Достапни линкови

Преговорите со ЕУ на дофат, но најпрвин да се победи коронавирусот


Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, објави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Министрите на ЕУ го дадоа долгоочекувано зелено светло за да започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија за членство во Европската унија.

„Добра вест во овие мрачни времиња. Честитаме на Тирана + Скопје, заслужено е“, објави германскиот државен секретар за европски прашања Мајкл Рот на Твитер, нарекувајќи ја одлуката двојна победа - и за ЕУ и Западен Балкан.

Речиси во исто време на Твитер се огласи и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

„Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша Вархеји, додавајќи дека тоа, според него, е гласна и јасна порака до Западен Балкан.

„Вашата иднина е во ЕУ“, напиша еврокомесарот.

Спасовски: Да се израдуваме и да ѝ се вратиме на борбата со коронавирусот

Веста од Брисел ја потврдија на заедничка прес-конференција и премиерот Оливер Спасовски, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

„Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство со Бугарија немаше да го постигнеме ова. Денеска може да бидеме горди. Да се израдуваме и пак да се вратиме а борбата со коронавирусот“, рече Спасовски, кој додаде дека должината на преговорите и зачленувањето во ЕУ ќе зависи од сите нас.

Вицепремиерот Османи и министерот Димитров најавија скорешно закажување и на првата меѓувладина конференција.

„Од срце ви честитам за успехот. Ние и вие ја одработивме и заслуживме шансата, работевме со опструкции одвнатре и однадвор, но НАТО и ЕУ се ралност и Ви се заблагодаруваме Вам, на граѓаните, отворивме нова перспектива за идните поколенија. Сега од нас ќе зависи колку брзо ќе го минеме патот до полноправно членство во ЕУ“, рече Димитров.

Северна Македонија 15 години чека датум за преговори со ЕУ, а дел од пречките беа спорот за името со Грција, што беше решен со Преспанскиот договор, како и односите со Бугарија, што беше регулирано со Договорот за пријателство. Лани во октомври, кога се очекуваше позитивен одговор од Брисел, Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговори со ЕУ. Одлуката за недобивање датум Унијата ја донесе по барање на некои земји членки, како Франција, за да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија. На самитот во октомври минатата година, Европскиот Совет заклучи дека ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ- Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.

Последниот збор го имаат лидерите на ЕУ

Оваа одлука на ЕУ министрите, треба да ја одобрат и лидерите на ЕУ, односно премиерите и претседателите на државите членки на Унијата, на состанокот 26 и 27 март, кој поради коронавирусот ќе биде во форма на видео - конференција на која ќе расправаат за мерките за справување со Ковид пандемијата. Се очекува на овој виртуелен самит лидерите да излезат со декларација со која легално ќе се овозможи усвојување на заклучоците за пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, на Фејсбук напиша дека Северна Македонија почнува преговори за членство во ЕУ: Нема веќе никакви пречки ниту услови. Честитки граѓани, како што успеавме да се кренеме на патот до НАТО и ЕУ, така заедно ќе се справиме и со заразата која го напаѓа светот!“.

XS
SM
MD
LG