион на Доњецк. каде со месеци се водат најтешките борби.

Зголемувањето на руската воздушна активност дојде во време на очекувањата за долгоочекуваната украинска контраофанзива кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ја заврши европската турнеја што резултираше со повеќе ветувања за воена поддршка од сојузниците во Рим, Берлин, Париз и Лондон.

Серхи Попко, шефот на воената администрација на главниот град, рече дека нападот со беспилотни летала, осми врз Киев од почетокот на овој месец, бил „исклучителен по својата жестокост“, вклучувајќи максимален број беспилотни летала во краток временски период.

Попко рече дека нападот бил неуспешен, бидејќи повеќето од беспилотните летала биле „идентификувани и уништени“ од украинската противвоздушна одбрана.


Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм напиша дека за време на нападот се ранети три лица.

Одделно, Русија во текот на ноќта лансираше најмалку 18 проектили, главно од воздух, врз различни цели во Украина, но сите беа соборени од украинската противвоздушна одбрана, објави Командата на воздухопловните сили на 16 мај.

Се наведува дека нападот бил тристран, доаѓал од север, југ и исток и започнал во 03:30 часот по локално време.

„Сите проектили се уништени од воздушната одбрана“, се вели во соопштението.

Продолжуваат битките во реонот на Бахмут

По должината на линијата на фронтот во Доњецк, во изминатите 24 часа се регистрирани 48 воздушни напади, соопшти Генералштабот на украинската војска во дневниот извештај на 16 мај.

Војската соопшти дека Бахмут, Авдијивка и Маринка продолжиле да бидат сцена на најжестоките борби во Доњецк, каде што се имало 49 борбени операции во изминатите 48 часа.

На 15 мај, четворица цивили беа убиени во руски ракетен напад врз болницата во Авдијивка, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко.


Висок украински командант на 15 мај рече дека неговите копнени сили докажале дека биле способни да ги победат руските сили во Бахмут.

„Одбраната на Бахмут продолжува и последните денови покажаа дека Украина може да оди напред и да се спротивстави на руските сили таму“, изјави генерал-полковник Олександр Сирскиј.

„Напредокот на нашите војници долж правецот Бахмут е првата успешна офанзивна операција во одбраната на градот“, рече Сирскиј.

„Последните неколку дена покажаа дека можеме да одиме напред и да го уништиме непријателот дури и во такви исклучително тешки услови“, додаде тој. „Операцијата за одбрана на Бахмут продолжува.

Зеленски задоволен од европската турнеја

Зеленски на 15 мај во видеото снимено во возот додека се враќаше во Киев од европската турнеја, рече дека се враќа со нови одбранбени пакети, вклучувајќи „повеќе муниција, посилно оружје за фронтот, поголема заштита за нашиот народ, поголема политичка поддршка“.

Зеленски и британскиот премиер Риши Сунак на 15 мај во Лондон разговараа за борбени авиони и обучување украински пилоти на модерни воени авиони, што според него е многу важно бидејќи Украина во моментов не може да го контролира небото.

Украина претходно ја покрена идејата за коалиција со борбени авиони и ги притисна САД да се приклучат.


Зеленски рече дека по неговата посета со европските лидери се чувствува „исклучително позитивно“ за шансите за формирање на коалицијата и рече дека ќе има „важни одлуки“ во блиска иднина.

Во своето ноќно видео обраќање, Зеленски рече дека Британија и Полска се согласиле да се приклучат на коалицијата.

„Британија - да. Полска - да. И сигурен сум дека Франција и другите партнери ќе се придружат“, рече тој во видеото.

Францускиот претседател Емануел Макрон подоцна во интервју рече дека Франција е отворена за обука на пилоти на украински борбени авиони во Франција и дека тие програми за обука би можеле да започнат веднаш.

Повеќето западни земји, вклучително и САД, се спротивставија на барањата на Украина за борбени авиони поради загриженоста за ескалација на војната.

Украинскиот претседател ги посети Лондон на 15 мај, Берлин и Париз на 14 мај и Рим на 13 мај. Берлин вети нов одбранбен пакет од 2,7 милијарди евра (3 милијарди американски долари) - најголем од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

XS
SM
MD
LG