Достапни линкови

Европската Унија размислува да даде „зелено светло“ за лекот ремдесивир


Шишенце со лекот ремдесивир
Шишенце со лекот ремдесивир

Лекот досега е одобрен за официјална употреба само во Јапонија. Ремдесивир се користи кај пациенти со тешка клиничка слика и сè уште не е официјално одбрен ниту во САД ниту во ЕУ.

Европската Унија деновиве треба да донесе одлука дали ќе одобри за употреба лекот ремдесивир како третман за заболените од Ковид-19.

Првиот човек на Европската здравствена агенција Гвидо Раси на состанокот на Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна истакна дека можно е да биде издадено одобрение за користење на овој лек кој го произведува фармацевстската компанија Гилиад од САД.

Експерименталниот лек сè уште не е одобрен за широка употреба ниту од Агенцијата храна и лекови во САД туку таа издаде дозвола за употреба на ремдесивир само во итни случаи.

Тој се користи за третман на пациенти кои имаат потврдено дека се заразени со САРС-КоВ-2 и кои имаат тешки симптоми на Ковид-19. Агенцијата за храна и лекови даде авторизација за третман на пациенти кои се во болница на почетокот на месец мај.

„Можно е да дадеме условено одобрение за употреба на лекот. Ние сè уште го немаме одобрено, туку само издадовме насоки за употреба во одредени случаи уште пред тој да биде официјално одобрен“, појасни Раси на сослушувањето во Европскиот Парламент, пренесува Ројтерс.

Условената употреба на лекот ремдесивир ќе значи дека тој ќе може да се користи една година во 27те земји членки на ЕУ без потребните податоци за неговата ефикасност и евентуални несакани последици.

Ова се прави до цел да се обезбеди одреден третман кој ќе биде ограничен додека агенцијата работи на откривање на сите предности и недостатоци на лекот, велат од таму.

Покрај за можното одобрение на ремдесивир, Раси ги информирал европарламентарците и за употребата на други лекови за третман на Ковид-19 кои би можеле набрзо да бидат достапни. Станува збор за лекови кои се базираат на моноклонарни антитела кои можат да го „неутрализираат“ коронавирусот.

Што претставува лекот ремдесивир?

Ремдесивир е антивирусен лек кој сè уште се истражува како третман за Ковид-19. Тој е одобрен за третман само на пациенти со тешки последици од Ковид-19.

Како тешки последици се наведуваат пациенти кои се кислородна поддршка, на кои им е потребен кислород или кои се приклучени на механичка вентилација.

Лекот се прима преку инјектирање во вена.

Како што наведуваат од Гилиад, компанијата што го произведува лекот, ремдесивир сè уште се испитува и не се познати сите несакани ефекти кои може да ги има лекот.

„Пациентите кои го примаат лекот треба да имаат соодветен клинички и лабораториски надзор со цел рано откривање на какви било несакани последици“, наведуваат од компанијата.

Ремдесивир е дизајниран за лекување на хепатитис, респираторни вируси и ебола.

Во какви случаи се употребува лекот?

Европската здравствена агенција дозволи ограничена и строго контролирана употреба на лекот ремдесивир за пациенти кои се на механичка вентилација, но од средината на месецов ја прошири употребата и за други пациенти кои во болнички услови се третираат од Ковид-19.

„Проширената препорака за употреба на лекот е донесена врз основа на резултати од студија од Националниот институт за алергии и инфективни болести од САД која покажува дека ремдесивир има позитивни ефекти во третманот на пациенти со потешки симптоми на Ковид-19“, се наведува во соопштение на Европската здравствена агенција.

Дополнително, се разгледуваат и опциите за намалување на третманот со лекот од 10 на 5 денови. Според испитувањата, пациентите кои не се на механичка вентилација а кои го примале лекот покажуваат добри резултати во заздравувањето и неговиот ефект не се намалува.

Поради тоа, како што наведуваат од Европската здравствена агенција, намалување на третманот ќе значи дека повеќе пациенти ќе можат да го добиваат овој лек.

Доколку кај пациентите со потешка слика лекот не даде резултати за пет дена, третманот ќе биде продолжен на десет дена, стои во соопштението.

Досега само Јапонија официјално го одобри лекот ремдесивир за третман на пациенти болни од Ковид-19, информираше јапонското министерството за здравство на почетокот на овој месец.

Како што информираат од министерството, лекот од 11 мај веќе е дистрибуиран во болниците низ Јапонија и тој е достапен за пациенти на интензивна нега и на механичка вентилација.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG